Линкови за пристапност

Што по истекот на рокот на СЈО?


Први јули е последниот ден кога Специјалното јавно обвинителство ќе може да поднесе обвинителен акт за предмет кој потекнува од нелегалното прислушкување.

Во обвинителството се отворени 15-тина истраги, а засега обвиненија се поднесени за само две - насилните протести пред Општина Центар и злоупотребите во Битола со превозот на ученици познат како случај „Транспортер“.

Според информациите на Гласот на Америка, до истекот на овој рок ќе бидат поднесени уште неколку обвинителни акти, меѓу кои ќе има најмалку два клучни предмета, каде обвинети ќе бидат дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни високи полициски функционери. Сепак, повеќето од отвроените истраги нема да бидат завршени во законскиот рок.

Деновиве во СЈО се врши распит на осомничените во повеќе предмети. Секојдневно во обвинителството можат да се видат лица од раководството на партијата, но не и лидерот Никола Груевски кој заминал надвор од државата, на одмор.

Осомничените без исклучок тврдат дека се невини и дека станува збор за прогон бидејќи СЈО, според нив, било продолжена рака на СДСМ.

Шефицата на обвинителството Катица Јанева, речиси во сите појавувања пред јавноста бараше рокот за поднесување на обвинителни акт да се продолжи, бидејќи станува збор за обемни истраги и посочуваше дека нема никаква поддршка и соработка со државните институции.

СЈО има мандат од 5 години а законски рок за поднесување обвиненија од 18 месеци од денот кога ги добиле материјалите, а тоа е 30-ти декември 2015 година, кога лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев ги достави во просториите на обвинителството.

За да се продолжи рокот за обвиненија потребни се законски измени, односно укинување на членот 22, за кој треба да гласаат најмалку две третини од пратениците во Собранието, што е невозможно, затоа што тоа ја вклучува и поддршката на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Второто решение е членот 22 да го укине Уставниот суд.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG