Линкови за пристапност

Да се истражи прогонот на невладините организации во време на Груевски


Граѓанскиот сектор бара одговорност

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела се сретна со претставници на невладиниот сектор, и соопшти дека сомнежите за наводни злоупотреби во невладините организации кои соработувале со фондацијата „Институт Отворено општество Македонија“ (Сорос), иницирани на почетокот на минатата година, биле неосновани и оти се известени Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Според обезбедените информации, МВР констатирало оти нема основи за понатамошна истрага и предложило затворање на истрагите.

По тој повод, Билјана Бејкова, извршна директорка на една од контролираните организации НВО Инфоцентар, за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави.

„Официјалното затворање на истрагите како неосновани и без каков било доказ за криминално дејствување на дваесет граѓански организации, претставува потврда дека станува збор за политичка репресија на режимот на ВМРО-ДПМНЕ врз слободумните граѓани. За правдата да биде задоволена, сметам дека надлежните институции треба да спроведат темелни истраги, како и да поднесат кривични пријави за сите оние кои беа нарачатели и извршители на неоснованите истраги. Почнувајќи од Државната комисија за спречување корупција, МВР и другите институции и лица кои ја злоупротребиле својата службена положба“, рече таа.

Бејкова очекува темелни истраги за постоењето спрега меѓу државните институции и службените лица од една страна, и партијата која го најави процесот на ‘десоросоизација’ и групацијата која спроведуваше континуиран медиумски ‘линч’ врз граѓанските организации и активисти, од друга страна.

„Само на ваков начин ќе се обесхрабрат какви било идни обиди за политички прогон на граѓаните во Република Македонија“, децидна е Бејкова.

Иако активистите од организациите, врз кои тогаш се вршел притисок, сега се задоволни од завршувањето на истрагите во кои не се откриени кривични дела, сепак, инсистираат и на одговорност за нарачателите.

„Процесот на ‘десоросоизација’, инициран од ВМРО-ДПМНЕ, имаше една и единствена цел, да ги заплаши, замолчи и казни борците за слобода и демократија во Република Македонија. Ваквиот епилог, недвосмислено укажува на фактот дека државните институции беа злоупотребени од режимот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, за политичка репресија врз граѓанските организации и активистите. Сепак, сметаме дека затворањето на истрагите не е доволно. Бараме надлежните институции да покренат кривични постапки против сите лица кои се ставија во функција на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, во процесот против критичкото граѓанско општество“, се вели во соопштението на активистите.

Тие добиваат сатисфакција и со потврдата на МВР од петокот - дека нема основи за понатамошни истраги против невладините организации, но, и оти се води нова постапка за истрагите кои беа спроведени во периодот на „десоросоизација“.

„Во тек е предистражна постапка во која треба да се обезбедат доволно докази и да се потврдат евентуални злоупотреби, за што во соодветна постапка ќе се поднесе кривична пријава“, додаваат тие.

Инаку, граѓанските организации беа контролирани преку бројни инспекции на Финансиската полиција и на Управата за јавни приходи, како и со истрагите на МВР и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, но, по говорот пред Државната изборна комисија, по декемвриските парламентарни избори во 2016-та, на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, за неопходноста од „десоросоизација на општеството“.

Извршната директорка на Фондацијата „Институт Отворено општество – Македонија“ Фани Каранфилова - Пановска, во февруари 2017-та, за Гласот на Америка на македонски јазик, обвини дека е „јасна повеќегодишната тенденција на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ да креираат имагинарни непријатели и да се закануваат со ‘чистки’ на своите неистомисленици“, како и дека постапките на тогашната власт „упатуваат на тоа дека хајката против правдољубивото и слободољубиво граѓанско општество и против Фондацијата ‘Отворено општество – Македонија’, добива на интензитет, a линчот кон неистомислениците кулминира“, изјави тогаш таа.

Но, по најавата на десороизацијата од Груевски, минатата година беше формирано и контраздружение „Стоп Операција Сорос“ (СОС), според основачите - креирано со цел да „се бори против едноумието во цивилниот сектор, кое е осмислено и предводено од Џорџ Сорос“.

Токму СОС во февруари 2017-та иницираше акција за откривање „на задните намери на голем број невладини организации“, кои ги ги обвини за примање на финансиска помош од странство за влијание врз политичката ситуација во Македонија.

Деновиве, истражувачкиот новинар Љубиша Арсиќ, кој со соработниците неколку месеци работеше на ТВ-документарецот „Лов на вештерки“, токму за прогонот врз активистите и врз невладините организации во изминатите години и за неуспешната „десоросоизација“ на Груевски, го најавува неговото скорешно прикажување на телевизија и достапност на интернет.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Арсиќ потсетува дека кога станува збор за нападите и притисоците врз граѓанските активисти и организации, не може да се заборави дека на мета беа и новинарите.

„Имавме примери со физичко насилство, а потоа многумина, пред сè, активистите, завршија со кривичен прогон. И деновиве се актуелни судските процеси кои се рецидив на владеењето на претходната власт, во кои судовите најверојатно ќе мора мудро да пресудуваат. Мислам дека тој обрач на власта на ВМРО-ДПМНЕ што упорно го стегаше околу граѓанскиот отпор, а кој кулминираше со најавата за ‘десоросоизација’ и со наводните сомнежи за финансирање тероризам и уривање на Уставниот поредок, преку активности на организациите за време на изборната кампања за изборите во декември 2016 - пукна, затоа што Никола Груевски, во неможност да изнајде оправдување за својот пад, измисли непријатели во граѓанските организации и во странските амбасадори“, вели нашиот соговорник.

„Така се подгреваше ‘патриотската’ атмосфера сè до 27-ми април, до ‘Крвавиот четврток’. Токму од тоа - како пропадна ‘десоросоизацијата’ - тргнува ТВ документарецот ‘Лов на вештерки’.

Јасно е дека државата, инспекторите (финансиските, даночните, полициските) со однесувањето, покажувале моќ врз вработените во граѓанските организации, но, по шест месеци истрага не се потврди никаков криминал.

Во обид да го намали срамот од ‘ловот’, само УЈП изрекла казни за неплатен персонален данок, во ситуации кога тој данок не постои како обврска“, ни` изјави Арсиќ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG