Новите генерации деца бараат поинаков пристап при воспитување, а не физичко насилство, вели Роза Костеска, едукатор за деца од Охрид.
Податоците од истражувњето на Државниот завод за статистик, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените, покажуваат дека 22 проценти од децата во Северна Македонија на возраст од една до 14 години биле подложени на ненасилни методи на дисциплинирање, наспроти високи 73 проценти, кои доживеале насилен метод на дисциплинирање.
Четириесет и пет проценти од децата биле подложени на какво било физичко казнување во текот на еден месец од кои седум отсто на тешки форми на физичко казнување.
„Тоа се чувствува и кај децата што одат во градинка. Само малку да кренеме глас, што припаѓа во психичко насилство, децата се бранат со рачиња. Тоа е показател дека дома е употребено некое можеби минимално, но, физичко насилство“, вели Костеска.
Таа објаснува и еден друг момент кога е во прашање едукацијата на децата. Истражувањето покажува и дека четири отсто од мајките/старателите сметаат дека физичкото казнување е неопходно за правилно воспитување и образование на детето. Ваквото мислење е позастапено кај помладите мајки и старатели и кај најсиромашните.
„Кога знаеме дека физичкиот развој е најинтензивен кај децата до пет години, тогаш истото тоа важи и за мозокот. Како што кажала и науката, што ќе напрвиш со детето до седум години тоа е направено. Потоа корективно се работи. А коригирањето е многу потешко, отколку да го градиш нештото од темел“, вели Костеска.
Ваквите податоци не смеат да бидат игнорирани, велат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Затоа што укажуваат на тоа дека се потребни значајни промени поврзани со воспитниот стил на родителите, посебно ако имаме предвид одредени сфаќања или стереотипи, во насока на тоа дека ќотекот од рајот излегол и дека не е ништо ако детето го удриме“, вели психологот Радмила Манчевска од „Меѓаши“.
Костеска причината ја гледа и во брзото темпо на живот на родителите, кои немаат доволно време да им посветат внимание на своите деца, Но има и други причини.
„Тоа најверојатно се должи на тоа како родителите биле воспитувани како деца и ги применуваат истите тие методи за воспитување на сопствените деца и покрај тоа што тоа требало да биде поука дека таквиот начин на воспитување треба да се искорени“, смета Костеска.
Од „Меѓаши“ велат дека има повеќе фактори за овој проблем.
„Слабата институционална политика. Неадекватните услуги и грижата за жртвите. Факторите кои се однесуваат на сиромаштијата и слабата економска заштита. Потребно е да се вклучат голем број на институции, како владини, така и невладини“, вели Манчевска.
Од „Меѓаши“ додаваат дека спроведуваат бројни активности поврзани со јакнење ка капацитетите на младите луѓе и вработените во училиштата за превенција од насилно однесување. Сервиси за директна помош и поддршка на деца во ризик, сос телефон, преку кој може жртвите да побараат помош.
Facebook Forum