Линкови за пристапност

Љубов и топлина за децата од скопските улици


„Дневниот центар за деца на улица“ ги оттргнува децата од улицата и ги внесува во безбедна средина

„Дневниот центар дечињата нe само што го доживуваат како нивен центар, туку, неретко го поистоветуваат и со нивен, личен дом и нов свет: помирен, поспокоен, каде има топол збор, утеха, разбирање, насмевки... Чувството да се помага во вистинска смисла на зборот на најранливата категорија на дечиња секое утро ме исполнува и охрабрува да продолжам да работам“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Ирена Велкоска, координаторка на Дневниот центар за деца на улица, лоциран во скопската населба Шуто Оризари, во која жителите се главно од ромска националност.

Невладината организација Здружение за заштита на правата на детето, која минатата година ja одбележа 15-годишнината од постоењето, од 2006-тата година го развива Едукативниот забавен дневен детски центар за деца на улица, формиран со имплементирање на Проектот за развој на општините, поддржан од Светска Банка.

Функциите на Едукативно – забавниот дневен детски центар за деца на улица се остваруваат преку непосредна и посредна работа со децата на улица и нивните семејства, а за остварување на целосна грижа и заштита, Центарот соработува со локалната заедница, но и со инситутцците на централната власт, министерствата, како и со градинките, училиштата, здравствените институции и невладините организации.

Дневниот центар обезбедува пред сé, дневна грижа за децата Роми, така што во текот на денот ги оттргнува од улица, ги внесува во безбедна средина исполнета со активности што го помагаат нивниот детски раст и развој. Во изминатите три години, низ Центарот поминале вкупно 242 деца. Од 105-те деца, на возраст од 4-17 години, кои се сега вклучени во активностите на Центарот, 88 деца се вклучени во редовниот образовен процес. Во зависност од потребите на секое дете, тие во Центарот остануваат една година, а по проценка на тимот и повеќе. Центарот се отворен секој работен ден до 16 часот, и во работата со децата е вклучен стручен тим од социјален работник, психолог, педагог и одделенски наставник.

Децата се од семејства со тешка материјална положба, живеат во населбата Шуто Оризари (со исклучок на деца од четири семејства кои живеат во импровизирани живеалишта на други локации) и имаат речиси идентично социјално опкружување: потекнуваат од дисфункционални семејства без соодветна родителска грижа, со забележана воспитна и едукативна запуштеност и социјално-емоционални проблеми. Дел од децата не се ни пријавени во матичните книги на родени, па немаат здравствена документација и не им е овозможено добивање соодветна здравствена нега и заштита.

Во Центарот децата се вклучуваат во интерактивна работа во совладување на образовни содржини, во градење на воспитни навики, во развој на креативните способности. Во работата со нив се вклучуваат и домашни и волонтери од странство, кои изготвуваат специјални содржини за децата: за развој во музиката, изработување оригами, цртање, спортски активности....

Центарот посредува со социјалните и правни служби, прави обиди за спречување на младинско-детски бракови, а на децата им се овозможува и обука за комуникациски вештини. Дел од активностите на Центарот со децата и со нивните семејства, е насочен и кон давање помош и подршка за време на нивното барање работа, и по вработувањето.

Според координаторката Велкоска, покрај ентузијазмот на луѓето кои им помагаат на децата, неопходна е и континуирана финансиска поддршка за активностите на Центарот. „Во неколку наврати сме биле на работ од затварање на Дневниот центар поради финансиски причини, но водени од интереси и потребите на децата, издржавме во работата. Меѓу останатите, ни помогна и компанијата Тинекс, која од мај 2010 година во континуитет финансиски го поддржува Дневниот центар. Со нивната поддршка од 60.000 денари месечно, го плаќаме надоместот за кирија за просторот, за ужина и топол напиток - чај, млеко, за хигиенски средства“.
XS
SM
MD
LG