Линкови за пристапност

„Десороизација“ или пресметка со невладиниот сектор?


Уште пред изборите провладиното Граѓанско движење за одбрана на Македонија побара забрана на невладините организации, но месецов полемиката за влијанието на Сорос ескалира.

„Оваа власт живее само со лаги и манипулации, сé со цел да го сокрие својот мега-криминал. Во склоп на ова, режимот има потреба од наводно надворешно-внатрешни непријатели, кои наводно ја загрозуваат нацијата и кои сакаат да ја уништуваат државата и судбината на народот. Сé со цел, Никола Груевски да се појавува како заштитник или спасител од таквите зла. Од авој агол треба да ја третираме кампањата против наводното зло што доаѓа од Фондацијата на Џорџ Сорос“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, профeсор д-р Мерсел Биљали, по повод острата полемика која по изборите се разви во македонската јавност, за таканаречениот „процес на десоросоизација“.

Потребата од „десороизација“ на македонското општество прв, по предремените парламентарни избори, ја потенцираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, обраќајќи им се на своите приврзаници кои демонстрираа пред објектот на Државната изборна комисија, на 16-та декември 2016. Груевски тогаш како процес на „десороизација“ го најави пречистувањето на работата на невладините организации во Македонија: „Ќе се бориме за десоросоизација на Република Македонија и за јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на функционирање на невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“.

Обелоденувајќи го Прогласот на ИК на неговата партија во четири точки, Груевски тогаш, иако истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ била и ќе биде прозападно ориентирана партија, чија цел е членство на Македонија во ЕУ и НАТО и стратешко партнерство со САД“, ги обвини дипломатите во Скопје: „Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата, тоа мора да запре... ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешни прашања и бараме да останат во рамките на своите мандати“.

Оттогаш, полемиките „за“ и „против“ Фондацијата на Џорџ Сорос – „Институт Отворено општество Македонија“ (ФИООМ), се ударна тема во политичкиот живот, меѓупартиските војни со соопштенија, но и на социјалните мрежи.

Никола Груевски во неговите интервјуа во „Република“ и во „Дневник“, потенцираше и дека Сорос има и личен удел во создавањето на кризата во Македонија, обвинувајќи го за аферата „Прислушување“: „Спо­ред ­информациите со ои распола­гам, пок­рај кон­ти­ну­и­ра­но­то дејс­тву­ва­ње на Сорос ин­сти­тутот, ме­ди­у­ми­те што ги фи­нан­си­ра, НВО што ги фи­нан­си­ра, го­лем број ин­те­лек­ту­ал­ци, про­фе­со­ри, по­ли­тич­ки ана­ли­ти­ча­ри и новина­ри кои ги фи­нан­си­ра во Ма­ке­до­ни­ја, ка­ко и проектот со пла­те­ни­те лу­ѓе за про­тес­ти што са­ми­те се на­рекоа ‘Ша­ре­на ре­во­лу­ција’, Сорос има и по­ди­рек­тен ли­чен ан­гаж­ман во создава­ње­то на кри­за­та во Македо­ни­ја, чиј гла­вен столб беа објавените кре­и­ра­ни ма­те­ри­ја­ли од те­ле­фон­ски раз­го­во­ри“.

Во сличен контекст беше и интервјуто на министерот за надворешни работи Никола Попоски за еден италијански весник „Ла Верита“, каде тој потенцираше дека „откако е присутно во Македонија ‘Отворено општество’ потроши околу 60 милиони долари за македонските невладини организации... Всушност, 90% од финансиските средства, коишто ги добиваат невладините организации, доаѓаат од еден единствен извор. Ако на тоа му се додаде и фактот дека голем дел од корисниците активно се занимаваат со политика (а тоа би требало да го прават политичките партии), под капата на хуманитарни организации, и вам може да ви биде јасно дека сето тоа не би можело да биде прифатено од страна на една суверена држава“.

Откако инспекциските служби влегоа во дел од граѓанските организации кои делумно се поддржувани во својата работа со грантови на Соросовата фондација, да го истражуваат нивното финансиско работење, ВМРО-ДПМНЕ со соопштение го поздрави таквиот чекор, порачувајќи дека „десороизацијата“ продолжува „во име на народот“, кој според владеачката партија, „на 11-ти декември гласаше против деструктивната политика на СДСМ-Сорос. Народот гласаше против платеничката револуција, против насилството врз полицијата, против вандализмот, палењето и уништувањето на државни и институции и спомен обележја“.

За граѓанскиот сектор и инспекцискиот надзор е само дел од пресметката со оние кои мислат поинаку, преку нападите и заканите кон Фондацијата, нејзината извршна директорка Фани Каранфилова Пановска и самиот Сорос. За процесот на „десороизација“, пак, дел од експертите тврдеа дека всушност, е „сатанизација“ на продемократските сили во земјата.

Една од организациите која се најде на списокот на обвинети од ВМРО-ДПМНЕ, беше и Здружението на новинарите на Македонија, кое одговори со соопштение во кое се вели дека „обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ против ФИООМ, за наводно корумпирање на новинарите, се чиста замена на тези на досегашната власт, која нема храброст да се соочи со сопствената одговорност за масовната злоупотреба за медиумите за политички цели“. ЗНМ ги повика „претставниците на власта да престанат со навредите и повиците за насилство против новинари“, потсетувајќи ги дека ќе сносат одговорност за евентуалните последици.

Но, неодамна беше формирано и граѓанско здружение „Стоп Операција Сорос“, кое побара одговор од Амбасадата на САД и од Kанцеларијата на УСАИД во Македонија, на кој начин соработуваат и ја финансираат Фондацијата, а еден од иницијаторите, Цветин Чилиманов, предложен од ВМРО-ДПМНЕ за член во ад хок телото за следење на медиумското покривање на изборите, изјави: „На социјалните мрежи, во текот на овие денови ќе ги информираме и граѓаните како можат конкретно да испратат информации, свои забелешки, поплаки и коментари, како во Македонија, така и во Вашингтон, до луѓето кои ги распределуваат овие средства (грантови, финасиска поддршка за проекти на НВО и на независните медиуми – н.з) и да им кажат дека Македонија го цени стратешкото пријателство со САД, но изминатиот период на некој начин тоа беше киднапирано од една група идеологизирани лица од двете држави“.

Според соговорникот на Гласот на Америка на македонски јазик, професорот Мерсел Биљали, „многу луѓе точно знаат колку Сорос ѝ има помогнато на Македонија со неповратни средства, со цел да ја спаси од реалното зло. А не, како овие од власта кои самите се најголемото зло на државата“.

Биљали потенцира дека „владеачката структура - државата ја има доведено до ивица на опстанокот, каде што моралните вредности се исчезнати. Од држава - лидер во регионот, направија последна држава во светот. Единствено што има прогресивна линија е општиот грабеж. И сега, ај да видиме по реалните параметри кое е најголемото зло на државата – режимот, или измислените непријатели кои всушност, ни се вистински пријатели? Но, тука мора сите да се организираме максимално и не треба да ги потцениме овие опасни структури, оти тие сé уште се власт и реално се голема потенцијална опасност за сите нас. Тие се мафиокоалиција која гледаме дека жилаво сé уште се бори за свој опстанок. Ги гледаме челниците на ДУИ што сé прават, за да не се одлепат од ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ни` треба многу поефикасна организација за да се спасиме од оваа зло“.

„Јасна е повеќегодишната тенденција на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да креираат имагинарни непријатели и да се закануваат со ‘чистки’ на своите неистомисленици. Прогласот од 17-ти декември, со кој Груевски, меѓу другите закани, најави и ‘десороизација’, оркестрираниот упад на Управата за јавни приходи во над 20 граѓански организации во текот на декември 2016, мега интервјуто кое дојде на првиот работен ден во Новата 2017 година, барањето на Управата за финансиско разузнавање за проверка на 22 невладини организации и 42 физички лица и формирањето на клеветничкото и платеничкото движење „Стоп операција Сорос“, упатуваат на тоа дека хајката против правдољубивото и слободољубиво граѓанско општество и против Фондацијата ‘Отворено општество – Македонија’, добива на интензитет, a линчот кон неистомислениците кулминира“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФИООМ.

„Нападите врз граѓанското општество кое бара политичка одговорност и правно санкционирање за корумпираното и криминално десетгодишно владеење на Груевски, има за цел да го заплаши и задуши прогресивното граѓанско движење. Сакам да порачам дека Фондацијата Отворено општество - Македонија останува посветена на принципите и вредностите на отвореното општество, кои во својата суштина значат сериозен ангажман и поддршка за сплотено, гласно и артикулирано граѓанско општество, кое ќе продолжи да се залага за владеење на правото, за отчетна и одговорна власт, за борба против корупцијата, за заштита на човековите права и слободи, за слобода на говорот и за слобода на медиумите, за помош на маргинализираните групи, за социјална правда и за мултиетничко општество“, вели Каранфилова - Пановска.

„Темелните принципи на отвореното општество по дефиниција не се во судир со десницата, ниту пак се во ‘љубов’ со левицата, како што сака да прикаже Груевски, обидувајќи се со разни манипулации овој сериозен граѓански активизам да го обезвредни и да го прикачи на некоја од партиите, така како што тој мисли дека може да се прави. Токму неговата опседнатост со фондацијата на Џорџ Сорос во Македонија ги потврдува принципите и вредностите на отвореното општество, кои се загрозени и се во конфликт секогаш и секаде, кога на власт се лидери и партии кои демонстрираат упад во системот на поделба на власта, корумпирано и криминално владеење, селективна правда, национализам, дискриминација, хомофобија, авторитарност и репресија“, рече извршната директорка на ФИООМ.

XS
SM
MD
LG