Линкови за пристапност

Хелсиншкиот комитет го оспорува законот за лустрација


Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија иницира оценка на уставноста на одредби од Законот за лустрација

Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека дел од одредбите на Предлог-законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност, не се во согласност со Уставот.

Комитетот смета дека со законот се повредени човековите слободи и права, а државата Македонија, наместо да ја почитува и заштитува, ја подрива приватноста на личниот и семеен живот и достоинството и угледот на граѓаните.
Откако опозицијата и дел од експертската јавност реагираа дека наместо забрзување на демократизацијата на Македонија, законот станува средство за политичка пресметка, бројни беа и реакците во невладиниот сектор, меѓу кои беше и ставот на Хелсиншкиот комитет дека „лустрацијата добива форма на инструмент за кршење на човековите права“, како и дека процесот „излегол од уставен колосек и од рамките предвидени и сугерирани со резолуциите на Советот на Европа“.

По поднесувањето на иницијатива до Уставниот суд, извршната директорка на ХКМ, Уранија Пировска, за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека со иницијативата на Комитетот се оспорени одредби од Законот кои се однесуваат на временскиот опфат на процесот на лустрација, на јавното изложување на имињата на лустрираните без притоа да постои судско одлучување, т.е., само врз основа на решението на Комисијата за верификација. Пировска потенцира дека е неопходно „транспарентно изложување на состојбите на флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните, а и на принципите на правната држава“. Според неа, со спорните одредби се доведува во прашање принципот на поделба на власта, а Комисијата добива надлежност на суд.

Пировска вели дека со законските одредби кои предвидуваат решението на Комисијата да е конечно, е повредена и уставната гаранција за правото на жалба против поединечен акт. За Гласот на Америка на македонски јазик Пировска изјави и дека Комитетот ја поднесува иницијативата со верба дека ќе победи правната држава, и поради децидниот став дека одговор на „тенденциозното непочитување на одлуките на Уставниот суд“, не треба и не смее да биде молчењето и непреземањето дејства.
Според новиот закон, лустрацијата треба да се спроведува за недозволени активности до 2006 година, а според Комитетот лустрацијата треба да заврши со 1991 година, зашто инаку се губи и историската димензија и оправданоста на законот.

Во иницијативата до Уставниот суд на Република Македонија, Комитетот потенцира дека Судот веќе еднаш донесе одлука оти лустрацијата не може да важи по 1991 година, бидејќи тоа би значело „негирање и на вредностите и институциите востановени во Република Македонија по донесувањето на актуелниот Устав“.

Во иницијативата, ХКМ бара Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија, со цел да се избегнат тешко отстранливи последици.

За борците за човекови права се спорни одредбите на Законот што се однесуваат на објавувањето на лични податоци на веб-страницата на Комисијата за лустрација. Според ХКМ, објавувањето на решението, на имињата и на документите се врши по автоматизам, без да се дочека судската одлука, со која би се потврдила нивната веродостојност и законитост. Необезбедувањето на сигурност и тајност на личните податоци значи директна повреда на личниот интегритет на граѓаните, сметаат во ХКМ и го потенцираат непостоењето правна заштита од надлежен суд, што е незаконски и спротивно на уставниот поредок.
XS
SM
MD
LG