Линкови за пристапност

Граѓаните бараат оставка од Иванов


Протести на скопските улици и жестоки дипломатски оценки за одлуката на претседателот да ги прекине постапките против политичарите

Додека одекнуваа паролите „Оставка“, „Мафија“, „Нема правда, нема мир!“. стотици јајца завршија на прозорците на Народната канцеларија на Претседателот на Македонија, на синоќешните улични протести на граѓаните на Скопје, против одлуката на Ѓорге Иванов, со која тој прогласи аболиција на сите политичари против кои се поднесени кривични пријави или се водат какви било судски постапки. Меѓу нив се и ексдиректорот на Упрвата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, ексминистрите Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, но и лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

На прес-конференција челникот на СДСМ, Заев постапката на Иванов ја нарече државен удар, потенцираше дека ниту бара ниту прифаќа амнестија од него, зашто, како што рече, „не сме сите криминалци“, и директно обвинувајќи го Иванов дека „станал директен соучесник во злосторничкото здружение против Македонија“, тој ја обвини власта дека „го погазила Уставот, законите и достоинството на граѓаните. „Денеска го погребаа договорот од Пржино. Македонија тоа нема да го дозволи. Нема да дозволиме целосно рушење на државата!“, рече Заев.

Синоќа, илјадници граѓани излегоа на скопските улици, барајќи оставка од Иванов. Тие се движеа од канцелариите на Специјалното јавно обвинтелство, каде им дадоа поддршка на обвинителите, преку Народната канцеларија на престедателот, новиот објект на партијата ВМРО-ДПМНЕ, до Владата, и пак пред седиштето на владеачката партија, кои беа под силно полициско обезбедување, а на соседните улици беа паркирани полициски џипови и борбени возила.

Паралелно со овие протести, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ протестираа пред седиштето на опозиционата СДСМ, поради одлуката за аболиција и на Заев. Незадоволниците од опозицијата и од граѓанскиот сектор и за денес најавуваат нови протести, но и ноќеска и утрово се најавуваше и организирано доаѓање на поддржувачи на партијата на власт од македонските градови на демонстрации во престолнината.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека „со фрапираност и неверување ја проследиле прес-конференцијата на претседателот Ѓорге Иванов“, и изрази силно несогласување со оваа негова постапка, зашто, според партијата, „со овој потег се оневозможува нивната волја и напор да се разобличат сите конструкции, лаги и манипулации, кои беа наметнувани и беа насочени кон нив како дел на едно однапред смислено сценарио“.

А лидерот на коалициониот партнер во власта, ДУИ, Али Ахмети оцени дека одлуката на „таканаречениот претседател“ Иванов „е избрзана и непромислена“ и соопшти дека побарал помош од Европската комисија за изнаоѓање решение од кризата, која според него се продлабочува.

Одлуката предизвика и бројни дипломатски реакции.

Во вчерашната куса реакција на амбасадата на САД се вели дека се бараат повеќе детали и појаснувања, но дека „изјавата на претседателот покренува сериозна загриженост околу заложбата на Македонија за владеење на правото“, а американскиот амбасадор Џес Бејли денес на својот Твитер профил, напиша дека „помилување без судски процес ги штити корумпираните политичари и нивните соработници“. „Оставете ги СЈО и судовите да си ја завршат работата“, стои во изјавата.

И ЕУ ја оцени како загрижувачка одлуката на Иванов и му изрази поддршка на СЈО и побара тоа „да продолжи да ги истражува сериозните проблеми кои беа откриени минатата година“, а европскиот комесар за проширување Јоханес Хан пак, порача дека одлуката на Иванов „не е на линија со неговото поимање на владееењето на правото“, и изрази сомнеж „дали се можни веродостојни избори во Македонија“.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет, како одговор на новинарски барања, испрати порака на Фејсбук:

„Денешната изјава на претседателот бара појаснување. Ако одлуката е да се аболираат политичарите се однесува на истрагите околу сомненијата содржани во прислушуваните разговори, тогаш тоа е предмет на сериозна загриженост. Целосната истрага на овие сомненија, и соодветен законски процес, се клучни елементи на договорот од Пржино. Како такви, тие се централни на секое трајно решение на актуелната политичка криза“.

И европратеникот Ричард Ховит кој посредуваше во носењето на Договорот од Пржино, потенцираше дека неговото кршење ќе има сериозни последици. „Истакнувам дека претседателот Иванов претходно даде уверување дека нема да дава амнестија за политички криминал и оти ќе го почитува Договорот од Пржино, кој вклучува и широка меѓупартиска поддршка на Специјалното обвинителство“, рече Ховит.

„Ова го означува крајот на владеењето на правото во Македонија во рамките на актуелното раководство … .Ако претседателот не поднесе оставка, кој е изборот што им преостанува на граѓаните на Македонија …?“, напиша поранешниот шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Ерван Фуере. Според него, на граѓаните на Македонија им останува „или формулата на Виктор Иго “la loi du pavé ” (законот на улицата), или прифаќање од страна на владејачката партија на потребата од компромис и одложување на предвремените избори додека не се исполнат сите услови за веродостојни избори, без оглед на тоа колку време е потребно. Уште еднаш, граѓаните се жртви на партиските политики на владејачките партии “.

Во медиумите беше објавено дека претседателот Иванов, вчера одбивал да разговара со дипломати од Брисел и од Скопје, а синоќа, не ги примил амбасадорите на САД и на Германија, Џес Бејли и Кристине Алтхаузер, и решил тие да бидат примени од неговите советници.

Претседателот Иванов кој вчера изјави дека „ја презема одговорност со полна верба и свесност за сите можни идни реакции од секого“, и дека е „подготвен да ја брани својата одлука секаде и пред секого“, и денес не се огласи по повод бројните реакции во македонската и меѓународната јавност. Од вчера во посета на Македонија се претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, со кои тој денес треба да ја посети македонско-грчката граница поради ситуацијата со блокираните бегалци во Идомени.

Иако Иванов потенцираше дека никого од опфатените во неговата одлука не информирал, ниту пак побарал согласностод некого, во медиумите се појавија шпекулации дека неговата одлука е дел од детален план на власта, кој наводно, опфаќа и заострување на курсот кон претставниците на меѓународната заедница и покренување на постапка за оценување на уставноста на Специјалното јавно обвинителство на седница на Уставниот суд, по што тоа би било укинато.

XS
SM
MD
LG