Линкови за пристапност

УСАИД со поддршка за претприемништвото во Македонија


Неколку стотини менаџери и претприемачи добија сертификати за завршени обуки

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија е кофинансиран од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Центарот за развој на претприемништво и менаџери - ЦЕЕД Македонија

„Самиот сертификат можеби нема некоја поголема улога за нашиот бизнис. Ние сме мала семејна фирма, работиме со брат ми и татко ми, и така, „трчаме“ низ Македонија. Велам, сертификатот, сам по себе е „парче хартија“, како многу други, кои можеби сме ги добивале, а потоа, не сме ги искористувале во пракса... Но, овој пат, придобивката од обуката е голема, зашто, имавме ретка прилика да слушнеме многу информации кои, инаку, не можеме да ги добиеме низ нашата секојдневна работа, во круговите во кои се движиме“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Христијан Ковачевски, сопственик на фирмата „Унипласт“ од Струга, еден од учесниците во проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Центарот за развој на претприемништво и менаџери - ЦЕЕД Македонија (CEED Macedonia - Center for Entrepreneurship and Executive Development).

Проектот е започнат од УСАИД во јули 2011 година, како петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд и неговите активностите се имплементираат во осум региони, на целата територија на Македонија. Проектот сега е кофинансиран од Владата на Швајцарија, а ЦЕЕД Македонија, го спроведува проектот како дел од интернационалната мрежа на центри за претприемништво, со канцеларии во 14 земји. За девет години, 1.691 претприемачи и менаџери од Македонија успешно ги поминале претприемачките програми на ЦЕЕД Македонија, како тренинзи за менаџмент, финансии, маркетинг и средно ниво на менаџмент за сопственици и топ-менаџери на мали и средни компании.

На свеченоста минатиот месец, сертификати добија 110 учесници и 36 ментори, учесници на проектот, а во ЦЕЕД - 338 учесници и 33 ментори во менаџерските програми, од Македонија.

Заменик шефот на мисијата на Амбасадата на САД во Македонија, Микаела Швајцер - Блум, во честитката до овогодишните учесници во проектот, на настанот, меѓу другото им порача: „САД ја разбираат важноста на поддршката на развојот на малите бизниси, особено во тешки економски времиња... Овој проект го јакне капацитетот на сопствениците на малите бизниси, за да се одржи растот на бизнисот, преку обуки и консултантски услуги од областа на претприемништвото и бизнис -стратегијата. Задоволна сум што гледам толку многу ентузијасти професионалци кои сакаат да го прошират своето знаење и желни се да истражуваат нови можности за раст на бизнисот. Иницијативи како оваа, не само што ќе доведат до зголемување на профитот и раст на малите бизниси, туку ќе придонесат за остварување на одржливи приходи и стабилна работа за многу невработени Македонци.“

Соговорникот на Гласот на Америка на македонски јазик, струшкиот бизнисмен Ковачевски, истакна дека дел од сознанијата со кои се здобиле за време на обуките биле и „чувствителни теми и сознанија кои често, секој сака да ги задржи за себе. Или, сака да ги наплати, па можеби и би ги пренел некому, но за големи средства. А и ние, во Македонија, немавме пракса да одиме на обуки, и наученото потоа, и да го применуваме во пракса. Затоа, токму оваа програма на УСАИД беше добредојдена за нас, затоа што можеби ќе почнеме и самите, на ваков начин да разработуваме некои детали... Можеби ќе почнеме и поинаку да работиме, но секако, ќе треба да ја провери некој таа насока по која би тргнале и да ги проконтролира работите. Значи, обуките се повеќе од корисни, оти покрај теоретските сознанија, имавме прилика директно да се консултираме со експерти за темите кои нé интересираа...“.

Американскиот народ, во последните 23 години, преку УСАИД инвестирал повеќе од 500 милиони долари во Македонија. „УСАИД работи со граѓаните на Македонија на отворање нови работни мести, зајакнување на демократските институции и практики, унапредување на интегрираното образование и ги подготвува студентите за влез на пазарот на труд. Овие иницијативи го подобруваат квалитетот на животот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија“, се порачува во официјалните соопштенија на УСАИД.

XS
SM
MD
LG