За два дена во Брисел стартуваат пристапните разговори со НАТО, кои се фаза кон полноправно членство во Алијансата.
Процесот на преговори се совпаѓа со собраниската дебата за пристапување кон уставни измени, без кои не може да се ефектуира поканата за членство на Македонија во најмоќниот светски воено-политички сојуз.
Секој од НАТО тројката Шекеринска-Димитров-Пендаровски, денеска не пропушти да потенцира дека целиот интегративен процес сега зависи од Парламентот.
„Пратениците од сите политички партии се исправени пред историска шанса и одговорност. Со притискање на копчето `за` ќе присуствуваат на завршницата на 27-годишниот маратон за зачленување во НАТО. Успехот на Македонија зависи од нивната одлука“, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека според последната анкета, 84 отсто од граѓаните иднината ја гледаат во НАТО.
„Ние сме ветерани во подготовки, толку многу акциски планови, но, конечно го најдовме патот - Грција ја деблокираше поканата. Ние ја завршивме работата, пречката е тргната, сега работата е во Собрание. Влогот е огромен“, рече Димитров.
До НАТО членките е пратена програма за продолжување на реформите, не само во одбраната, туку и во останатите слаби точки: владеење на правото, судство, разузнавачките служби.
„Со оваа сесија разговори во Брисел, Македонија ја отвора последната фаза во своите односи со НАТО пред членство, што е суштински исчекор кон стратешката цел. Да нема дилеми, сето тоа мора да оди преку целосна имплементација на Договорот од Преспа, како што диктира и доминантната политичка волја на македонските граѓани“, изјави Стево Пендаровски, национален координатор за НАТО.
Очекувањата се дека, доколку се оди според планираното во Собранието, пристапниот договор со НАТО Македонија ќе треба да го потпише во првите месеци на 2019-тата, по што ќе следи процесот на негова ратификација во националните парламенти на земјите - членки, процес кој не би требало да трае повеќе од година и половина.
Facebook Forum