Линкови за пристапност

Предлозите на Нимиц на агенда за утрешната средба


Координативниот состанок, на кој ќе присуствува и претседателот на државата, треба да надогради на позитивната клима во односите со Грција

Утревечер, во Клубот на пратениците, ќе се одржи координативен состанок на претставниците на државно-политичкиот врв, на кој ќе се разгледува иницијалната рамка за решавање на разликата околу употребата на уставното име на Македонија, по предлогот на претставникот на Обединетите нации Метју Нимиц.

Покрај премиерот Зоран Заев, претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на состанокот ќе учествуваат и претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Состанокот се организира, по средбата на премиерите на Грција и на Македонија Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос, која, според оптимистичките изјави и медиумските извештаи, поминала во позитивна клима, како и пред најавената посета на Атина и на Скопје на медијаторот Нимиц следната недела.

Состанокот ќе биде и пред новиот протест „За одбрана на името Македонија“, закажан за четврти февруари на плоштадот „Синтагма“ во Атина, во организација на патриотски здруженија од Грција и од дијаспората.

Иако, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со соопштение ја поздрави средбата меѓу Заев и Ципрас, со оценка дека директните контакти на двата премиера може да придонесат за продлабочување на односите и за градење на позитивна клима, тешко е да се очекува постигнување на национален консензус околу формата и начиниот за решавање на 25-годишниот спор.

Деновиве, и во македонските медиуми и на социјалните мрежи, и во експертските кругови и во пошироката јавност, жестоко се полемизира за наводно понудените решенија - Вардарска, Северна, Горна или Нова Македонија, или Република Македонија (Скопје).

А понудите на Заев, за промена на имињата на аеродромот во Скопје и на автопатот кон Грција, и во грчката опозиција се оценуваат како недоволни за постигнување заеднички прифатливо решение.

На внатрешен план, иако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски најавуваше поинаков пристап во надворешната политика, со изјавата дека новиот лидер на опозицијата треба да биде прифатлив и за меѓународната заедница, и оти е потребно достоинствено решение и што побрзо затворање на спорот со името, тој неодамна сепак, беше дециден и дека опозицијата е против промена на уставното име на Македонија.

Дел до политичката елита во Грција опстојува на неупотребување на зборот Македонија во новото име, но, и „помекиот“ став - барањето за „ерга омнес“ употреба на име прифатливо за обете страни и за откажување од наводниот иредентизам од македонска страна, отвора нова низа проблеми.

Доколку се исполни ваквото барање од грчката страна, само за новото име за севкупна употреба, во Уставот на Македонија ќе треба да се направат 288 измени, бидејќи актуелното име Република Македонија, се споменува во Уставот толкупати.

Од друга страна, иако Република Македонија, покрај промената на знамето во 1995, со промената на Уставот во 1992, се обврза дека нема да има територијални претензии кон соседните држави, и оти нема да се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји, одредби што според грчката страна имале елементи на иредентизам, на македонската јавност сè уште не ѝ е објаснето кои се последните барања на Грција.

Тоа пак, овозможува и реакции, како онаа на новата партија Единствена Македонија, која во Собранието поднесе иницијатива за донесување одлука за повлекување на одлуката од 1993 за стапување на Република Македонија во членството во НАТО, и го обвини премиерот Заев „за повторно враќање на штетната тактика на екстремна кооперативност во спорот за името што ја применуваше поранешниот претседател Киро Глигоров“.

Единствена Македонија „му порачува на својот народ дека овие антицивилизациски и антимакедонски отстапки во изминатите 27 години ќе станат беспредметни со зачленувањето на Македонија во Евроазиската унија и воспоставувањето на стратешко партнерство со Русија, каде не се доведува во прашање македонското име и идентитет“.

Паралелно со темата за приближување на решението за спорот со името, не стивнуваат и реакциите за Законот за употребата на јазиците, што претседателот Иванов одби да го потпише, а за кој, во крајно антагонизирана атмосфера, повторно ќе се расправа во Собранието.

Здружението „Македонски манифест“ објави соопштение со наслов „Велепредавници“, во кое ги наведе имињата на сите пратеници од власта, кои првиот пат гласаа за Законот „кој удира како со мегатонски чекан врз суверенитетот на Република Македонија“.

Според здружението, Законот е „вовед во федерализација на Македонија и остварување на планот за Голема Албанија со помош на нејзините западни спонзори ЕУ и САД, а можеби нешто и повеќе од тоа“.

„Македонски манифест“ ќе предложи иницијатива да се подигне „паметник на срамот на сите тие Македонци - велепредавници, како потсетник за новите поколенија што не треба, а што треба во иднина да прават за својот народ и својата татковина“.

Според анализата „Перцепции и искуства на раководители и службеници од државната администрација за имплементација на Законот за употреба на јазиците од 2008-та година во државните институции“, изготвена во рамки на проектот „Комуникација меѓу граѓаните и институциите на централно ниво во согласност со Законот за јазиците”, финансиран од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ и Европската унија, а презентирана на конференцијата „Законот за употреба на јазиците од 2008-та година во државните институции“, ни информирањето за Законот за јазиците не е регулирано систематски, а повеќе од половина од испитанииците, вработени во Министерствата за образование, за транспорт и врски и за труд и социјална политика, никогаш немале искуство со барања и предмети на јазик различен од македонскиот јазик.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG