Македонската влада е задоволна од одлуката на Советот на министри на Европската Унија, на Македонија да и` се утврди пат за старт на преговори за членство во јуни 2019-та. Според премиерот, станува збор за чекор што е целосно во согласност со очекувањата на Скопје.
„Дозволете да се заблагодарам на сите земји-членки на ЕУ за оваа мотивирачка одлука за Република Македонија. Особено ми е драго што нашите два соседа, Република Бугарија и Република Грција, водеа плодна дискусија и се изборија за посакувана одлука за Македонија и за Албанија, и сме среќни и благодарни за тоа“, истакна Зоран Заев.
Но, иако јавните изјави се позитивни и во нив се зборува за датум за преговори, од заклучоците е јасно е дека Македонија и Албанија добија перспектива за одредување датум догодина - процес што ќе зависи од темпото на спроведување на реформите. Заклучоците утврдени вчера на министерско ниво се постигнати по напорна дебата и се компромисни поради скпетицимот кај одредени земји-членки како Франција и Холандија.
„Беше 10-часовна дебата и не беше лесно да се дојде до решение. Станува збор за добра одлука зашто дава јасна временска рамка за двете земји. Тоа е подобро од ништо. Владите на овие две земји мора да продолжат со имплементирање на реформите. Станува збор за добро решение, лично според мене, ќе беше подобро да имаше похрабри одлуки но е решение што беше тешко постигнато меѓу земјите членки“, подвлече министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Во заклучоците, меѓу другото, недвосмислено се поздравува и македонско-грчкиот договор за прашањето за името, кој и беше предуслов за Атина да даде поддршка за Македонија да напредува во евроинтеграциите. Овој чин го поздрави и Џејсм Пердју, сведок на историскиот Охридски договор во 2001-та.
„Името Република Северна Македонија, одлично звучи и ја прикажува реалноста на оваа историски значајна земја. Сакам јавно да ги пратам моите честитки до лидерите и до народите на двете земји за големата храброст“.
За реализирање на вчерашните заклучоци, Брисел од Скопје очекува јасен напредок во три клучни области - судски реформи и пресуди за случаи на организиран криминал и корупција на високо ниво, реформи во безбедносните служби и во јавната администрација. Во меѓу време на Комисијата и се даваат одврзани раце да почне со неопходните подготвителни активности, како што е т.н. скрининг - степенот на усогласеност на домашното со европското законодавство во одредена област.
Facebook Forum