Линкови за пристапност

Тивка полемика околу идниот вицепремиер за економски прашања


Додека бизнис асоцијациите веќе лицитираат со имиња, експертската јавност молчи и ретки се реакциите дека евентуалниот вицепремиер, кој како задолжен за економски прашања во новата, главно социјалдемократска влада, би дошол од приватниот сектор, би се нашол во конфликт на интереси

Продолжуваат преговорите на лидерот на СДСМ и мандатар Зоран Заев со претставниците на трите албански партии - ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса, за состав на новата влада.

Паралелно со политичките преговори, во медиумите се појавија предлози на стопанските комори кои се залагаат нивен претставник да добие вице-премиерско место во новиот кабинет на Заев. Идниот вицепремиер задолжен за економски прашања, избран на предлог на бизнис-заедницата, според нив, би имал улога на врска меѓу приватниот сектор и институциите и би обезбедувал стабилност и спроведување на мерки за подобрување на условите за раст и развој.

Дел од експонираните членови од СДСМ чија сфера на интерес досега беа економските прашања, беа резервирани и за сите кадровски прашања и новитети во владата, не упатија да побараме коментар за ваквото барање на бизнис-секторот, од партискиот врв кој ги води политичките преговори со партиите од парламентарното мнозинство.

Од бизнис асоцијациите прва официјално со предлог излезе Стопанската комора на Северозападна Македонија, во која главно членуваат бизнисмени - етнички Албанци, а која на Заев му го предложи Неби Хоџа за иден вицепремиер

Сојузот на стопански комори пак, излезе со став дека застапникот на приватниот сектор во новата влада треба да биде избран со консензус и дека треба да се работи за искусен професионалец кој и досега активно и подеднакво ги застапувал и промовирал интересите на сите сектори на деловната заедница. ССК е со став дека за кандидатот за вицепремиер за економски прашања не треба да биде пресуден политичкиот ангажман, ниту партиската книшка, туку неговите заложби за „креирање на стратегија за развој на приватниот сектор, зголемување на продуктивноста и на бројот на вработувањата во стопанството, како и подобрување на деловното опкружување и овозможување негов раст и развој“.

ССК го предложи како кандидат за иден вицепремиер за економски прашања Александар Зарков, извршен директор на комората, кој, според официјалното соопштение, меѓу повеќе кандидати, ги добил гласовите на Советот на секторските претседатели.

Иако нема официјална потврда, медиумите наголемо шпекулираат дека кандидат на најстарата комора, Стопанската комора на Македонија, за вицепремиер за економски прашања, ќе биде професорот на Машинскиот факултет, Кочо Анѓушев, искусен менаџер, основач, главен извршен директор и претседател на борд на директори на неколку успешни фирми, пред се`, од областа на енергетиката и производството во Македонија, но и извозно ориентирани. Неофицијално, Анѓушев ќе биде предложен и како единствен кандидат од стопанските комори за вицепремиерското место, но тој досега не излезе со официјален коментар за ваквите најави.

Засега, стручњаците од партиските редови и на парламентарното мнозинство и на опозицијата, но и независните економските експерти, се воздржуваат од коментари за новата идеја. Единствено професорот д-р Бранимир Јовановиќ, на социјалните мрежи, отворено ѝ се спротивстави, тврдејќи дека вицепремиерот не треба да биде од бизнис секторот.

Тој својот став го аргументираше дека новата влада ќе ја предводи СДСМ, а „социјалдемократите по својата идеологија, треба да бидат на страната на работниците, а не на страната на бизнисмените“, како и дека „од економска гледна точка, Владата е таа која треба да го контролира бизнис-секторот, а не да биде контролирана од него“.

Јовановиќ ја поставува и дилемата околу интересите кои ќе ги застапува „вицепремиерот од бизнис секторот“, и прашува: „Дали тој би се согласил со зголемување на даноците, за да може владата да инвестира во здравството и образованието?“.

Како контрааргумент за идејата, професорот ги наведува и според него, досегашните „катастрофални искуства“ со вицепремиери и премиери од бизнис секторот и го обвинува токму бизнис-секторот за досегашното молчење, додека во „овие 11 години Груевски ја уништуваше државава“. Јовановиќ е дециден дека токму „бизнис секторот има најмалку право да биде во новата влада која ќе треба да ја поправа државата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG