Линкови за пристапност

Спикерот Џафери е клучот на претседателското вето на реформските закони


Собранието ќе мора повторно да ги гласа сите закони кои не минаа кај претседателот. Ќе бидат објавени само со потпис од Џафери, како во случајот со законот за јазици и Преспанскиот договор. Неколку закони се од т.н. „рефомски пакет“ и се неопходни за позитивен извештај од Европската Комисија

Собранието најверојатно ќе работи и заседава и во текот на кампањата за претседателските избори откако претседателот Ѓорге Иванов не ги потпиша указите и врати десетина закони кај пратениците поради новонастанатата ситуација, бидејќи во нив стои новото име на државата - Република Северна Македонија. Неколку закони кои останаа без потпис од претседателот се клучни и се дел од реформскиот пакет од кој зависи извештајот на Европската Комисија (ЕК) и добивањето на датум за преговори со Европската Унија (ЕУ) и затоа нивното повторно усвојување мора да се случи што поскоро.

Спикерот Џафери во моментот е во службена посета на Романија, каде што тамошниот Парламент треба да го ратификува Протоколот за членство на нашата држава во НАТО. Засега нема најави кога ќе бидат закажани седниците на кои ќе се гласаат законите, но од неговиот Кабинет соопштија дека тоа ќе се случи најдоцна до 30 дена од денот кога претседателот Иванов ги вратил во Собранието. Законите, според деловникот, ќе бидат во финална фаза односно трето читање по кое следи гласање и не се очекува процесот да одземе многу време.

„Рокот од 30 дена тече во моментот кога законот е вратен во Собранието. Во тој рок претседателот на Собранието е должен да закаже седница и да ги стави повторно на гласање. Фазата и постапката е прецизно утврдена со Деловникот“, кусо соопштија од Кабинетот на Џафери.

Според информациите на Гласот на Америка, веќе е договорено Собранието да заседава и во текот на април, додека трае кампањата за изборите за да се усвојат неколкуте клучни закони. Бидејќи станува збор за претседателски, а не парламентарни избори, Собранието не е должно да прекине со работа и на тој начин не крши ниту еден закон, што исто така е клучно во моментов.

Според најавите, по усвојувањето, законите ќе бидат испратени во „Службен Весник“ но без врзани потписи на спикерот Џафери и претседателот Иванов како што беше случајот со Законот за јазици и Преспанскиот Договор.

Се очекува први на листата на гласање да бидат поставени трите закони, дел од реформскиот пакет, за кои рокот во кој претседателот Иванов требаше да ги потпише указите истече вчера. Станува збор за Законот за судовите, Законот за прекршоците и Законот за управните спорови кои беа изгласани со двотретинско мнозинство, односно со поддршка на опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Засега нема официјална потврда дали тие пристигнале во Собранието.

Од Кабинетот на Иванов без официјално соопштение зошто тој не ги потпишува законите. Во образложението пак, претседателот навел дека указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Досега официјално претседателот Иванов не ги потпиша указите за единаесет закони. Меѓу нив се законот за ОТА, законот за служба во Армијата, законот за Едношалтерски систем и трговски регистер, законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и измените на законот за Електронски комуникации. Претседателски потпис нема да има и на указот на Законот за заштита од дискриминација, исто така дел од пакетот закони кои ги бара Брисел.

Потегот на Иванов наиде на жестока осуда од владејачката СДСМ.

„Иванов делува спротивно од интересот на граѓаните. Тој нема да го стопира напредокот и реформите во нашата држава. Согласно Деловникот одговорен за процедурите во Собранието е претседателот Џафери и тој ќе постапи според надлежностите дадени со Закон“, изјави Јагода Шахпаска од СДСМ.

Партнерот во Владата, ДУИ, исто така потенцира дека сега се е во рацете на спикерот Џафери.

„Ниту Владата, ниту претседателот, го имаат последниот збор во носењето на закони. Го има Собранието и Собранието ќе го задржи тоа право се додека сме парламентарна демократија“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

За опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак нема ништо спорно во тоа што Иванов не ги потпишал указите за законите и ги вратил назад иако дел од нив, за кои беше потребен консензус односно двотретинско мнозинство, беа поддржани од пратениците на оваа партија.

„Претседателот Иванов, согласно овластувањата, Уставот и надлежностите има право да ги врати до Собранието на повторно одлучување законите кои не ги потпишува. Во тој дел претседателот треба и може кога смета дека има основа да ги врати работите на повторно одлучување“, изјави пратеникот Влатко Ѓорчев.

Со ова кризата во кохабитацијата меѓу претседателот и Владата го достигна својот врв, а потегот на Иванов дополнително и непотребно го отежна процесот на законските реформи, кој е нужен и неопходен за продолжување на интеграциите во ЕУ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG