Линкови за пристапност

Македонија: Загадувањето бавно се намалува


Граѓаните на Тетово, уморни од чекање на владата да преземе нешто, најавија протести

Ни слабиот ветер, ни целодневниот дожд, не ја поправија сликата за загаденоста на воздухот во македонската престолнина, но и во Тетово, Битола, Кичево, па власите денес повторно требаше да ја разгледаат актуелната состојба, во контекст на изјавата на министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, кој во зависност од информациите на Управaта за хидрометеоролошки работи, најави и нова одлука на Владата за продолжување на заштитните мерки против загаденоста на амбиентниот воздух или воведување и на порадикални мерки.

Не чекајќи ги одлуките на локалната и на централната власта, граѓаните на Тетово, град во кој бројот на пациенти кои поради прекумерното загадување на воздухот се жалат на проблеми со респираторните органи, во последниот период е зголемен дури за 20 проценти, за в недела напладне најавија протест за искажување на незадоволството од енормното загадување на воздухот во градот, кое според официјалните резултати, е веќе алармантно - - 17 пати повисоко од дозволеното.

Тетовчани бараат Владата да ги затвори сите поголеми загадувачи, се додека не имплементираат еколошките стандарди со вградување филтри, итно решавање на проблемот со дивите депонии во Полошкиот регион и активирање на општинските и државните инспекции за животна средина за санскционирање на сите лица кои несовесно палат гуми и друг материјал во општините Тетово, Теарце, Јегуновце, Желино, Боговиње и Брвеница.

Организацискиот одбор на протестот тврди дека немаат за цел да се затвораат индустриски капацитети, „туку да се исполнуваат еколошките стандарди, предвидени со Акциониот план за заштита на животната средина, кои се услов за членство во ЕУ.“

Во македонските медиуми денес една од темите беше и споредбата на степенот на загадување на Скопје со најзагадените градови во светот, според списокот на Светската здравствена организација. Иако Скопје не е вклучено на списокот, во наведените информации кои не се официјално потврдени од државен орган, се тврди дека според мерењата на загаденоста на воздухот во Скопје во декември, просечна концентрација на ПМ10 честичките - помали од 10 микрометри, била 600 на милион честички на кубен метар, а понекогаш достигнувала и до 1.000 честички. А според октомврискиот список на СЗО, која ја вклучила и вклучила надворешната загаденост на воздухот меѓу предивикувачите на канцер, најзагаден град во светот бил Ахваз во југозападен Иран, со „само“ 372 дела на милион честички ПМ10 на кубен метар годишно, во споредба со светскиот просек од 71 честичка.

Иако официјално, причините за енормното загадување на воздухот во Скопје и во уште неколку градови во Македонија се бројни и копллексни, во јавноста провејува скепсата дека најголемата вина е сепак, кај индустриските загадувачи.

Но, министерот за животна средина и просторно планирање Адеми, во медиумите изјави дека „поголемите индустриски капацитети не работат, а и помалите фабрики кои работат со еколошки стандарди во овој период имаат помал обем на работа. Има повеќе фактори и не може да констатираме дека загадувањето доаѓа од индустријата, од домовите поради загревањето во зимскиот период или од сообраќајот и треба да се направи анализа за тоа да се утврди.“

Големите индистриски капацитети, кои се и големи загадувач,и имаат рок до 1 парил да го прилагодат проиводството и да го намалат степенот на загадувањето. А на прашање на специјализираното спиание „Инженерство“ -дали навистина ќе опстои на заканата за затворање на големите индистриски загадувачи, ако не ги исполнат обврските за заштита, и што тоа ќе значи за македонското стопанство во целина, со оглед дека се работи за ретките големи извозно ориентирани капацитети, министерот Адеми изјави:

„Владата на Република Македонија и јас како ресорен министер, неколку пати на прес-конференции укажавме дека нашиот став е недвосмислен и рокот - 1 април 2014 - за добивање на Дозвола за усогласување со оперативниот план, нема да се измени. .. Исклучиво право за промена на овој рок има Владата на Република Македонија и само донесување на одлука од нејзина страна, може да го одложи затварањето на оние капацитети кои нема да ги исполнат со закон зацртаните обврски. Но, наша цел, секако не е да ги затвараме капацитетите, туку очекуваме од нив да ги извршуваат своите економски активности, и да ги испочитуваат роковите договорени во оперативните планови. И покрај тоа што секогаш при инсистирањето на роковите ја имавме предвид целосната економска ситуација, социјалната заднина и позитивниот придонес на извозно ориентираните капацитети во надворешната трговска размена, сепак, дојде моментот кога договорената и законска обврска мора да се испочитува!“
XS
SM
MD
LG