Линкови за пристапност

Полицијата не ги пронајде Грујевски и Бошковски


Неофицијално, двајцата ги оставиле мобилните телефони, со што е елиминирана можноста да бидат лоцирани

Врховниот суд одлучи ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, и неговиот соработник Никола Бошковски од Управата за безбедност и контраразузнавање да бидат притворени.

На третиот обвинет во предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, Тони Јакимовски, ексшеф на кабинетот на директорот на УБК, Сашо Мијалков, изречена му е само мерка на претпазливост, со која, покрај македонскиот пасош, одземен му е и дипломатскиот пасош, кој го добил како генерален директор на Југоисточниот центар за спроведување на законот, во СЕЛЕК центарот во Романија.

Иако, нема официјално соопштение од МВР, според медиумите, полицијата не ги пронашла и привела Грујевски и Бошковски, иако биле барани на шест-седум локации, на кои според полициските сознанија би можеле да се наоѓаат.

Надлежните не ги евидентирале на граничните премини, но, нема официјални информации дали ја напуштиле земјата илегално. Неофицијално, двајцата ги оставиле мобилните телефони, со што е елиминирана можноста да бидат лоцирани

Дел од експертите и медиумите предупредуваа токму на ваква можна разврска, по решенијата на Апелациониот суд Скопје дека „мерката за притвор стапува во сила по правосилност на решението“, со што притворањето беше пролонгирано, се` до одлуката на Врховниот суд.

Двајцата обвинети засега се недостапни на органите на прогонот.

Според СЈО, тројцата се обвинети за нелегално прислушување на над 20.000 граѓани, со злоупотреба на системите за следење во МВР, но, и за подоцнежното уништување на системите, со цел уништување на доказниот материјал за криминалните активности, со кои масовно се кршеле човековите права и слободи на граѓаните.

СЈО барањето за притвор го аргументираше токму со примерот на началникот на Петтата управа при МВР, Грујевски, кој не се појавувал на распит, влијаел врз сведоци и во тефтерот имал и „насоки кој сведок што да каже пред СЈО “.

Но, иако Апелациониот суд го прифати решението на Основниот суд Скопје 1 за притвор на Грујевски, Јакимовски и Бошковски, со невообичаена постапка во судската пракса, решението во овие случаи стануваше извршно, дури по одлука на Врховниот суд по жалбите на обвинетите.

И додека поддржувачите на новата власт и дел до медиумите и експертите, реагираа дека се работи за опструкции на „инсталации на бившата власт“ во судството, а актуелната опозиција ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ за селективно спроведување на правдата, факт е дека ниту едно од обвиненијата на СЈО сѐ уште не е правосилно.

Од седумнаесетте обвиненија за 18 предмети, што СЈО ги поднесе на 29 јуни против 94 лица, постапката за правосилност за ниту едно не е завршена, нема оценки за обвинителните акти и не се закажани почетоците на судските процеси, за кои течат роковите за жалби за мерките за обезбедување на присуство

Специјалните обвинители побараа притвор за 18 лица, меѓу кои и за најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата и експремиер Никола Груевски, ексчелникот на УБК Сашо Мијалков, ексминистрите Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, но, на 35-те јавни седници одржани во Апелацискиот суд Скопје, по обжалувањето на одлуките на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, и од СЈО и од застапниците на одбраната на обвинетите, досега немаше одлука за притвор.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги одби сите барања на СЈО за определување на притвор, и определи само мерки на претпазливост за обвинетите - им ги одзеде патните исправи и ги задолжи редовно да се јавуваат во судот.

По барање на СЈО, судот одзеде 51 пасош од обвинетите, како мерка на претпазливост или за дел од нив, како алтернативна мерка за притворот.

При одлучувањето дали на обвинетите да им биде определена мерка притвор или не, апелациските судии, како што е објавено и на официјалната веб страница на Судот, го имале предвид и нивното појавување на седницата, како и дадениот збор дека нема да избегат. А став на судиите бил и дека обвинетите не можат да избегат само со лична карта, оти за податоците за нив дека имаат мерки на претпазливост, биле внесени во компјутерскиот систем на МВР.

ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинува дека судот подлегнал на политичките притисоци од СДСМ, и не успеал да се издигне над заканите за реизбор на судии и не се спротиставил на поделбите кои се прават преку медиумите блиски на СДСМ, со прогласување на одговорни и неодговорни судии

„Секој што суди по закон, а не политички, го прогласуваат за неодговорен, го прозиваат и станува предмет на закана. Судот, од една страна, отфрла силни аргументи на одбраната на ВМРО-ДПМНЕ и носи политичка одлука за мерки за претпазливост, а од друга страна, го ослободува Зоран Заев во чист случај каде што е фатен жив како изнудува поткуп од 100.000 и е на слобода“, изјави денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува новата власт и „нејзиниот политички привезок СЈО“ дека гонат „стотина лица од ВМРО-ДПМНЕ, само затоа што им стои на патот на антидржавната и деструктивна политика. Конечно, со политичките притисоци кои ги прави врз Судот, Зоран Заев нема да може да избегне од одговорот кој им го должи на граѓаните, а тоа е одговорот на најважното прашање: Kога планира да го смени името на државата?“, праша Ѓорѓиевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG