Линкови за пристапност

Македонија поставува двојна ограда на границата со Грција


Македонската армија вчера почна да ја гради втората паралелна ограда долж границата со Грција

​Дополнителната ограда ќе се поставува во фази, најпрвин на локациите каде се веќе регистрирани илегални минувања, почнувајќи од контролните пунктови за регистрација на Котата 59, на кои низ процесот на скенирање, и понатаму ќе се регистрираат и интервјуираат бегалците од воените подрачја во Сирија, Авганистан и Ирак. Покрај тоа, во следните фази, двојна ограда, Македонија ќе ја постави по должината на целата јужна граница, за да се спречи и користењето на дивите премини од мигрантите

Ваквата постапка се оправдува и со фактот дека само во јануари се спречени повеќе од 5.000 обиди за илегални минувања на економски мигранти, а од ноември минатата година, дури 19.000 обиди за илегални минувања и гранични инциденти, со луѓе, на кои со одлуката за селекција на лицата кои се обидуваат да допрат до земјите на Западна Европа, не им се дозволува влез во Македонија.

Како пример се истакнува дека за 20 дена во периодот на новогодишните и божикните празници кај 2.880 лица се пронајдени грчки фалсификувани документи на „Фронтекс“ и пасоши на Авганистан, Ирак и Сирија. Според македонското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годинава, од Грција во Македонија влегле околу 68.000 бегалци, а неделава, се очекува и зголемување на бројот на лица кои дневно трансферираат низ Македониоја.

Дел од македонските медиуми викендов шпекулираа, не наведувајќи официјални извори, дека наводно дел од земјите-членки на ЕУ веќе разработиле детали за контроверзен план за испраќање на дополнителен број припадници на граничните служби, па дури и војници, на македонско-грчката граница, за намалување на протокот на бегалците кон Европа по „балканската рута“, по можност и со „херметичко затворање“ на границата

Од друга страна, министерот за надворешни работи Никола Попоски, по состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата и на земјите кандидати за членство во Амстердам, посветен на мигрантската криза, потенцираше дека е најважно, „Македонија да има луѓе и опрема за да може да ја контролира границата и да ја спроведува регистрацијата на оние места каде што треба луѓето легално да ја минуваат границата“. Според Попоски, Македонија добила ветување од земјите од ЕУ за забавување на приливот на бегалци кон европските држави, а Србија, Хрватска, Унгарија, Словачка и Чешка и понудиле на Македонија помош во „полицајци, опрема и за формирање на центри за регистрација“.

Иако Федерика Могерини, задолжена за надворешната политика во ЕУ, апелираше да се избегне затворање на границите во регионот, и потенцираше дека „не смета оти затворањето на границите е решение“, пред состанокот во Амстердам, унгарскиот министер за надворешни работи, Петар Сијарто, изјави дека став на неговата земја е оти ЕУ е без одбрана од југ. „Ако Грција не е подготвена или не може да ја заштити шенген-зоната и не прифаќа никаква помош или асистенција од ЕУ, тогаш потребна ни е друга одбранбена линија, што очигледно се Македонија и Бугарија“, изјавил Сијарто.

XS
SM
MD
LG