Линкови за пристапност

Контроверзата Тарчуловски


За доближување до албанското изборно тело, ВМРО-ДПМНЕ во кампањата користи рекламни материјали и на албански јазик, но паралелно, го кандидираше за градоначалник единствениот Македонец осуден во Хаг, за командување со акција во 2001-та, во која се убиени тројца албански цивили

„За мене кандидатурата за градоначалник на Општина Кисела Вода, воедно претставува голема чест но и голема одговорност. Тоа е всушност, да си татко на повеќе од 60.000 жители. Засега, успешно се снаоѓам како татко на три деца, но повеќе од сигурен сум и убеден дека, исто така, успешно и ќе ја водам Општината. Имам визија и програма со која Општина Кисела Вода ќе ја внесам во новата ера и од неа ќе направам една модерна и мултифункционална општина“, истакна кандидатот за градоначалник, Јохан Тарчуловски во едно предизборно интервју.

И, ова ќе беше само уште еден дел до богатиот мозаик на кампањата за Локалните избори 2017 кои ќе се одржат на 15 октомври, да не беше контроверзата околу ликот и делото на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е осуден од Судот за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија и помина 8 години во затвор во Холандија.

Тарчуловски во 2008-та беше првостепено осуден на 12 години затвор од Хашкиот трибунал, за командување со лолициската акција на 12-ти август 2001-ва, во скопското село Љуботен, за време на оружениот конфликт во Македонија, кога според обвинителниот акт, биле убиени тројца цивили, етнички Албанци. За случајот во Љуботен, беше обвинет и поранешниот министер Љубе Бошкоски, кого Трибуналот го прогласи за невин во 2008. Трибуналот го прогласи Тарчуловски за виновен за планирање, поттикнување и наредување на злосторства, кои се оквалификувани како кршење на закононите и обичаите на војување. Тарчуловски се жалеше на пресудата, но Жалбениот совет во 2010-та му ја потврди осудителната пресуда, со отфрлување на жалбата по сите основи. Така, Тарчуловски, кој од март 2005-та беше во притвор во Шевенинген, издржа две третини од казната (8 години, во кои му беше пресметан и притворот) како услов за предвремено ослободување, по што во 2013 година беше ослободен.

Сепак, актуелната кандидатура на Тарчуловски предизвика полемики во дел од медиумите и особено, на социјалните мрежи, со оценки дека ваквиот приод на ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе ќе ја зголеми резервираноста на етничките Албанци во Македонија кон оваа партија.

Но, според вaжечките законски одредби во Македонија, лице осудено на казна затвор кое ја издржало казната - нема законска пречка да биде кандидат за градоначалник, односно, осудено лице (затвореник) откако ја издржало казната, може да биде вршител на јавна функција и може да биде кандидат за градоначалник, a осудено лице кое сè уште не не почнало со издржувањето на изречената затворска казна или се наоѓа на издржување на казната во време на пријавување на кандидатурата, нема право да се кандидира за градоначалник! Поточно, според членот 7 став 3 од Изборниот законик, „кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над 6 месеци, чие издржување сè уште не е започнато и лице кое се наоѓа на издржување на казна затвор за сторено кривично дело“.

Така, останува дилемата која ќе мора да ја решаваат правните експерти, за логиката на ограничувањето на правото на секој граѓанин да врши јавни функции и да се кандидира кое важи само за осудените лица кои не го започнале издржувањето на изречената затворска казна и за лицата кои се наоѓаат на издржување на казната, а не и за осудени лица кои ја издржале изречената затворска казна, па дури и ако е во прашање пресуда на Хашкиот трибунал.

Од друга страна, според медиумите, Тарчуловски кој е и актуелен пратеник во Собранието, на два дена пред изборите, на 13 октомври, ќе мора да се појави во граѓански суд во Скопје, на расправа за надомест на материјална и нематеријална штета од милион евра, која ја побаруват семејствата на загинатите лица во скопското село Љуботен во 2001-та година, иако, и таа постапка против него, нема да биде пречка за неговата кандидатура.

На „крвавиот четврток“ на 27-ми април 2017, Тарчуловски беше еден од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои ги отворија вратите на Собранието и овозможија влез на демонстрантите, од кои дел ги тепаа и повредија пратениците на СДСМ и на ДР-ДПА, невиден инцидент кој досега нема правна разврска.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG