Линкови за пристапност

Заврши бојкотот на Собранието


Понатамошните чекори на опозицијата зависат од (не)изборот на специјалниот одвинител

Пратениците на опозициската коалиција утре ќе се вратат во Собранието на Република Македонија, по 15-месечниот бојкот, согласно „Договорот од Пржино“.

Враќањето во парламентот на пратениците од СДСМ и од партиите - коалициони партнери е дел од договорот што четворицата партиски лидери Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ) и Медух Тачи (ДПА) го потпишаа со посредство на меѓународната заедница.

На последните избори во 2014, опозицијата освои 34 пратенички места, но три пратенички, Солза Грчева и Љубица Буралиева од СДСМ и Роза Топузовска Каревска од ЛДП, неприфаќајќи ја партиската одлука за бојкот, останаа во Собранието и беа исклучени од нивните партии.

Според медиумите, опозициските пратеници уште денес влегле Собранието, но само за да се обучат за користење на Парламентарниот институт, којшто за потребите на пратениците подготвува стручни истражувања и анализи. Но, дали пратениците од СДСМ и од коалициските партнери, ќе останат во Собранието и по 15 септември, кога според „Договорот од Пржино“ мора да се назначи специјален јавен обвинител, најмногу ќе заависи од преговорите кои зад затворени врати ги водат лидерите на најмоќните политички партии.

Според партискиот протпарол, Петре Шилегов, „СДСМ со ништо нема да го прекрши постигнатиот договор. Нема да бидеме алиби за непочитување на договореното... Ќе почекаме да видиме што ќе се случи, па потоа ќе кажеме што ќе правиме, нема потреба да се брза со изјави“, најави Шилегов, според кого, ако не се избере специјалниот обвинител, СДСМ ќе продолжи објавувањето на прислушуваните разговори, таканаречените бомби. Неофицијално, претседагтелот на СДСМ Зоран Заев, утре пред враќањето во парламентот на опозицијата, ќе одржи прес-конференција.

„Се согласуваме со ставот на СДСМ дека опозицијата не треба да биде таа што ќе го прекрши договорот од Пржино, а во тој договор нашето враќање во Собранието е првиот рок даден со датум. Јасно е дека власта се обидува да го саботира тој договор, бидејќи се плаши од кривични пријави и притвор, но сега се тие на потег, опозицијата го исполни своето, сега тие треба да покажат дека ќе се држат до договорот“, изјави во медиумите лидерот на ЛДП Горан Милевски.

Според пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми, враќањето на опозицијата во парламентот добра вест, „бидејќи таму им е местото на пратениците“. Тој најави дека ДУИ, како член на владеачката колаиција, ќе има коректен однос и соработка со опозицијата, зашто има обврска да направи се, за Македонија да излезе од политичката криза.

Според лидерот на НСДП, Тито Петковски, „за опозицијата да се врати во Собранието требаше да биде готова правната рамка за избор на специјалниот обвинител и да има усогласени ставови околу личноста што би била назначена на оваа функција. Треба да е веќе закажана и собраниската седница на која овој Предлог - закон ќе биде на дневен ред, како и да се обезбедат тим и финансии, за да може од 15 септември тој веќе да почне да работи. Ако ова не се случи, тогаш враќањето на опозицијата нема поента“. Петковски потенцира дека со враќањето на опозицијата во Собранието треба да почне процесот на барање на кривична одговорност за претставници на уелната власт, и дека - ако тоа не се случи - „се друго е фарса“

Но, на преговорите, се уште нема договор ни за тоа - каква ќе биде функцијата на специјалниот обвинител, дали ќе биде уредена со посебен закон, со измени на актуелниот Закон за обвинителство, како што бара опозицијата, или со подзаконски акти, според ставот на ВМРО-ДПМНЕ, а се уште не се спомнуваат имиња.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, денес истакнал дека управувањето со државата е одговорност која им припаѓа на владејачките партии, но и дека не е помала одговорноста и да се биде опозиција: „Доаѓањето на опозицијата во овој дом треба да се доживее како израз на таква одговорност и тоа ќе му даде полна смисла на македонскиот парламент... Имаме обврска пред народот како политичари од сите бои да си поддадеме рака на единство. Да покажеме дека претставниците на народот промовираат единство и дијалог, а не конфликти и расправии. Да бидеме едно кога се работи за Македонија’, рекол претседателот на македонскиот парламент.

XS
SM
MD
LG