Линкови за пристапност

Заев - од судење, на самит на ЕУ по решение за името


Резервираност и во Македонија и во Грција за исходот од средбата Заев - Ципрас на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија

Денеска, со завршните зборови, во Кривичниот суд во Скопје, продолжи судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, а на кое, обвинителката Валентина Бислимовска, поради фактот дека немало предавање на пари и стекнување имотна корист за Заев, побара преквалификација на обвинителниот акт. Наместо за примање поткуп, таа побара Заев да биде осуден за барање поткуп. За првото, потешко кривично дело е предвидена казна од најмалку пет години затвор, а за второто – барање поткуп, казната е од една до пет години затвор. Во „Поткуп“ Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев. Но, според одбраната, Заев очекува ослободителна пресуда зашто се работи за монтиран случај - со цел тој да биде спречен да ги објави таканаречените – бомби и да се сопре проектот „Вистината за Македонија“.

Адвокатот Филип Медарски во завршниот збор истакна дека неговиот клиент Заев бил жртва на наместен случај на агент-провокатор на полицијата и Обвинителството, чиј исказ не може да има доказна вредност и се повикал и на праксата на Судот за човекови права во Стразбур.

Со преквалификацијата на делото, и судијката Добрила Кацарска нема да учествува во носење на пресудата за случајот „Поткуп“. Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен премиер Никола Груевски, кој е обвинет во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство, по едно од судењата деновиве, во изјава за медиумите директно обвини дека постои наводен договор меѓу Заев и судијката Кацарска (која го суди и случајот „Тенк“ за нелегална набавка на луксузниот мерцедес на Груевски): Заев да биде ослободен, а тој (Груевски) осуден, за потоа, судијката Кацарска да биде унапредена. Но, по барањето на обвинителката Бислимовска, во „Поткуп“ на Заев да му се суди за полесно кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години, според законот, таквото дело ќе го суди и ќе пресуди само еден судија, а судијката Кацарска и тројцата судии-поротници се ослободени од должноста.

По денешното судење, Заев заминува за Софија, каде на 17 мај, ќе учествува на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, чиј домаќин е Република Бугарија како земја- претседавач на Европскиот Совет. Заев кој патува со заменикот премиер задолжен за европски прашања Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, ќе учествува во активностите на официјалната агенда на Самитот и ќе има билатерални средби со повеќе премиери и шефови на држави меѓу кои и со претседателот на Франција Емануел Макрон, со германската канцеларката Ангела Меркел, како и со премиерите на Холандија, Австрија, Шведска и Естонија.

Сепак, настан кој најмногу го привлекува вниманието на македонската јавност, е средбата на Заев со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас.

Иако посредникот во спорот за името Метју Нимиц, по последната средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, изјави дека „двајцата завршиле позитивна работа“, а Димитров потенцираше и дека преговорите се во најделикатната и последната фаза, главните актери сепак, се резервирани. Иако и во дел од грчките медиуми се шпекулираше и за наводна нацрт-спогодба која премиерите на Грција и на Македонија би ја потпишале неделава во Софија, со која, Македонија би се обврзала во рок од две години, во фази да го имплементира договореното, а би добила датум за преговори со ЕУ и гаранции за прием во НАТО по заокружувањето на процесот, сепак, како да надвладува песимизмот. Наспроти Самитот на ЕУ за Западен Балкан, во медиумите во обете престолнини се чувствува воздржаност во поглед на конечно доближување на ставовите за решавање на деценискиот спор за името.

Според изјавата на грчкиот алтернативен министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос за грчките медиуми, која ја пренесоа и медиумите во Македонија, „прашањата се стигнати до нивното јадро и сега е време да се разговара на највисоко ниво“, но постои „воздржан оптимизам дека може да има договор“. Тој ги демантирал и медиумските шпекулации за наводниот преоден период за имплементација на договореното. А партијата Независни Грци, на чие чело е министерот за одбрана Панос Каменос, која е колиционен партнер во Владата, и понатаму не прифаќа име во кое би бил вклучен терминот - Македонија. Според портпаролката на партијата Магдалена Пападопулу, „државата на Скопје ќе треба да прифати еден комплетен договор, односно, промена на Уставот, промена во личните карти, едно име за сите... За нас, јадрото на иредентизмот на соседната држава, се наоѓа во името“, се вели во изјавата на Пападопулу што ја пренесе МИА.

Според македонскиот премиер Зоран Заев, пак, претстојната средба со Алексис Ципрас, сепак, нема да донесе и конечно решение за затворање на проблемот, зашто сè уште има отворени прашања, па во Софија, пред сè, ќе се резимира договореното меѓу министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас.

„Верувам дека пред сè, треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал, некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот совет, 25 и 26, па 28 и 29 јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш, да имаме некое решение (за името – н.з.), па дури, треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации. За, како што реков, процесот, ако е тоа можно, да биде поддржан од сите“, изјави деновиве во медиумите премиерот Заев.

Од друга страна, опозицискиот лидер Христијан Мицковски, критикувајќи ја наводната нетранспарентност на Владата, го прекина патувањето и средбите со македонската дијаспора во Италија, и се врати во Скопје, барајќи итна лидерска средба (прва по мартовската средба на оваа тема со премиерот Заев) и дополнителни информации за преговорите за името, во кои, според ВМРО-ДПМНЕ, актуелната власт „тргува со сè живо“ и создава впечаток дека преговорите се кријат од јавноста во Македонија која заслужува одговори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG