Од поставувањето, ноќта меѓу 6-ти и 7-ми септември 2014 година, како еден од петте споменици кои тогашната локална власт на Град Скопје, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ги постави на различни локации низ градот (добиени како донација од дотогаш непознатото Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, во кое наводно членуваат бегалци од Егејска Македонија), токму споменикот на „Ќосе“, во претходните 3,5 години, предизвикуваше најмногу реакции во пошироката јавност.
И поради самиот споменик - исуканиот нож во раката на личноста, која е позната во историјата како ликвидатор на организацијата ВМРО, и поради локацијата - пред судот во кој се дели правда.
И денеска, реакциите на настанот почнаа веднаш откако се рашири веста на социјалните мрежи, кои беа целосно спротивставени, во зависност од политичката определба на граѓаните кои реагираа: кај едните отстранувањето беше прифатено со воодушевување, кај другите - со жестоки обвинувања.
Меѓу пораките на твитерџиите, кои се изјаснија против рушењето, беа и твитовите: „Сакате да си играме рушење, ајде повелете. Владата ќе ги сруши спомениците, а ние ќе ја срушиме Владата“ и „Македонскиот споменик на Ќосето срушен, ајде да ве видам, рушете ги (спомениците – н.з) на УЧК низ Македонија“.
На политичката сцена, реакциите ги започна претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, кој запали свеќа на постаментот без споменик, а потоа, продолжија партиските соопштенија.
Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека „СДСМ, кукавички во раните утрински часови решија да го задоволуваат својот апетит за деструкција“ и обвини дека „само Талибанците во Авганистан и радикалите на ИСИС во Сирија и во Ирак, уриваа споменици. Нивната деструкција, невидена за 21 век ја осуди целиот цивилизиран свет“.
Според опозицијата, од владеачката партија „не може да поднесат да гледаат ништо што е изградено, создадено и што претставува паметник за македонската историја. Не им дава мир, истовремено многу ги боли, бидејќи тие самите се неспособни за нешто креативно. Истото што го правеа Талибанците и ИСИС во регионите зафатени од војна, го гледаме денес во Македонија, во срцето на Европа, од страна на СДСМ“, се вели во партиското соопштение.
СДСМ, пак вели дека отстранувањето на споменикот, кој претставува дивоградба бесправно поставена од страна на претходната градска власт, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, става крај на самоволието и незаконитоста во поставувањето објекти и споменици во Скопје.
„Сосема непринципелно и несоодветно е споменик на контроверзна историска личност, позната по својата суровост, да биде поставена пред зградите на највисоките судски органи, во коишто граѓаните ја бараат правдата и ги остваруваат своите граѓански права“, се вели во соопштението на СДСМ.
На забелешките зошто отстранувањето е извршено во три изутрина, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денес одговори дека тајмингот е избран да не се загрози безбедноста во сообраќајот.
Скопскиот градоначалник најави и почеток на „процесот на справување со проектот `Скопје 2014`.Сите досега изведени самоволни активности на претходната власт во градот ќе бидат соодветно законски истретирани“.
Споменикот е дислоциран во магацин, каде ќе се чува определен рок, за да им се даде можност на донаторите - сопствениците да го преземат.
Според Шилегов, на местото на споменикот Градот Скопје ќе посади Дрво на човекови права, со гравирана плочка од збратимениот град Нирнберг, Германија, со членот 10 од Универзалната декларација за човекови права на ОН.
Минатата година, Министерството за култура формираше работна група за изготвување на анализа на проектот „Скопје 2014“, која констатираше дека споменикот на Ќосето е дивоградба, сместена на узурпирано земјиште и препорача Градот Скопје да го отстрани.
Надлежно за споменици од национален интерес е само Собранието на Македонија, па со одлуката за поставување на Град Скопје во 2014 бил прекршен Законот за меморијални споменици и спомен обележја.
Сепак, историчарот д-р Никола Жежов за ТВ „Алфа“ изјави дека со отстранување на споменикот се испраќа лоша слика за Македонија кон останатите земји дека „кај нас сè е минливо и може да се менува“.
Според него, отстранувањето значи и негирање на македонската историја, но, и негирање на борбите за конституирање на денешната современа држава.
Од друга страна, од актуелната градска власт, се најавува и уривање на мостот на Вардар, на кој требаше да биде поставено Панорамско тркало, за чија изградба, според одделни проценки во медиумите, досега биле потрошени 10 милиони евра, а ќе бидат потребни уште пет милиони евра за уривање.
А и тоа е, само почеток.
Според новата Национална стратегија за развој на културата 2018 – 2025, и нејзиниот Акциски план, кои Владата ги усвои вчера, покрај децентрализација на културата и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство, се предвидува и бришење од Регистарот за културно наследство на незаконски запишаните споменици од „Скопје 2014“.
За 2018-та, Стратегијата предвидува ревизија и бришење од Регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство и подготвување на листа на споменици од национално значење.
Facebook Forum