Македонско-грчкиот договор, Република Северна Македонија, ја подели домашната стручна јавност. Од тоа дека ова е договор за капитулација на Македонија, па се` до тоа дека станува збор за добар компромис после три деценискиот спор. Поранешниот амбасадор на Македонија во Софија и Лондон, Ѓорѓи Спасов, вели дека ова е добар договор и фер-компромис меѓу двете земји.
„Со него се надминува непријателството меѓу двете земји, а Македонија добива можност да ги оствари своите стратешки цели за членство во НАТО и ЕУ. Договорот отвора ново поглавје во историјата на балканските земји и воспоставува односи врз основа на мир, соработка и взаемно почитување. Со договорот, Македонија добива можност да стане рамноправен член на меѓународното семејство на народите и без фрустрации да продолжи да ги негува и одбрани националните и етнички идентитети на македонската и сите други заедници во Македонија“, изјави Спасов за Гласот на Америка на македонски.
Според него, македонската опозиција треба да ги користи сите демократски средства што и` стојат на располагање, за да докажува зошто мисли дека ова не е добар договор.
„Но претседателот Иванов не смее да застане јавно на страната на нацоналистичките сили во земјата кои се во малцинство и мора да покаже поголемо воздржување и почитување на потезите на владата, на парламентарното мнозинство и на албанската етничка заедница и пред се` на Уставот. Тој не смее и во овој случај флагрантно да го крши Уставот како во случајот со Законот за јазиците, ниту пак да користи и поттикнува говор на омраза и конфликти во сопствената земја“, додава Спасов.
Но за Биљана Ванковска, професорка по политички науки, текстот на договорот меѓу Атина и Скопје е мошне контроверзен. Според неа, тој ја турка Македонија во длабока криза.
„Најспорни се две работи: првата е преседанот, една држава да прифати соседната држава да ѝ наметне уставна реформа, односно како „овластен предлагач“ да се појави туѓа држава, која дури и диктира уставни решенија. Втората работа е, се разбира, опсегот на употреба или неверојатното грчко разбирање на принципот erga omnes, при што, не само што својата волја ја наметнува врз властите и граѓаните на оваа суверена земја, туку и бара влијание врз сите членки на ООН, а притоа таа го задржува правото да не' нарекува со име кое би било без превод ни на грчки, ни на англиски (Severna Makedonija)“, вели Ванковска.
„Дека патот до пеколот е поплочен со добри намери, гледаме и во овој пример: без изграден национален, или барем политички консензус, владата коцкарски стави се' на една карта и во тајни преговори дојде до наводно решение, за кое дури очекува да биде дочекано со среќа. Наместо отворање перспективи за развој и евроинтеграции, ние влегуваме во нова фаза на уставна, политичка, и општествена криза во чиј центар се повторно т.н. големи, национални теми“, рече Ванковска за Гласот на Америка.
Андреја Стојковски од организацијата Евро-Тинк, смета дека договорот ќе отвори нови перспективи за државата.
„Договорот кој двете држави го постигнаа пред неколку дена, не се однесува само на спорот за името, ниту пак на промената на името. Договорот се однесува и на економска соработка, на безбедноста итн. Тој, меѓу другото, има влијание и врз нашето пристапување во НАТО и во ЕУ и оттаму има сериозно влијание врз идниот развој. Со други зборови, ова е време за политичарите да престанат да мислат на следните избори, а за политичарите и граѓаните да помислат повеќе на следните генерации“, вели Стојковски.
За универзитетски професор Назми Малиќи, интензивирањето на процесите и на преговорите за проблемот со името, како и изнаоѓање на компромисно решење, е добар почеток за добра конкуренција со проекти за добросесдство.
„Македонија и Грција не можат да бидат уникатен пример во глобални рамки, во негативна смисла на зборот. Двете земји мора да се приклучат кон глобалните процеси на помирување и на придвижување на соработката меѓу државите“, смета тој.
Малиќи се надева дека сето ова нема да доведе до влошување на меѓуетничките односи во државата.
„Аргументите со кои настапуваат патриотите во наводници, веќе немаат смисла. Сега мора да се прифати реториката на дипломатијата, за што, секако, ќе помогне Македонија да добие покана за членство во НАТО и да се забрзаат интегративните процеси за зачленување во ЕУ. Се надеваме дека, политичката елита од власта и опозицијата нема да измислат афери за влошување на меѓуетничките односи“, вели Малиќи.
Facebook Forum