Власта сериозно размислува за уставни измени со кои би се променил начинот на избор на претседател на Македонија.
Тоа значи дека идниот шеф на државата би можел наместо на избори, да се бира во Собранието со гласови на пратениците.
Оваа опција, според владини извори, би се иницирала во случај опозициската ВМРО-ДПМНЕ да реши, или јавно или прикриено, како што беше со референдумот на 30-ти септември, да ги бојкотоира претседателските избори и така да доведе до неисполнување на законскиот цензус од 40 отсто, што пак би резултирало со неуспешни избори.
Премиерот, иако јавно не сака да зборува за вакво сценарио, сепак навести дека се разгледуваат, како што ги нарече „секакви можности“.
„Крај на година е, сакам оптимистички да размислувам, а не за тоа дека ќе нема цензус. Ајде да успееме да има цензус. Тоа е редот, по Устав, по закон да избереме претседател. Мандатот на Иванов завршува на 12-ти мај и во согласност со тоа да бидеме фокусирани на успешни, демократски избори за нов шеф на државата. Секако, има секакви можности ако тоа не се случи, но не би сакал сега да размислувам или дебатирам за нив“, рече премиерот Зоран Заев.
Според законот, во прв изборен круг за претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број запишани избирачи.
Ако тоа не се случи, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати со најмногу гласови.
Тогаш, за шеф на државата е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, ако гласале повеќе од 40% од гласачите.
Во ситуација опозицијата да реши да бојкотира, владејачките партии, поддржани од исклучените пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, би пристапиле кон уставни измени и промена на начинот на избор на претседател на државата.
„Јас дефинитивно не се кандидирам за претседател. Зоран Заев не е кандидат за претседател, убаво е да се разгледаат другите кандидати, да се отовори дебата, зашто само така ќе се изнедри најдобарата личност за наш нов претседател“, рече Заев.
Бидејќи е речиси неверојатно шеф на државата да биде избран во првиот изборен круг, за успешни избори во вториот круг треба да излезат 40 отсто од вкупниот број избирачи, што би значело повеќе од 700.000 граѓани.
Facebook Forum