Линкови за пристапност

Воиновиќ: Да се искористи можноста за решавање на спорот околу името во наредните неколку месеци


Воиновиќ: Да се искористи можноста за решавање на спорот околу името во наредните неколку месеци
Воиновиќ: Да се искористи можноста за решавање на спорот околу името во наредните неколку месеци

Интервју со републиканскиот сенатор од Охајо кој доби награда од Обединетата македонска дијаспора за промовирање на слободата и подобрување на животот на Балканот

Глас на Америка: Честитки за наградата. Што значи таа за Вас?

Воиновиќ: Посакувам со нас денес да беше еден мој добар пријател – Борис Трајковски. Убеден сум дека сега на небото со насмевка гледа удолу, на нас. Станавме добри пријатели и јас бев првиот од САД кој му честиташе по изборот за претседател на Македонија и му порача дека ќе сторам се` што е во моја можност да и` помогнам на земјата и на македонскиот народ во однос на економијата и квалитетот на животот, како и дека ќе станат дел од оваа визија што ја имав – сите земји од Западниот Балкан да станат членки на европската заедница.

Глас на Америка: Како ги оценувате сегашните односи меѓу САД и Македонија?

Воиновиќ: Мислам дека се одлични. Мислам дека еден од најголемите примери како САД се чувствуваат во однос на Македонија е прекрасната нова амбасада во Скопје. Им кажувам на сите македонски пријатели тука – ако патувате во Скопје, не пропуштајте да појдете во прекрасната амбасада. Мислам дека е една од најдобрите амбасади што ги имаме во светот и дека самото тоа е индикација колкава важност САД чувствуваат во однос на Македонија и нејзината иднина.

Глас на Америка: Како ја оценувате надворешната политика на САД кон регионот?

Воиновиќ: Пред неколку месеци бев во посета на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија со сенаторката Шахин и бев импресиониран. Иако секоја земја во регионот е заинтересирана за сопствената иднина, тие се свесни за меѓусебниот однос и за тоа дека доколку соработуваат, како тим, тогаш целиот регион може да напредува. На пример, присуствував на форум во Брисел - еден од најдобрите денови во мојот живот - претседателите на Србија и на Хрватска, Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ од ист подиум говореа како заедно ќе се обидат и ќе осигураат Босна и Херцеговина да остане еден ентитет. Дали може да замислите - Србите и Хрватите да работат на подобрување на регионот?

Мислам дека е направен голем напредок. Бездруго, треба да се реши прашањето околу името Македонија и јас се обидувам, најдобро што можам, да видам дали може да се постигне компромис. Несомнено и прашањето со Косово ќе се најде пред меѓународниот суд, но јас тврдам дека независно што ќе се случи, треба да се најде решение за прашањето со енклавата Северна Митровица. Напорно работам да ја уверам нашата администрација дека треба да ги задржиме 10-те илјади војници на Косово, за да осигураме дека се` ќе биде во ред. Навистина сум горд што сите земји кои ги посетив, со нетрпение го очекуваат акциониот план за членство во НАТО (МАП) за Босна. Јас, Хилари Клинтон, Стајнберг - сите работевме на тоа и конечно беше објавено дека МАП ќе биде доделен пред изборите, бидејќи сакаме луѓето во Босна да знаат дека навистина ни е до нив. Сметавме дека одложувањето на МАП по изборите не беше во најдобар интерес, за кој и да е`.

Гледам извонредни работи што се случуваат и единствено жалам дека нема да бидам во близина да видам дека ќе биде завршена работата, бидејќи ќе се пензионирам по крајот на оваа година, но ќе продолжам да се интересирам за таа област во светот – област во која сум ангажиран уште кога бев момче – мајка Словенка, татко Србин, моите српски роднини живееја во Хрватска. Свесен сум за сите тешки нешта што таму се случија, но историјата е историја. Вистинското прашање денес е да размислуваме за во иднината - како да го унапредиме целиот регион и квалитетот на живот.

Глас на Америка: Македонскиот амбасадор во САД Филип Рикер неодамна изјави дека времето изминува и дека Македонија мора да го разреши проблемот со името, бидејќи од тоа зависи нејзината иднина. Ваш коментар?

Воиновиќ: Понекогаш се појавуваат околности, така што се завршуваат нештата, иако дотогаш тоа се сметало за невообичено.

Порано имавме ситуација во Грција во која немаше голем интерес ова да се разреши. Во октомври, пак, ние, неколкумина сенатори се сретнавме со грчкиот премиер Папандреу, кој индицираше дека е заинтересиран и дека сака да стори нешто. Мислам дека постои можност која не беше присутна порано. Исто мислам дека премиерот Груевски знае дека ова можеби е најдобрата можност за Македонија да постигне нешто што би било прифатливо за македонскиот народ и би било мошне важно доколку ја искористи можноста во наредните неколку месеци, бидејќи по тој период, не сум сигурен дека Папандреу ќе остане крај масата, затоа што има многу други проблеми во моментов.

Глас на Америка: Како гледате на најавите околу одржување евентуален референдум во Македонија за името?

Воиновиќ: Не ги знам деталите. Само сакам луѓето да знаат дека каков и резултат да добиеме преку компромис, тоа нема да налага луѓето во Македонија да го менуваат Уставот. Мислам дека тоа беше големо прашање. Прашањето за референдум треба сериозно да се разгледа, во смисла дали ќе биде нешто што ќе помогне, или ќе наштети.

XS
SM
MD
LG