Во собраниската Комисија за транспорт и врски утре ќе се одржи јавна расправа за состојбата со аерозагадувањето, заснована врз информацијата „Енормно загадување на амбиенталниот воздух во Македонија“. Информацијата е подготвена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а закажана од претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска, пратеничка од ова партија. На расправата се поканети 30 учесници, од невладиниот сектор, Министерството за животна средина и надлежниот Инспекторат.
Иако, власта тврди дека денешната топ-вест во македонските медиуми, објавена од „Еуроњус“ – дека Македонија е најзагадена земја во Европа, со аерозагадување и десет пати повисоко од дозволениот максиум - се заснива на застарени податоци од извештај на Европската агенција за заштита на животната средина од 2015-та и 2016-та, состојбата со загадувањето и денес е алармантна.
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули изјави за медиумите дека „во меѓувреме има намалување на загадувањето, според мерните станици, кое се должи на зголеменото чистење и зачестените инспекции“, а Владата минатата недела донесе и стратешка програма „План за чист воздух“, во која борбата против загадувањето е воведена и како стратешки приоритет.
Но, според опозицијата, и покрај сите ветувања на актуелната власт, додека била во опозиција, за бројни реформи и мерки за намалување на загадувањето на воздухот, досега ништо не е остварено. Македонија и денес има висока стапка на смртност како резултат на загадувањето со ПМ2,5 честички, а во 2015-тата, таа изнесувала на европско ниво - највисоки 28,7 смртни случаи на 100 илјади граѓани, односно, 1.469 животни години загубиле граѓаните на Македонија поради аерозагадување.
Владеачката СДСМ реагираше на опозициските обвинувања, со соопштение, во кое се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ, „11 години го игнорирала проблемот со загадувањето на воздухот и се посветила единствено на криминал, корупција и лично богатење на поединци“ и дека „како последица на таквиот игнорантски однос, секоја година нивото на загаденост станувало сè поалармантно“, а дека токму новата власт го враќа зеленилото во македонската престолнина.
„Денес, на долгогодишниот проблем со загадувањето му се пристапува одговорно и системски. Во рамките на своите надлежности повеќе институции, на локално и централно ниво, како и Градот Скопје преземаат мерки и работат на решавање на наследениот проблем со загадениот воздух“, реагира СДСМ.
„Зголемувањето на инспекцискиот надзор на најголемите загадувачи, детектирањето на дивите депонии, гасификацијата, се дел од мерките кои придонесуваат за намалување на загаденоста на воздухот... Воведувањето на бесплатен автобуски превоз во деновите кога загаденоста е поголема, воведувањето електрични автобуси и набавката на нови 40 следната година, исто така се дел од мерките што Град Скопје ги презема за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот“, се вели во соопштението.
Во својата програма, како стратешки приоритет, власта очекува дека за две години ќе ја намали аерозагаденоста во Скопје за 50%, а во останатите загадени градови од 30 до 50%.
Колкав е оптимизмот на владеачката СДСМ, покажува и потегот на Градот Скопје, како еден од најзагадените градови во Европа, што ја изненади македонската јавност, да апликацира за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година, која според медиумите е прифатена од Европската комисија. За наградата која е воведена во 2010 година и го вреднува напредокот што ќе го постигне еден град во спроведувањето на зелените политики и напредокот во подобрувањето на животната средина, конкуренти на Скопје се Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон, Лил и Стразбур (Франција), Лахти (Финска), Тирана (Албанија) и Вестерос (Шведска).
Градот Скопје со апликацијата на 150 страници се обврзува дека до 2021 ќе се приспособува на климатските промени, ќе воведе одржливи мерки како урбана мобилност и употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздухот и водите, како и намалување на бучавата, отпадот и зголемување на зелената површина и еко-иновациите, енергетските перформанси и управување.
Никола Наумовски, шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, според „Мета“, изјавил дека градската администрација во изминатата година преземала 25 мерки за намалување на загадувањето: „Направивме обуки на 20 нови оџачари, за 30 отсто е зголемена бројката на подигнати возила од пајак-службата, ослободени се четири километри тротоар за пешаците и велосипедистите, воведовме бесплатен јавен превоз во деновите со енормно загадување, во тек е постапката за набавување на 40 еколошки автобуси, субвенции има за велосипеди и електрични тротинети, редовно ги миеме улиците, воведовме систем за пријавување на огнови на отворено, дуплирани се казни од инспекторите, поставен е филтер на Дрисла и воведовме бесплатна автобуска линија за Водно.“
Facebook Forum