Линкови за пристапност

Еден новинар пуштен во домашен притвор, друг уапсен


Новинарот Зоран Божиновски (47), сопственик на порталот „Буревесник“’, по кого Македонија пред два месеца распиша меѓународна потерница како осомничен за шпионажа, изнуда на пари и злосторничко здружување во акцијата „Шпион“, е уапсен во Нови Сад, Србија.

Според изјавата на Светлана Томиќ Јокиќ, портпаролката на Вишиот суд во Нови Сад за српските медиуми, Македонија е должна во рок од 18 дена да достави барање за екстрадиција, по што Судскиот совет во Нови Сад ќе одлучи дали се исполнети сите услови за испорачување на макеоднскиот новинар.

Портпаролот на МВР Иво Котевски изјави дека преку Одделот за меѓународна полициска соработка биле известени дека едно од лицата барано со меѓународна потерница во „Случајот Шпион“ било приведено на подрачјето на Нови Сад и дека му е изречена мерка екстрадиционен притвор, но дека МВР нема сознанија дали новинарот Божиновски евентуално има и српско државјанство, што би ја отежнало неговата екстрадиција.
Самиот процес сега е под ингеренции на Министерството за правда и нема точни информации дали и кога новинарот ќе им биде предаден на македонските власти.

Божиновски, кој е познат по своите истражувачки текстови што со години предизвикуваа контроверзи во македонската, но и балканската јавност, во Македонија е осомничен дека бил дел од 20-члената група од полициската акција „Шпион“, осомничена за злосторничко здружување за предавање на државни тајни на странски служби и за уцена и изнуда. Во септември, кога на Божиновски во отсуство му беше одреден притвор, како членови на групата беа уапсени и шефот на кабинетот на претседателот на Собранието, бивш директор на Управата за спречување перење пари, поранешен генерал во МВР, вработен во Државен архив, и актуелни и поранешни разузнавачи, контраразузнавачи и воени разузнавачи, кои, според МВР, со предавање на државни тајни го довеле во опасност безбедносниот систем на Македонија.

Паралелно со вестите од Србија за апсењето на Божиновски, во Македонија не стивнуваат и реакциите за новинарот Томислав Кежаровски, кој по пет и пол месеци зад решетки, од вчера е во куќен притвор.

„Веруваме дека Кежаровски е невин и очекуваме Апелацискиот суд во Скопје да ја укине првостепената одлука и да го прогласи за невин“, стои во денешната реакција на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое, изразувајќи задоволство по повод ослободувањето на новинарот од Истражниот затвор „Скопје“, со одлуката на Основниот суд Скопје 1 за заменување на мерката притвор до правосилноста на пресудата - со куќен притвор, смета дека станува збор за „чекор напред кон подобрување на судската пракса на македонските судови кога одлучуваат за примената на оваа мерка“.

Репрезентативното новинарско здружение се надева дека Судот наскоро ќе ја укине и мерката домашен притвор и ќе реши Кежаровски да се брани од слобода, зашто, според ЗНМ, тој не го прекршил законот, туку открил злоупотреба на институтот заштитен сведок, а „јавноста има право да биде информирана за злоупотребите на институциите што претставува највисок јавен интерес во едно демократско општество“.

И додека ЗНМ потенцира дека според праксата на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, затворска казна против новинар е оправдана само во случаи на говор на омраза и за поттикнување на насилство и дека судот има можност да избегне Македонија да биде осудена за прекршување на членот 10 од европската Конвенција за човекови права, Синдикатот на новинари и медиумски работници, смета дека домашниот притвор за Кежаровски е чекор во позитивна насока, но дека тоа не е доволно, зашто самата пресуда од 4,5 години затвор за новинарот за објавените текстови - е апсурдна.

И Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, поздравувајќи ја одлуката за замена на притворот со куќен притвор, најави дека нема да запре со активностите, се` до негово ослободување од обвинението: „Имајќи ја предвид здравственатa состојба на колегата Кежаровски, Иницијативниот одбор смета дека оваа одлука е добредојдена, иако таа не значи дека на Кежаровски му се овозможува тој да се брани од слобода се` до правосилноста на судската одлука. За ова, како и за висината на затворската казна во траење од четири и пол години реагираше целата новинарска заедница во Македонија и речиси сите релевенатни претставници на меѓународните медиумски организации“.

Денес Либералната партија побара амнестија за Кежаровски, со поднесениот предлог-закон од пратеникот Ивон Величковски, со кој се предвидува затворската казна за Kежаровски веднаш да престане да важи, зашто, „заштитениот сведок во случајот Ореше не бил изложен на загрозеност по животот со делото за кое новинарот е осуден на затворска казна, еднакво како што исказот на наводниот заштитен сведок е компромитиран“.

Денес и Апелациониот суд донесе одлука со која е укината ослободителната пресуда за браќата Ордан и Љупчо Георгиевски и Ѓоре Петровски, со што контроверзниот „Случај Ореше“ се враќа во првостепена постапка, и со што продолжува петгодишното судење за овој предмет, од кој произлезе и „Случајот Ликвидација“ во кој покрај Кежаровски, на високи затворски казни се осудени и судијата и обвинителот од предметот Ореше. Во „Случајот Ореше“ на два пати браќата Георгиевски беа осудени на по 12 години затвор, за убиство на Лазо Милошевски, а со третата пресуда, по признанието на наводниот заштитен сведок дека лажел пред судот, тие беа ослободени. Откако Обвинителството ја обжали пресудата, Апелациониот суд сега го врати предметот во судот во Велес.
XS
SM
MD
LG