Линкови за пристапност

Ако сакаме да имаме држава со сите нишани и по 50 години, треба да ги решиме актуелните проблеми, рече Пендаровски


Црвенковски: Преспанскиот договор не е идеален, туку е избор на помало зло
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00

Претседателот рече дека сега е потребен нов, широк национален и државен консензус за развој, кој ќе биде поддржан од релевантните политички субјекти

Поинакви согледувања за настаните од минатото, за сегашната ситуација и за тоа што треба да се преземе - така изгледаа денешните настапи на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски и на неговите двајца претходници на дебатата за современата македонска држава.

Иванов и Црвенковски, од комотна позиција како екс-претседатели, ги критикуваа состојбите во земјата, но со видлива разлика – за Црвенковски Преспанскиот договор не е идеален, туку е избор на помало зло, додека за Иванов со спогодбата со Грција се ставило крај на „Република Македонија каква што ја знаеме“.

Црвенковски, невообичаено за него, истовремено беше и самокритичен велејќи дека „носи одговорност за грешките направени додека бил премиер“.

Според него земјата е корумпирана, силно поделелна и премногу се потпира на вербата во идна ЕУ-интеграција.

„Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива“, изјави поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Рече дека не гледа алтернатива ни на исток, ни на далечниот исток, но праша дали во таков случај земјата има сопствен капацитет и политичка волја да се развиваме како суверена држава и без членство во ЕУ.

Ѓорге Иванов пак, кој имаше видеообраќање на собирот во МАНУ, во ист стил како во неговото 10 годишно престојување во претседателскиот кабинет, критикуваше за чекори од минатото, без јасни решенија за иднината.

„Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор. Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината“, рече Иванов.

Според актуелниот шеф на државата може да се продолжи нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, но сето тоа, како што вели Пендаровски, припаѓа на архивите на историјата.

„Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Значи, ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи“, рече Пендаровски.

Она што сега е потребно, според Пендаровски, е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржан од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG