Линкови за пристапност

Македонија: 16 дена активизам за борба против насилство врз жените


Стратегиите и протоколите се` уште не се реалност и на терен остануваат предизвици, велат од ХЕРА.

И покрај заострените казни, безбројни кампањи, некои од нив покренати и од Владата, Македонија се` уште бележи голем број случаи на семејно насилство. Дури 174 случаи на физичко и психичко насилство во семејството се регистрирани во првите три месеци од оваа година, велат од Министерството за внатрешни работи, каде во 159 сторителите се мажи, а жртвите се жени, а во 149 случаи е употребена физичка сила. Но ситуацијата е уште поалармантна ако на овие 174 случаи заведени како кривични дела, се додадат и уште 120 случаи евидентирани како прекршоци за семејно насилство.

Првиот семеен центар на Град Скопје треба да придонесе за подобрување на поразителната состојба во земјата. На Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување-ХЕРА заедно со Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ, со поддршка на Американската амбасада во Скопје, започнаа кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“, што опфаќа едукации за подигнување на свеста за семејното насилство помеѓу ромското население и млади низ средни училишта во Скопје.

Од ХЕРА, позитивно ја оценуваат државната стратегија 2012-2015 година за борба против семејното насилство, но предупредуваат дека овие стратегии и протоколи се` уште не се реалност и дека на терен се` уште остануваат предизвици.

„Потребно е во државата да има шелтер центри што ќе нудат 24 часа заштита и поддршка на жртвите на семејно насилство. Потребни ни се советувалишта за работа со сторители на семејно насилство и советувалишта за работа со деца, децентрализирани во сите градови низ Македонија. Потребно ни е да имаме полициски станици кои интервенираат и излегуваат на терен по пријава за семејно насилство без оглед колку пати претходно отишле во одредено семејство“, вели Весна Матевска, програмски координатор на ХЕРА.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција претставува прв сеопфатен документ кој ги регулира сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство. Досега ја потпишале 27 земји-членки на Советот на Европа, меѓу кои и Македонија, а ја ратификувале осум. Македонија допрва треба да го направи тоа.

„Потребни се 10 ратификации за Конвенцијата да стапи на сила. Конвенцијата опфаќа четири области и тоа превенција - подигнување на јавната свест, образование, обуки за професионалци, превентивни интервенции и програми за третман, заштита и поддршка: психолошко советување, финансиска помош, домување, образование, обука и помош при вработување, гонење на сторители, и мониторинг на имплементација на пдредбите“, објаснува Елена Димушевска, претседател на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
За Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ, она што во целата ситуација охрабрува е бројот на пријавите на ваквиот вид насилство.

„Тие говорат колку жените се освестени, охрабрени, за да го пријават насилството. Порано тоа го немаше. Треба што побрзо да биде ратификувана Конвенцијата, бидејќи таа е насочена пред се` на превенцијата. Од истражувањето кое го направивме, утврдивме дека од сите жртви на семејно насилство, само два проценти на случаи се разрешени како жртви на семејно насилство“, посочува претседателката Савка Тодоровска.

На почетокот на 16- дневната едукација за борбата против насилството врз жените и насилството во семејството, организаторите започна и кампања „ПОТПИШУВАМ“ – или он- лајн петицијата на веб сајтот http://www.potpisuvam.org/mk/potpisuvam.html, чија цел е што побрза ратификација на Конвенцијата. Кампањата е во рамки на проектот „Со заеднички напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базирано насилство“ финансиран од Европската Унија, чија цел е воспоставување на сеопфатни законски решенија и политики за заштита од родово засновано насилство во Западен Балкан, како услов за постигнување на демократија, исполнување на човековите права, социјално вклучување и усогласување со вредностите на ЕУ.
XS
SM
MD
LG