„Волонтерите се во Македонија за да им помогнат на локалните заедници да воведат проекти и да одговорат на потребите на задниците... Без оглед дали проектите се големи или мали, волонтерите на Мировниот корпус се секогаш тука да помогнат во создавањето на проекти кои се наменети на заедниците во Македонија... Волонтерите не го претставуваат само најдоброто од САД, туку и го враќаат во САД – најдоброто од Македонија, градејќи ги мостовите - ‘човек кон човек’“, рече во своето обраќање на денешниот Форум за градоначалници, организиран по повод отворањето на Повикот за аплицирање за волонтери во 2018 година, амбасадорот на САД, Џес Бејли.
„И кога ќе заминат, а на многу начини тие никогаш не заминуваат, волонтерите одат понатаму, како амбасадори на вашиот град или населено место, зборуваат македонски или албански јазик и се залагаат за македонските граѓани. Тие им раскажуваат на своите семејства и пријатели во САД, за градот во кој живееле, за луѓето со кои се зближиле“, рече директорот на Мировниот корпус, Марк Ханафин. „Волонтерот ќе стане дел од вашето семејство, вашиот круг на пријатели и доверливи колеги, стремејќи се кон истите цели што вие ги имате поставено, како дел од вашата визија. Ќе работите со прекрасната разноликост каква што е Америка, додека градиме разновидна, инклузивна иднина за сите граѓани на Македонија“, рече меѓу другото, Ханафин.
На првиот годишен Форум за градоначалници, Мировниот корпус во Македонија го „прославуваше партнерството со општините“, со одбележување на долготрајната соработка меѓу волонтерите-мировници и локалните заедници во Македонија. Во организација на Мировниот корпус и на Министерството за локална самоуправа, денес во Скопје, се собраа десетици градоначалници и други претставници на општините во Македонија.
Покрај американскиот амбасадор Бејли, и директорот на Мировниот корпус Ханафин, на настанот присуствуваше и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, вработени и волонтери на Корпусот, новинари и други гости.
Денешниот настан се совпаѓа со отворањето на Повикот за аплицирање за 2018 година, на кој се охрабруваат да учествуваат сите заинтересирани основни и средни јавни училишта, општини и невладини и граѓански организации во Македонија, за волонтер на Мировниот корпус, кој е отворен до 27 април. Во тој контекст, директорот Ханафин им се обрати и на градоначалниците:
„Како општински лидери, ја имате визијата за иднината на македонското општество. Ако сметате дека волонтерот на американскиот Мировен корпус кој работи во вашата заедница со млади луѓе и станува дел од структурата на вашиот град, помагајќи во поврзувањето со граѓаните и со светот - е нешто што го треба да се цени - аплицирајте за присуство на волонтер во вашата општина“, порача Ханафин.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, обраќајќи им се на присутните, рече дека граѓаните на Македонија со децении градат силни врски со американскиот народ.
„И Мировниот корпус има голем придонес за јакнење на соработката, со самиот досегашен ангажман на 736 волонтери во 45 општини во Македонија“, рече Сухејл. Тој ја потенцираше посветеноста на волонтерите кон јакнењето на локалните заедници, како и нивната мултилингвалност и неоптовареност со предрасуди и стереотипи. Министерот го истакна и гостопримството на македонските домаќини кон волонтерите и кон сите луѓе со добра намера и отворено срце.
Директорот на Мировниот корпус Ханафин му предаде на министерот Сухејл плакета за извонредната соработка, а волонтерите на корпусот, преку панел-дискусија им пренесоа на присутните дел од личните искуства од нивниот ангажман за развој на заедниците, од соработката со невладиниот сектор и со секторите за локален и регионален развој, од курсевите за изучување на англискиот јазик...
Откако по тримесечната интензивна обука и изучување на македонскиот и албанскиот јазик, во четири македонски општини, на 1 декември 2017 ја дадоа официјалната заклетва, педесет американски волонтери од 21 сојузна држава, припадници на 22-та генерација на Мировниот корпус во Македонија, во моментов го минуваат својот двегодишен волонтерски стаж во повеќе од 30 заедници, помагајќи и работејќи на подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции. Волонтерите во Македонија со своите домаќини ги споделуваат многубројните вештини преку консултации за менаџмент, информатичка технологија, управување со отпад, администрација на образованието и други важни стручни области.
Мировниот корпус е основан во 1961-та година од претседателот Џон Ф. Кенеди, за да им помогне на земјите кои имаат потреба од квалификувани лица кои ќе обезбедуваат техничка помош, да го промовира подоброто разбирање на американскиот народ, и да сподели информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат волонтерите со американските заедници и семејства. Од отворањето на канцеларијата на Мировниот корпус во 1996-та година, во Македонија над 730 американски државјани соработувале со над 500 наставници и едуцирале над 100.000 ученици, работејќи во партнерство со повеќе од 400 македонски организации.
Следната група американски волонтери ќе пристигне во Македонија во септември 2018 година и ќе вклучува наставници по англиски јазик, дефектолози и специјалисти за развој на заедницата.
Facebook Forum