Линкови за пристапност

Македонија меѓу „двете Европи“


Анализа на изјавата на австрискиот дипломат Курц дека „Македонија мора да биде подготвена комплетно да го стопира влезот на мигранти во нејзините граници“

Додека во Прага, на денешниот вонреден Самит на земјите на Вишеградската четворка, нивните лидери, како чешкиот премиер Бохуслав Соботка, најавуваат дека државите од Централна Европа се подготвени да им помогнат на балканските земји да ги затворат границите со Грција, за да се запре бегалскиот бран, и денес, граничните премини на македонско грчката страница беа затворени на обете страни, во различни временски интервали, на по два или три часа: на Богородица, со блокада од таксистите и автобусите од Здружението на лиценцирани авто-такси превозници кои бараат вклучување во транспортот на бегалците од Гевгелија кон Табановце на границата со Србија, а на Меџитлија, со блокада поради штрајкот на грчките земјоделци.

Рутината на границата е проследена со богата дипломатска активност. Деновиве, шефот на холандската дипломација Берт Кундрес, кој изрази благодарност и разбирање за проблемите на Македонија, потенцираше дека затворањето на границите не е најдобриот избор засега. По разговорите за бегалската криза, неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Македонија Никола Попоски истакна дека „одредени земји кои се членки на ЕУ, ја поттикнуваат Македонија да ја затвори својата граница со Грција“, но и според него, „многу подобро е да имаме делотворна контрола на границата отколку таа да се затвори“.

Во име на Холандија како актуелен претседавач со Европската унија, министерот Кундерс најави дека на претстојниот европски самит ќе се бара решение како да се избегнат унилатерални решенија и дека е потребно да се најде заеднички, координиран одговор за кризата, меѓу засегнатите европски земји.

Но, пред заминувањето на самитот на Вишеградската група, македонскиот претседател Ѓорге Иванов, излезе со став дека Македонија „нема да ја преземаме одговорноста сама да одлучува кого да испраќаме и кого не од мигрантите и бегалците“, и потенцираше дека „многу од борците во ИСИЛ веќе го користат бегалскиот бран за да ги напуштат боиштата и да се протнат меѓу бегалците“, и дека тоа го отвора прашањето „како службите ќе соработуваат, како ќе ги наоѓаат тие лица и како ќе се справуваат со проблемот, за кој досега нема решенија“. И македонскиот министер за одбрана Зоран Јолески, изјави дека големиот број на илегални преминувања на македонско-грчката граница бараат нов пристап, дека Македонија мора да најде начин да ја зајакне безбедноста на границата, но и дека тоа е стратегија во која треба да се вклучат и земјите од „Балканската рута“, ЕУ, како и Турција и Сирија.

Сепак, најмногу внимание во Македонија предизвика изјавата на австрискиот шеф на дипломатијата, Себастијан Курц, кој во петокот во Скопје, изјави дека „Македонија мора да биде подготвена комплетно да го стопира влезот на мигранти во нејзините граници, со оглед на тоа дека, по Грција, таа е првата држава која се соочува со мигрантите“.

Според Курц, европски земји знаат дека тоа е тешка задача, па затоа со домаѓините во Скопје се договориле дека „Австрија ќе обезбеди поддршка, не само во форма на персонал од редовите на австриската војска и полиција, туку истовремено, и опрема за да ѝ се овозможи на Македонија на најдобар можен начин да се справи со предизвикот“.

Иако неговиот домаќин министерот Попоски, минатата недела потенцираше дека властите нема да дозволат Македонија да стане камп за бегалци, за евентуалното отворање на бегалски кампови на нејзнина територија, тема која ја преокупира македонската јавност, Курц беше дециден: „Дали ќе се отвораат дополнителни кампови, секако зависи од политиките што ќе се водат во државите кои се целни држави. Секако дека е можно, доколку има голем број на бегалци, и во Македонија и во Грција да се отворат дополнителни прифатни центри, каде ќе мора да се задржат бегалците, до оној момент додека не може да пројдат, но ние сме подготвени и на ова поле да дадеме помош и поддршка“.

Во ваквото разногласие од изјави на високи дипломатски претставници и особено по бројните медиумски шпекулации без наведување на извори на информациите, прашање кое се опстојува во македонската јавност е дали европскиот одговор на бегалската криза ќе биде „западноевропски“, со кој, со финансиска помош треба да се убедат турските власти да ги задржат бегалците од воените подрачја, пред се, од Сирија, на нивна територија, или ќе се прифати понуденото решение на Вишеградската група – Чешка, Полска, Унгарија и Словачка, за „резервна европска заштитна линија“, односно, бегалците да се сопрат и стационираат на Балканот, со бегалска „железна завеса“.

Загриженоста дека Македонија ќе се најде меѓу „двете Европа“ поттикна минатонеделно соопштение на словенечка амбасада во Скопје дека, сепак, не е постигнат договор за заеднички превоз на мигрантите од македонско-грчката граница до Виена, зашто на состанокот директорите на полициите на Словенија, Австрија, Хрватска, Србија и Македонија не нашле заеднички јазик.

Оттука, одговорот на грчкиот весник „Катимерини“ за тоа што би се случувало ако на европско ниво се донесе одлука за затворање на северната граница на Грција, создава нови стравувања во Македонија.

„Градовите како Солун, Кукуш, Лерин, Серес, Комотини, ќе бидат преплавени со гладни луѓе кои се одлучни да направат се за да ја остварат нивната цел, државите во Европа, а притоа нема да сакаат да останат во Грција...Грција тогаш нема да има никаква причина, ниту пак ќе се обиде да ги спречи, веќе ќе биде во ‘карантин’ од страна на Европјаните и ќе прерасне во ‘магацин на душите’, кој ќе мора да биде деактивиран“, пишува „Катимерини“

XS
SM
MD
LG