Последните истражувања на јавното мислење покажуваат сериозна поделеност на граѓаните на Македонија за претстојниот референдум. Разликите за ова клучно прашање се по неколку основи - етнички, демографски, партиски.
Според анкeтата на МЦМС, 66,4 отсто од испитаниците би излегле да гласаат на 30-ти септември, додека 19,8 ќе бојкотираат. Резултатите од телефонското истражување спроведено на крајот на јули врз 1.026 граѓани, покажуваат дека 41,5 проценти би гласале за референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“, додека 35,1 би биле против.
Но, мнозинството Македонци, според податоците од анкетата, се „против“ договорот, наспроти мнозинството Албанци кои би биле „за“. Експертите очекуваат владејачката постава во наредниот период повеќе да се посвети на внатрешната ситуација, како и на информирањето на јавноста за суштината на Договорот со Грција.
„Власта има одговорност, трошеше многу време на решавање клучни надворешнополитички прашања и многу внатрешни прашања беа запоставени. Мислам дека ќе има пораки од важни луѓе и посети и многу нешта ќе се сменат, но треба и власта да промени некои работи“, изјави политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.
Токму во овој сегмент, според него, треба да се бараат и причините зошто ВМРО-ДПМНЕ дојде на само 0,4 проценти разлика од владејачкиот СДСМ - 24,4 наспроти 24 проценти. „Скандалите и кадрите што го рушат имиџот на владата повеќе му штетат на Заев, отколку договорот за името“, вели Биљали.
„Големи беа очекувањата во однос на постојната власт, особено во делот на инвестициите. Но многу кадри не се сменети во администрацијата и сето тоа се рефлектира во рејтингот на власта“, додаде овој аналитичар.
До 30-ти септември останува нешто повеќе од месец и половина, период којшто ќе покаже дали власта ќе ги консолидира своите позиции, или опозицијата ќе направи нов исчекор.
Facebook Forum