Линкови за пристапност

Хемиска кастрација за осудените педофили?


Владини лица и стручњаците ги оценуваат предложените промени што наскоро треба да се најдат во собраниска процедура.

Во националниот регистар на педофили што неодамна го воведе Македонија, регистрирани се 139 сексуални престапници. Од нив досега се осудени 103, или, во просек, годишно од 20 до 30 пресуди. Со актуелните одредби на Кривичниот законик, ваквото дело се казнува со најмалку 8 години затвор, или максимални 15 години. Но, тоа наскоро ќе биде променето. Со новиот предлог-закон, сексуалната злоупотреба на деца ќе биде едно од најтешките кривични дела, за кои максималната казна ќе биде доживотен затвор.

„За сторител кој ќе изврши обљуба или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години, казната од минимум осум години се зголемува со најмалку 12 години. За обљубата или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години и настапила тешка телесна повреда, смрт, или други тешки последици, казната затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор се заменува со најмалку 15 години казна или доживотен затвор“, се предвидува во новите измени на Кривичниот законик што наскоро треба да се најдат во собраниска процедура.

Но, она што е вистинската новина во предлогот е воведувањето на тнр. хемиска кастрација на сексуалните предатори, со што Македонија прва од регионот наскоро ќе се приклучи на листата земји на која се наоѓаат Русија, Јужна Кореја, Данска, Молдавија, Чешка, Велика Британија, Полска, Израел, Франција и Германија, а во кои осудените за сексуална злоупотреба ќе се подложуваат на ваков медицински третман. Искуствата се преземени од САД и други земји и се работи за инјекции за намалување на либидото, што би се давале на секои шест месеци, или во зависност од одлуката на Судот, но лечењето може да трае и доживотно.
Со новиот Предлог – закон, сексуалните престапници всушност ќе бидат донесени пред тешка одлука - доброволна кастрација и помала затворска казна, или пак доживотен затвор. Односно, педофилите кои ќе прифатат хемиска кастрација, а се осудени на доживотен затвор, казната ќе им биде намалена на 40 години затвор. Оние, пак, што ќе бидат осудени на 40-годишна казна затвор, доколку го прифатат лекувањето, ќе добијат добијат 20 години затвор. Но, сето ова под услов осудениците во меѓувреме да не го повторат делото. Новите казни нема да важат ретроактивно.

Оправданост

Медицинскиот третман на лица осудени за педофилија е прашање кое првпат се отвора на официјално ниво во Република Македонија. Веднаш ја подели јавноста, исто како што и Регистарот на сексуални престапници предизвика жестока дебата за кршењето на правата и слободите, а што разрешница ќе добие на Уставниот суд, кој ќе ја оцени уставноста на објавувањето на имињата на осудените предатори и нивните слики на Интернет.

„Тоа се големи рефoрмски зафати и заокружување на правната рамка за осовременување на кривичното законодавство во кои беа вклучени повеќе државни сегменти од здравството, животната средина, економијата, миснистерството за внатрешни работи, судството, обвинителството, академската јавност и други“ - вака министерот за правда Блерим Беџети ги објаснува најновите измени на Кривичниот законик. За Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, пак, воведувањето на медицински третман, односно антитестостеронска терапија за лицата осудени за обљуба на малолетници е неопходно, бидејќи нивната анализа покажала дека досегашната казнена политика во врска со тие кривични дела мора да се заостри и да се имплементираат нови модалитети за ефикасно дефинирање на ова прашање.

„Шест години затвор е просечната казна која ја изрекле македонските судии за извршителите на кривичните дела кои го нормираат сексуалното злоставување на деца“, вели министерот Спасов.

За членот на работната група во рамки на Министерството за правда, академикот Владо Камбовски, како директно вклучен во рефромските процеси зголемувањето на затворските казни за полов напад врз дете се оправдани, но за хемиската кастрација има поинакво мислење.

„Што се однесува до медицинската мерка, таа не би требало да биде пропишана како казна. Таа треба да биде временски лимитирана - подолго или пократко. Ако предвидувате мерка казна како медицинска мерка тоа е телесна мерка, а тоа ќе значи дека сме внесле нешто што не е на линија на меѓународните конвенции. Затоа, потребно е формулирање и примена на овие предлози како Мерки на безбедност. Тоа е една болна состојба која треба да се неутрализира. И за тоа треба да постои согласност од осуденото лице, да биде договорна, а не принудна. Ваквото решение треба уште да се доработи и прилагоди за да не биде во колизија со други правни акти и конвенции“, истакнува Камбовски.

На иста линија со него е и Државниот обвинител Марко Зврлевски, за кого медицинскиот третман е „престрога мерка“. Според него, тоа ќе значи дека се воведува принцип на телесна казна што значи дека се отвора прашањето за таква ретрибуција и во однос на други кривични дела.

„Мислам дека е престрого и не би сакал да бидеме од овој дел на Европа што ќе го воведе ова“, смета Зврлевски.

Зад предлогот и за високи казни и за хемиска кастрација цврсто застанува директорот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши со седиште во Скопје. Драги Змијанац мисли дека сите мерки се оправдани, бидејќи целта е да се заштитат децата.

„Јас, лично, не ја доживувам медицинската терапија како казнување. Мора да се прави разлика помеѓу физичко казнување и психичко растројство. Ние дури се залагаме за секое повторување на кривичното дело да има доживотен затвор. Тоа е воспоставување контрола на умот. Мојот етички кодекс не коинцидира од тие гледишта со таков правен кодекс, затоа што верувам во правда“, вели Змијанац.

Експертите против

Сепак, најгласни против ваквиот предлог на казнување на сексуалните престапници се психијатрите. Професорот Методиј Чепреганов е категорично против.

„Проблемот е во мозокот, во психата на човекот, и на тоа треба да се работи. Педофилијата е сексуална настраност или девијација што треба да се лекува.
Кај овие лица е нарушен неврохормоналниот систем. Тоа не се луѓе што се раѓаат како такви, туку со текот на животот и околностите во кои се развивале станале тоа што се. Многумина од нив се пораснати во средина што од нив направила педофили. Затоа, како мерка јас го предлагам лекувањето“, вели Чепреганов.

За Антони Новотни, невропсихијатар од Клиниката за психијатрија, идејата е добра, но мерката треба да биде регулирана во контекст на медицинското лекување, а не во смисла на формулирана казна, но мора да се направи евалуација и класификација на лица со нарушена структура на личноста и оние кои имаат такви нагони.

„Ние мора да испратиме и тимови во земјите каде се применува оваа терапија, кои дополнително ќе се остручат. Со тоа и третманот ќе биде поефикасен“, тврди Новотни.

Тој признава дека искуствата покажуваат дека овој тип на третман дава резултати и статистичките прикази посочуваат дека степенот на рецидивност се намалува. Но, за тоа, според него, сепак е потребно доследно регулирање на оваа мерка.
XS
SM
MD
LG