Линкови за пристапност

Над 100 професори во писмо до Владата се изјаснија против државниот испит


Сцена од студентскиот протест во Скопје на 10-ти декември
Сцена од студентскиот протест во Скопје на 10-ти декември

Ја обвинуваат за удар врз уставно загарантираната слобода на образование и за обид да го супституира универзитетот во етатистички манир

Сто и десетмина професори, доценти, асистенти и друг наставен кадар го ставија својот потпис на писмото до Владата против одлуката за воведување на државен испит на факултетите, уривањето на автономијата на универзитетот, но и политичкото етикетирање на оние коишто се појавија на досегашните маршеви против планираните реформи во високото образование.

„Ова отворено писмо е израз на нашата индигнација и протест. Ова е нашиот (де)марш до институциите, кои не само што не нé испочитуваа додека расправавме во нашите

Писмото на професорите, објавено во вид на оглас во дневниот весник „Нова Македонија“
Писмото на професорите, објавено во вид на оглас во дневниот весник „Нова Македонија“

колегиуми и наставнички совети во врска со концептот и предлог законите, туку, и без да се дочекаат нашите официјални одговори, нe`понижија пред ТВ камерите во обид да нe` соочат со политика на свршен чин. Ве уверуваме дека наспроти сите обиди во јавноста да бидеме дискредитирани и прикажани како корумпирани, неспособни и неодговорни, нашата мисија отсекогаш била и останува квалитетот на високото образование“, се наведува во писмото зад коешто со име и презиме застанаа голем број професори од државните и од приватните универзитети.

Во писмото од околу 70-тина реда, што во вид на оглас беше објавено во дневниот весник „Нова Македонија“, а реагирајќи на усвојувањето на 15-та по ред измена на Законот за високо образование во изминатите шест години „без суштинска дебата со чинителите во високото образование“, „не по сила на аргументите, туку како резултат на произволна политичка моќ“, професорите образложуваат зошто најавуваат дека застануваат зад нивните студенти, заедно во, како што велат „битката за нашите академски права, слободи и интегритет“.

Ова е директен удар врз уставно загарантираната слобода на образование, бидејќи државата одлучува кој може да дојде до диплома, а кој не е способен за тоа – и така го супституира универзитетот во етатистички манир. Доколку е високото образование неквалитетно и студентите не располагаат со потребните знаења, треба да се бараат причините, а не да се залечуваат последиците. Со најновите законски решенија, кои го надминуваат прашањето за државниот испит, Вие го укинавте универзитетот како таков.
Од писмото на над 100 професори до Владата

„Ако во изминатите години гласот на професорите се одбиваше од ѕидот на власта, а нашите предлози се отфрлаа без должно внимание, сега за првпат пред Вас стоиме солидарно со нашите студенти. Иако ѕидот е сега повисок од кога било порано, правиме обид да Ве предупредиме јавно и Вас и целата македонска јавност дека наближува мигот во кој ќе го заковате последниот клинец во мртовечкиот ковчег на автономијата на универзитетот!“, се наведува во писмото.

Професорите признаваат дека досега повеќепати се залагале за радикална реформа, но според нив „политиката на хиперпродукција на универзитети и факултети, кои не ги задоволуваат минималните услови за вршење на дејноста“, ниту државниот интервенционизам во автономијата на универзитетот, ниту пак државниот испит не се лекот за болестите од кои страда високото образование.

„Ова е директен удар врз уставно загарантираната слобода на образование, бидејќи државата одлучува кој може да дојде до диплома, а кој не е способен за тоа – и така го супституира универзитетот во етатистички манир. Доколку е високото образование неквалитетно и студентите не располагаат со потребните знаења, треба да се бараат причините, а не да се залечуваат последиците. Со најновите законски решенија, кои го надминуваат прашањето за државниот испит, Вие го укинавте универзитетот како таков“, тврдат професорите - потписници на писмото.

Државниот испит не е нешто што сме го измислиле ние и го има во повеќе држави, во Полска, во Чешка, во Словачка, Унгарија, испробан е и го има повеќе од сто години во тие држави. Таму никој не се противи, значи нема никаков проблем, а тоа се исто така демократски држави со автономија на универзитетите. Но еве, сега кај нас е некоја новина и го искористија и опозициските партии, мрежата финансирана од Сорос. Ние имаме своја мисија да ги подигнеме стандардите во Република Македонија во сите сфери вклучуваќи ја сферата на образованието.
Никола Груевски, премиер на Република Македонија,коментирајќи деновиве на темата државен испит

На крајот, професорите истакнуваат дека се подготвени до крај да останат заедно со студентите, и апелираат до Владата да ја прекине постапката за измена на законот.

„Доколку се оглушите на овие укажувања, сметајте на силен отпор во академската заедница и на соочување со сите негови академски и граѓански облици“, истакнуваат сто и десетмината професори и друг наставен кадар од државните и приватните факултети во земјава.

Писмото е објавено во ист ден кога „Студентскиот пленум“, организаторот на двата досегашни маршеви, за в петок во 14 часот најави трет, и, како што велат оттаму, најмасовен досега.

„Изгледа дека она што Владата го подразбира под „јавна расправа“ е (консензуален) разговор на министрите и премиерот пред камери. Драги граѓани, студенти, професори, родители, средношколци, професори и пензионери да не дозволиме овој монолог на владата да продолжи! Студенти, да си го освоиме образованието назад!“, се вели во најавата за протестот.

Истиот ден, пак, за кога е закажан студентскиот марш, за измените во високото образование ќе расправаат две комисии: Комисијата за образование, наука и спорт и Законодавно-правната комисија, додека измените на Законот во прво читање пред пратениците ќе бидат на седницата в понеделник.

До моментот на објавување на овој извештај, немаше реакција од Владата на писмото. Но, македонскиот премиер Никола Груевски деновиве коментираше на забелешките против воведувањето на државен испит: „Такви забелешки да не правиме реформи не ни се прифатливи. Низ деновите што поминаа имаше повеќе јавни расправи на различни локации низ Македонија што ги водеше Министерството за образование и на нив слушнавме многу интересни идеи, забелешки кои понатаму сигурно ќе ги земеме предвид. Значи, се она што е суштински добронамерно предложено и се она што може да ја подобри оваа реформа, го прифаќаме. Не прифаќаме ситуација седете си мирно, добро ни е вака, ќе си купуваме дипломи, нема ние што да учиме, после нека ни најде некој друг работа. Тоа не можеме да го прифатиме“.

Истовремено, Груевски коментираше дека државниот испит е веќе пракса во други држави и ја обвини опозицијата за политизација на случајот: „Државниот испит не е нешто што сме го измислиле ние и го има во повеќе држави, во Полска, во Чешка, во Словачка, Унгарија, испробан е и го има повеќе од сто години во тие држави. Таму никој не се противи, значи нема никаков проблем, а тоа се исто така демократски држави со автономија на универзитетите. Но еве, сега кај нас е некоја новина и го искористија и опозициските партии, мрежата финансирана од Сорос. Ние имаме своја мисија да ги подигнеме стандардите во Република Македонија во сите сфери вклучуваќи ја сферата на образованието“.

XS
SM
MD
LG