Линкови за пристапност

Бегалците повторно во фокусот


Македонската полиција ноќеска од Транзитниот центар за бегалци Табановце на српско-македонската граница, спровела педесетина бегалци назад во Грција.

Според изјавата на Горан Стојановски, управник на Центарот, се работи за дел од планот за реадмисија според планот направен со ЕУ и според договорот со Грција. Тој вели дека немаат основ гласините дека кампот ќе се затворал или дека Македонија ги депортира бегалците. Се работи за бегалци од разни националности, главно од Сирија и Ирак, од кои дел престојувале во Табановце уште од затворањето на „Балканската рута“ во март 2016-та.

Неофицијално, најголемиот дел од нив сакале да го продолжат патот кон државите-членки на ЕУ, но дел од бегалците сакале и да останат во Македонија.

Сепак, откако на ниво на двете Министерства за надворешни работи е разменета дипломатска преписка, бегалците превезени од Табановце до Гевгелија со автобуси, утрово влегле во Грција. Од границата ќе бидат пренесени во кампот во Солун, од каде, можеби ќе бидат релоцирани во државите на ЕУ, според договорот Турција-ЕУ.

До бегалскиот транспорт од Македонија назад за Грција, дојде откако министрите на 15 европски земји (Австрија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Албанија, Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Грција), во Виена се усогласија до април да подготват нови планови и мерки, кои ќе бидат презентирани во април и мај, за да остане „Балканска маршута“, (мигрантската рута од Грција кон ЕУ, која води преку Македонија) и натаму затворена.

За в недела е најавена и нова посета на Македонија на Себастијан Курц, шефот на дипломатијата на Австрија, во улога на претседавач на ОБСЕ. Покрај разговорите со домаќинот, министерот за надворешни работи во оставка, Никола Поповски, Курц ќе ја посети и Гевгелија, зашто Австрија минатата година имаше важна улога во координирањето на затварањето на миграциската маршрута.

Дел од државите кои учествуваа на состанокот во Виена се децидно против прифаќање на бегалци на нивната територија. Унгарската армија изградила воена база во реонот Келебија, на граничниот премин со Србија, а најавува изградба на уште три воени бази, со по 150 места за војници, кои ќе делуваат на тоа подрачје додека не престане миграцискиот притисок врз Унгарија. На 170-километарската граница со Србија, и на 136-километарската граница со Хрватска, Унгарија подигна и ограда за да спречи влез на нелегални мигранти. И покрај реакциите на дел од граѓанскиот сектор во Унгарија, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, властите во Будимпешта најавуваат и притвор за мигрантите додека се обработуваат нивните барања, па додека чекаат за азил, мигрантите нема да можат слободно да се движат низ Унгарија.

XS
SM
MD
LG