Линкови за пристапност

Катастрофална состојба во македонските затвори


Комитетот за превенција од тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, како тело на Советот на Европа, Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет ја споделуваат оценката за неминовноста од итна промена на условите во казнено-поправните институции во Македонија, од кои дел се оценети и како нечовечки и деградирачки. Со нив се согласува и новата Влада.

„Ќе ги промениме овие состојби и ќе ги спроведеме препораките на Комитетот. Со тоа, ќе им дадеме причина на делегатите во Советот на Европа дека Република Македонија не заслужува таква слика за неа. Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа Влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни овие реформи заради нас, заради нашите граѓани“, истакна премиерот Заев по овонеделната средба со претставниците на Комитетот за превенција од тортура на Советот на Европа, на која било потенцирано дека Република Македонија во март се соочила и со изрекување „јавна изјава“ на Советот на Европа, осуда што досега им била испорачана на само седум европски земји.

„Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас, во Комитетот во Стразбур, е многу важно да воспоставиме и да го одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања, особено заради искуството со претходната владина гарнитура која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементираше ништо од нашите препораки што произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и од постапките на полицијата“, посочи во Скопје, претседателот на Комитетот, Микола Гњатовскиј.

Делегацијата на Комитетот дојде во Скопје по минатонеделното објавување на Извештајот на ова тело на СЕ - од посетата на нивниот експертски тим во декември 2016, на најголемиот македонски затвор Идризово, во кој, со максималната пренатрупаност, се затворени шеесеттина проценти од осудените лица во државата (1.840 затвореници, наспроти капацитетот од 900!).

Извештајот констатира нехумани услови во кои владеат корупцијата, која се манифестира во секој сегмент на животот на затворениците, малтретирањето и насилството, нехигиената и несоодветната здравствена заштита. Според Извештајот, во Идризово сѐ се плаќа: од „квалитетот“ на ќелијата и дозволите за отсуство, до користење на лекови и мобилен телефон. Комитетот бележи индиферентност кај надлежните органи, пред сè кај Управата за извршување на санкции, во поглед на состојбите во пенитенцијарните установи и потребата од нивно надминување и подобрување.

Недостаток на политика за управување со сложени институции, несоодветни постапки за пријавување и систем за следење и недостаток на управување со персоналот, и неможност на затворскиот персонал да ги извршува своите должности..., се само дел од бројните забелешки за начинот на менаџирање и за кршењето на човековите права во македонските затвори.

Од друга страна, Комитетот ја нагласува потребата за темелна истрага според меѓународните стандарди, на сите смртни случаи на осудени лица во затворите, преку воспоставување на јасна процедура за идентификување на причините за смртта и на јасни критериуми за прецизирање на случаите на самоубиство.

Како надлежна институција која перманентно ја следи состојбата во македонските затвори, и канцеларијата на Народниот правобранител на Македонија, редовно ја известува јавноста, но за нејзините барања, заложби и препораки, власта во изминатата деценија немаше слух. Посебниот извештај на Омбудсманот за посетата на КПД Идризово, од март 2016, ја соголува грдата слика за казнено-поправните установи, но и за нефункционалниот систем на ресоцијализација кој од малолетниците со нарушено поведение создава криминалци, а од осудените лица – повратници.

Гласот на Америка на македонски јазик побара став од Хелсиншкиот комитет на Македонија за Извештајот на Комитетот против тортура на СЕ. И ХКМ во испратениот осврт, ја потенцира оценката на КПТ и констатираната „ендемска корупција“ во затворите, особено во Идризово, но и влошената состојба во затворите во изминатите 10 години, и покрај усвоената Стратегија за реформа на пенитенцијарниот систем, недоволната безбедност на затворениците, отсуството на професионално управување со установите, како и пасивноста на институциите. И Хелсиншкиот комитет предупредува дека понатамошното непреземање мерки за имплементирање на препораките, би можело да резултира и со „јавна изјава“ на Комитетот за превенција од тортура, согласно чл. 10 ст. 2 од Европската конвенција за спречување на тортурата, наменета на земјите што одбиваат да соработуваат или континуирано одбиваат да ги имплементираат препораките на Комитетот.

Хелсиншкиот комитет во освртот на Извештајот, за Гласот на Америка го истакнува ставот на КПТ на СЕ дека посебно внимание треба да се посветува на недоволниот број лекари и квалификувани медицински сестри, пристапот до нив, како и немањето ниту еден психолог во КПД Идризово, како и на отсуството на метадонска и мултидисциплинарна терапевтска програма за зависниците од дрога. Исто така, ХКМ го акцентира делот од Извештајот кој укажува и на насилство меѓу затворениците, било поради меѓусебна нетрпеливост или поради долгови кои се јавуваат меѓу нив во текот на престојот во затворот, како и на фактот дека тие остануваат незаштитени од затворското обезбедување. ХКМ го потенцира и недостатокот на затворски персонал, како и нивната недоволна обученост и отсуство на професионализам во постапувањето.

По заедничката посетата на Идризово, минатиот месец, Народниот правобранител Иџет Мемети беше дециден дека „условите во затворите го погазуваат човечкото достоинство, Република Македонија не е на дното, јас би рекол дека под дното кога станува збор за условите и третманот на осудените лица!“, а премиерот Зоран Заев резигнирано изјави: „Срам ми е што сум премиер на држава во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство!“.

Ветувањето на Заев до јавноста дека новата власт ќе работи на итно подобрување на условите во Идризово и во останатите затвори и надежта на Мемети дека „во наредниот период со сериозен пристап ќе почнат да се подобруваат сите сегменти во затворскиот систем“, се делумно охрабрување по перманентните критики на Советот на Европа од 2006 до денес, како и по критиките и препораките и од други меѓународни и домашни организации за заштита на човековите права, за состојбата и нечовечките услови во македонските затвори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG