Линкови за пристапност

Македонски инспирации: модерни артефакти


Изложба на американски фотограф и скулптор во Сент Луис од нивната работа во Македонија.

Галеријата ПХД во Сент Луис, Мисури деновиве беше дом на изложбата “Македонски инспирации: модерни артефакти”, чии автори се фотографот Дејвид Ханлон и скулпторот Џејмс Ибур. Поставката се темели на нивната истражувачка работа во Македонија. „Се обидов да направам нешто како визуелен дневник, фотографии преку кои правам обид да го пренесам аспектот на модерното и древното во просторот“, вели Ханлон во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.

Глас на Америка на македонски: Како ја пронајдовте испирацијата во Македонија?

Дејвид Ханлон: Како посетител, си мислев дека е важно да сретнам луѓе од различни делови на Македонија и да ги слушнам нивните приказни, приказните за нивните семејства и историјата. Како дел од групата која беше поканета да учествува во археолошки истражувања, имав можност да ги видам материјалните остатоци од историјата на оваа прекрасна земја. И двата аспекта имаа влијание на начинот на кој фотографирав. Се обидов да направам нешто како визуелен дневник, фотографии преку кои правам обид да го пренесам аспектот на модерното и древното во просторот. Континуитетот меѓу сликите и структурите на минатото, како и динамиката на модерната македонска култура беа доста инспиративни за мене.

Глас на Америка на македонски: Во изложбата се обидувате да ги поставите заедно современите урбани простори и древната култура. Каков беше предизвик беше да го постигнете тоа?

Дејвид Ханлон: Македонската култура, градовите, имаат прекрасни аспекти за кои е потребен еден цел човечки живот за да ги претставите успешно во фотографии. Имав среќа да поминам две лета работејќи со студенти на локалитет во близина на Скопје, но и да патувам во други делови со колеги од Музејот на град Скопје. Домаќините од Македонија ми дадоа патоказ како минатото и сегашноста се преплетуваат и постојат заедно. Се надевам дека некои од тие идеи успеав да ги ставам заедно, за да бидат претставени пред американската публика. Балансот помеѓу приказите што претставуваат соверемени елементи и древна иконографија, добро функционира во групирањето на 22 фотографии од голем формат што ја сочинуваат изложбата. Посекако, би сакал да се вратам и да ги пополнам празнините во целиот концепт.

Глас на Америка на македонски: Каква е реакцијата на изложбата?

Дејвид Ханлон: Граѓаните на Сент Луис беа нетрпеливи да дознаат и видат повеќе за Македонија. Иако познавам неколкумина од Скопје кои живеат тука, повеќето не знаеа многу за културното наследство на Македонија и што се може да се види во земјата. Реакцијата беше позитивна, голем број студенти ја посетија галеријата да ги видат фотографиите и керамиките на Џејмс Ибур, кој користеше локални форми и дизајн во своите. Посетителите си заминаа со голем интерес за изучување на земјата и нејзината културна разноликост.

Глас на Америка на македонски: Кога повторно ќе ја посетите Македонија? Постојат ли места што би сакале да ги влучите во изложбата во иднина?

Дејвид Ханлон: Со нетрпение очекувам да ја посетам Македонија повторно. Се надевам дека ќе соработуваме повторно со Музејот на град Скопје, овозможувајќи им на студентите од Јавниот колеџ на Сент Луис да соработуваат и истражуваат со студентите на универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје. Навистина би било пријатно, да се помине повеќе време во Скопје и Битола. Имаше и места во западниот дел од земјата што не можев да ги посетам, а кои ќе обезбедат друга важна страна од колекцијата македонски фотографии. Областите околу Струмица, исто така, се прекрасни и би било одлично да ги посетам и видам уште еднаш.

Дејвид Ханлон престојувал во Македонија во 2007-ма и 2008-ма година. Изложбата е отворена од 21-ви јануари до 3-ти март.

XS
SM
MD
LG