Линкови за пристапност

Експeртската и политичката јавност го поздравиja потпишувањето на протоколот


Потпишувањето на протоколот и официјалното членство на Македонија во НАТО ќе значат крај на аспирациите за прекројување на границите, велат домашните експерти

Позитивни реакции од домашната експертска и политичка јавност стигнуваат откако aмбасадорите на сите 29 држави членки на НATO, во Брисел го потпишаа протоколот за пристапување на Македонија како 30-та држава членка на Северно aтланскиот сојуз.

Иднината, сега, изгледа поинаку. Полна со оптимизам, отворени врати, напредок.
Андреј Жерновски, Заменик министер за надворешни работи

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски на својот официјален Фејсбук профил напиша дека шести февруари не е обичен датум.

„Шести февруари не е обичен датум, туку ден со моќ да го избрише сето лошо минато и неизвесна иднина. Иднината, сега, изгледа поинаку. Полна со оптимизам, отворени врати, напредок. Денес не пишувам како политичар, туку како среќен човек. Среќен и за себе и за секој граѓанин на нашата земја, чија држава стана 30-та ѕвезда на европското небо, токму онаа која недостасуваше. Дел сме на НАТО семејството, со куќа од чија врата засекогаш го имаме клучот“, напиша Жерновски.

Од Будимшешта, каде е во бегство, преку Фејсбук се огласи и екс премиерот Никола Груевски. Иако на почетокот од својот пост го честита денешното потпишување на протоколот за НАТО, понатаму тој изразува незадоволство од промената на уставното името.

„Досегашната парадигма за постигнување разумен компромис со Грција пропадна. Назначувањето на марионетска влада во Република Македонија го сруши концептот кој бараше правичност, фер договор и разумен компромис. Македонија во спорот за името остапи речиси се. Грција доби речиси се. По оваа новонастаната ситуација, потребна е нова парадигма за името и идентитетот. Таа парадигма ќе биде основата на која по заминувањето на марионетската влада, новата влада и МНР ќе треба да направи нова доктрина“, напиша меѓу другото Груевски.

И опозициските партии на Албанците во Македонија го поздравуваат чинот на приближување на Македонија кон НАТО. Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами овој ден го нарече историски за сите во Македонија.

„Амбасадорите на 29-те земји членки на НАТО денеска го потпишаа протоколот за членство на Македонија во НАТО. Ова е историски ден за сите граѓани на Република Македонија, бидејќи сега земјата го отвора патот да стане 30-та членка. Ова е придонес на сите политички партии и ние сме горди што сме дел од ова историско достигнување. Се разбира, сé уште има многу работа што треба да се направи, но ние како Движење БЕСА ќе се залагаме максимално да напредуваат реформите“, напиша Касами.

Од Алијанса на Албанците на Зијадин Села, сметаат дека ова значи отворена врата за Македонија во најмоќната политичка и воена алијанса во светот.

„Од сега, двојно се одговорни за Македонија, Владата и сите политички актери во земјата, бидејќи членувањето во НАТО автоматски подразбира поголема одговорност на политичката класа, почитување на човековите права, и индивидуални и колективни, владеење на правото, економска благосостојба за граѓаните на оваа земја, бескомпромисна војна против криминалот и корупцијата“, велат од Алијанса на Албанците.

За Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност, потпишувањето на протоколот и официјалното членство на земјата во НАТО ќе значи крај на аспирациите за прекројување на границите.

„Ова од една страна ќе значи заокружување и на настојувањата на НАТО да создаде еден потполн безбедносен круг и во делот на Западен Балкан. Од друга страна, за Македонија претставува еден безбедносен аспект кој ќе ја гарантира надворешната безбедност. По 18 национални програми за приклучување кон НАТО, земјата всушност денес само ја финализираше таа активност. Ова ќе значи и заборавање на било какви аспирации за прекројување на границите на Балканот, односно границите на Македонија ќе останат онакви какви што се сега“, вели Марковски.

Тој додава дека членството во НАТО ќе влијае и врз развојот, опремувањето и осовременувањето на сите безбедносни структури во државата.

Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО вели дека со ова Македонија ќе се здобие со значaјна геополитичка и меѓународна позиција.

„На овој начин нашата територија го пополнува оној значаен геостратешки мозаик што се однесува до јужното крило на Алијансата и територијалниот дисконтинуитет меѓу членките Албанија, Грција и Бугарија. Ова е важно и за стабилноста на Македонија и за целиот регион бидејќи на тој начин се закопува конечно т.н македонско прашање кое во минатите векови беше интересно за бројните“, вели Ружин.

Денешното потпишување на Договорот во Седиштето на НАТО е историски настан за Република Македонија, смета Амбасадорот Ѓорѓи Филипов.

„Самото потпишување на Протоколот од страна на сите земји членки веднаш ја зајакнува меѓународната позиција на Македонија од политички, безбедносен и од економски аспект. Сите три компоненти се заемно поврзани, зашто еден од најголемите услови за влез на странски инвестиции во одредена земја е безбедносната состојба на подолг период. Токму тоа го гарантира членството во НАТО Алијансата. Македонските компании ќе имаат подобри позиции и за конкурирање на тендерите што ги распишуваат земјите членки на НАТО, но и на тендерите што ги распишува самата Алијанса“, вели Филипов.

Според него, членството на земјата дава и дополнително чувство кај секој граѓанин дека неговата татковина е дел од моментално најмоќната безбедносна структура на планетава.

Но, според екс Амбасадорот во Москва и Лондон, Ристо Никовски, начинот на кој Македонија ќе влезе во НАТО бил насилен и непренципиелен.

„Чинот на потпишување на протоколот за членство во Нато е исчекор за земјата од изолацијата која беше оставена долго време на еден крајно непринципиелен начин со ултиматум прво името, па потоа членство. Со капитулацијата која земјата ја направи со потпишувањето на Преспанскиот договор се отвори тој пат. Мислам дека начинот на кој сето тоа е направено е несоодветен ниту на интересите на НАТО, ниту на интересите на Македонија“, вели Никовски.

Конечно успеавме да ја отвориме вратата на најмоќната безбедносна Алијанса во светот велат од Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.

​„Сметам дека се по денешниот чин е прашање на време и технички процедури во парламентите на 29-те земји членки. Сепак времето ни е наклонето. Покрај Грција, Хрватска и Словенија кои први најавија дека експресно веќе до крајот на наредната недела ќе го ратификуваат протоколот за членство, искрено очекувам и посакувам овој процес да се затвори до крајот на годината. Во најдобра варијанта, како земја, би имале шанса уште истава година да учествуваме како полноправна членка на специјалниот самит за одбележување на 70-годишнината на Алијансата, кој ќе се одржи во декември 2019 во Лондон, што дополнително дава една убава симболика за нас“, вели Илија Џугуманов од Претседателство на Евро-Атлантски Совет на Македонија (АТА Македонија).

Инаку, македонското собрание уште на 21-ви декември 1993 година донесе резолуција за приклучување на Македонија во НАТО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG