Линкови за пристапност

Македонските иселеници ќе ги тужат Заев и Ципрас!


„Гледајќи ги застрашувачките, расно наелектризирани протести во Грција, барајќи искоренување на Македонија и на нашата македонска етничност, доведе многу Македонци да се плашат јавно да го објавуваат својот македонски идентитет

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од дијаспората најави дека ќе го тужи премиерот Зоран Заев ако се промени името на Македонија, како и идентитетските одреденици, но и преземање правни мерки против сите вмешани политичари во таквиот договор, вклучувајќи ги и грчките функционери, премиерот Алексис Ципрас и министерот Никос Коѕијас

И покрај оптимизмот и најавата на Независната балканска новинска агенција – ИБНА дека министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе се сретнат на 15-ти и 16-ти февруари во Софија, на маргините на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ и на државите-кандидати, и шпекулациите на дел од медиумите кои цитираат анонимни „високи извори“ во македонската влада дека, во случај на забавување на процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција околу спорот за името, е можно вклучување и на нов странски дипломат од „голем калибар“ (според примерот на Ричард Холбрук или на Карл Билт) за посредување за побрзо изнаоѓање на заеднички прифатливо решение, разни организации на македонските иселеници, продолжуваат со жестоките реакции.

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) бара итен крај на „незаконските и неуставни преговори за името“ и најавува дека ќе ги „тужи за оштета сите именувани страни, во име на Македонците од цел свет за бесрамното прекршување на сите повелби за човекови права на Обединетите нации“.

„Преговорите и предложеното менување на името на Македонија, идентитетот, јазикот, историјата и етничкото потекло, ги имаат вратено назад за десетлетија успесите во човековите права на Македонците и ги засенува сите стандарди за човекови права кои обвинетите се обврзани да ги поткрепуваат... Негативното емотивно влијание што Македонците го преживуваат, морајќи да следат како за нивниот етнички идентитет се преговара од именуваните страни - кои се обврзани да ги почитуваат основните стандарди за човекови права - е неизмерно“, порачува ММДЧП.

„Гледајќи ги застрашувачките, расно наелектризирани протести во Грција, барајќи искоренување на Македонија и на нашата македонска етничност, доведе многу Македонци да се плашат јавно да го објавуваат својот македонски идентитет. Понатаму, фактот дека именуваните странки активно учествуваат во отстранувањето на еден цел етнички идентитет на групата, предизвикува тешка емоционална вознемиреност и предизвикува сеќавања на тешките злоупотреби на човековите права - само врз основа на нивното македонско етничко потекло - кои овие лица веќе ги имаат преживеано“, соопштува организацијата.

По најавата на премиерот Зоран Заев дека ќе се преименуваат аеродромот „Александар Велики“ во „Скопје“ и на автопатот што води до Грција, од „Александар Македонски“ во „Пријателство“, и претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Мето Колоски во видео-обраќање реагираше дека „Македонците направиле многубројни отстапки за да ја задоволат Грција и грчкиот народ“.

„Првата отстапка беше направена кога Македонија беше примена во ОН под привремената референца ‘Поранешна југословенска Република Македонија’ што трае веќе 25 години. Втората отстапка беше кога седна на иста маса со Грција за да го ‘реши’ грчкиот проблем со името на нашата држава и заедно беше потпишана Времената спогодба, која грчкиот парламент никогаш не ја ратификуваше. Третата отстапка е кога државата го дополни Уставот со два амандмана, дека Македонија нема територијални претензии кон ниеден од нејзините соседи, вклучувајќи ја и Грција и дека државата нема да се бори за човековите права на нејзиниот народ во соседните држави, вклучувајќи ја и Грција, а за да биде повлечено економското ембарго кое Грција го воведе кон македонската држава, како четврта отстапка, Македонија мораше да го смени и своето знаме“, рече Колоски.

Според него, преименувањето е „шлаканица врз лицето на сите Македонци кои се бореа и загинаа за слободна, суверена и независна Македонија. Кое пријателство и кои отстапки ѝ ги понуди Грција на Македонија? Дали ќе го преименува нејзиниот втор по големина аеродром од ‘Македонија’, во нешто друго? Дали ќе ѝ дозволи на Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ? Грција не направи ниедна отстапка кон Македонија и македонскиот народ“, дециден е претседателот на ОМД, кој наведува и дека Македонија е призната под уставното име од 137 држави.

Колоски потенцира: „Ние сме Македонија и сме дел од меѓународната заедница. НАТО, ЕУ и Грција мора да го прифатат тоа! Нема да го промениме нашето име, нема да го промениме нашиот идентитет и нашиот јазик само за да ја задоволиме Грција или грчкиот народ. Тие мора да го прифатат тој факт, ако сакаат да бидат пријатели со Македонија и македонскиот народ“.

Со порака дека „глобалната македонска заедница надвор од Македонија“ нема да го толерира редефинирањето на македонскиот национален идентитет, ОМД претходно, остро ги осуди и 69-те пратеници на Собранието на Република Македонија за усвојувањето на Законот за упоотреба на јазиците кој, според организацијата, „ќе го кодифицира албанскиот јазик како официјален јазик на целата територија на Република Македонија“, и порача дека „историјата ќе им суди на оние кои го изгласаа овој закон“. Со став дека „законот е неуставен и поделбен и ги продлабочува недостатоците на Охридскиот рамковен договор од 2001-ва година, посредуван од САД и ЕУ“, ОМД ги повика претседателот Ѓорге Иванов „да дејствува со непотпишувањe на овој закон, спречувајќи го да се реализира во практика“, САД и ЕУ веднаш да го осудат овој акт на Собранието, Македонија итно да спроведе попис на населението, кој што не e направeн од 2002-рата година, а македонската опозиција да престане да го бојкотира Собранието и да се врати на работа.

ОМД ги повика „сите лидери на политичките партии во Македонија да се состанат со премиерот Заев под покровителство на претседателот на Македонија Иванов, каде би постигнале консензус за одбрана на уставното име на Република Македонија и прекинување на сите можни обиди за промена на истото“.

Движењето #НиеСмеМакедонија (#WeAreMacedonia) за заштита на македонскиот идентитет, јазик и име, како и за унитарноста на Република Македонија, организира протести на македонските иселеници на централни локации во земјите во кои живеат - Австралија, Канада, САД, Европа и Македонија, и бара „веднаш да се прекинат сите разговори за нашето единствено уставно име што се водат со Грција и укинување на секоја можна понатамошна процедура на противуставниот закон за употреба на јазиците во Собранието, по ветото на претседателот Иванов“.

Според соопштението на движењето, по протестите Вашингтон и Њујорк во САД, како и во Норвешка, #НиеСмеМакедонија продолжило со искажување на незадоволството во Хаифа во Израел и во Оукленд во Нов Зеланд, како и во Италија, Швајцарија, Франција, Германија, Велика Британија и Малта. Петицијата #НиеСмеМакедонија, која според организаторите има над над 22.000 потписи, ќе биде испратена до претседателот, Владата и Собранието на Република Македонија.

Заедницата на иселеници од Република Македонија и нивните потомци - Форумот за демократска Македонија (ФДМ) пак, со соопштение ја поздрави иницијативата за решавање на проблемот со името, што според неа, е главна пречка за интеграција на државата во ЕУ и НАТО и излезе со став дека посетата на медијаторот Метју Нимиц на Република Македонија, како и неодамнешната средба на премиерот Заев со неговиот грчки колега Ципрас во Давос, се силен импулс за конструктивни разговори кои би воделе кон достоинствено и прифатливо решение на овој повеќедецениски спор.

„ФДМ ќе го поддржи исходот за кој македонската Влада, граѓаните на Република Македонија и сите учесници во преговорите ќе одлучат дека е решение на спорот. Решавањето на овој спор ќе ја отстрани најголемата пречка за влезот во ЕУ и НАТО, што пак за Република Македонија ќе отвори перспективи за многу позасилен економски развој и силни гаранции за стабилност и опстанок“, соопшти ФДМ. Организацијата ја поттикнува Владата „да не ги запостави реформите што ќе ја менуваат Република Македонија навистина да стане општество за сите, а не ‘заробена и партиска држава’, каде правото ќе важи еднакво за сите, институциите ќе бидат во служба на граѓаните, а борбата со корупцијата и криминалот ќе бидат суштински, а не само декларативни заложби“.

Покрај протестите на иселениците, не стивнуваат и реакциите на организациите во Македонија, кои се декларираат како патриотски.

Под мотото „Сакаш да бидеш и останеш Македонец“, на 27-ми февруари е закажан Семакедонски протест што го поддржуваат Светскиот Македонски конгрес (СМК),

Движењето „Сите за унитарна Македонија“ (СУМ), Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – „Македон“, Сојузот на Македонците со исламска религија, здружението „Македонски манифест“ и здруженијата на бранителите.

Според најавите на социјалните мрежи, тричасовниот Семакедонски протест на 27-ми февруари ќе започне пред Мисијата на Европската унија, од каде протестниот марш ќе се движи кон Собранието, пред кое, Македонците од Македонија и од светот ќе побараат: безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во ОН и во сите меѓународни организации под државното име Македонија; повлекување на Законот за употреба на јазиците и на Договорот Заев - Борисов и итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27-ми април 2017-ма година.

Според соопштението, ако Владата не ги прифати барањата, „Македонците во светот ќе бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право во Седмата изборна единица (дијаспора), без обврска за упис на избирачкото право на секои парламентарни и претседателски избори“.

СМК ги повикува Македонците, по потекло и државјанство, на масовно присуство на Семакедонскиот протест, а здруженијата на Македонците во Републиката и надвор од неа, масовно да се приклучат во поддршката и со присуство на свои членови и симпатизери. СМК ги повикува и политичките партии во Македонија, масовно да се приклучат во поддршката, порачувајќи дека „само Македонија е нашиот заеднички именител, само Македонија е нашиот заеднички содржател! Со Македонија не’ има, без Македонија сите ќе исчезнеме! Сите Македонци еден за друг!“

Паралелно со најавата за Семакедонскиот протест на 27-ми февруари, до тој датум, патриотските организации Движење на македонските носители и бранители на државниот суверенитет „Единствениот македонски пат“, Движењето за цивилизациски вредности и здружението на граѓани „Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење – Преродба“, најавуваат „народна дебата, разговори, обраќања и барања“, како подготовки за национална дебата „Непринципиелните, антидемократските, антицивилизациските, антимакедонски политики кон македонскиот народ и македонската држава“.

За таа цел, почнувајќи од завчера шести февруари, напладне, во „пет до 12“, секој вторник и петок, спроти Собранието на Македонија ќе има дебати и обраќања, а секоја сабота во истиот термин - масовен протест, додека, во вечерните часови, „младите ќе имаат можност самите да си го осмислат својот начин на кој ќе можат да го изразат своето родољубие и своите ставови во однос на актуелните состојби“. Организаторите испратија јавна покана до претседателот Иванов и до амбасадорот на САД, Џес Бејли, како и до „еминентните македонски научници, професори, творци и докажани бранители на уставноста, идентитетот и државниот суверенитет...“

За утре во Прилеп под мотото „Да кажеме НЕ за промена на името“, во организација на Македонското патриотско здружение „Пере Тошев“ е најавен голем народен протест на кој говорници ќе бидат лидерот на СМК, Тодор Петров, поетот Ефтим Клетников, историчарката Виолета Ачковска и Сотир Костов.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG