Линкови за пристапност

Протест против законот којшто за само три месеци доживеа три измени


Собрани над 6.000 потписи - Уставниот суд да ги укине законските одреби со коишто хонорарците мора да плаќаат дополнителни придонеси

Во организација на Платформата за граѓанска политика „Ајде!”, денес на скопските улици се најдоа и „хонорарците“, коишто на своите тела ги имаа залепено налепниците со пораката - „Не за неуставните закони за хонорарците!“.

„Нема да ви платиме!“, „Крадци“, „Нема правда нема мир!“, Правда, правда, социјална правда!“ извикуваа граѓаните коишто на протестниот марш бараа Уставниот суд да ги укине законските одреби со коишто хонорарците мора да плаќаат дополнителни придонеси.

Граѓанските активисти во 15 македoнски градови собраа 7.000 потписи, но околу 600 граѓани не оставиле целосни податоци. Денес хонорарците маршираа од новиот објект на Министерството за финансии до Уставниот суд, каде што поднесоа иницијатива, потпишана од 6.040 граѓани за проверка на уставноста на законските измени за плаќање придонеси од невработените граѓани коишто егзистенцијата ја обезбедуваат со хонорарен ангажман.

Непрецизните и нејасни законски одредби, според потписниците на претставките, се дискриминаторски за оваа категорија на македонски граѓани. Но, иако одбиваат средба, претставниците на власта во ретките настапи во јавноста за овој спорен закон изјавуваа дека законските измени го решаваат статусот на лицата коишто заработуваат по основ на авторски или друг вид на договор на дело.

Иако уметниците и новинарите сметаат дека се најзасегнати, меѓу многуте категории граѓани коишто се децидни дека се ограбени со воведената обврска за плаќање придонеси на хонорарите се и сликарите, преведувачите, копаничарите, музичарите...

Законот, којшто за само три месеци доживеа три измени, никако да почне да се спроведува, затоа што одговорните институции - Управата за јавни приходи и Фондовите за здравствено и за пензиско и инвалидско осигурување признаваат дека не знаат како да го применуваат. Владата и ресорното Министерство не се изјаснуваат зошто нема адекватна методолгија за спроведување на контроверзниот закон, а засегнатите граѓани не знаат што да прават, иако од почетокот на годинава, ниту ги примаат хонорарите од коишто живеат, ниту имаат здравствено осигурување! Со законот поради којшто имаше големи реакции во јавноста, според хонорарците, се ускратува правото на годишен одмор, породилно/родителско отсуство и синдикално здружување..

„Престанете со овој грабеж, укинете го законот за хонорари!“, побара денс на импровизираната бина пред Уставниот суд младата актерка Симона Сибировска.

„Ние актерите сме на улиците последениве месеци и јавно говориме за штетата од законот за хонорарци, ние актерите сме повеќе пред државните институции отколку што вработените во тие институции не’ посетиле во театар за целиот свој живот! Тука сме и денес, да побараме уште еднаш повлекување на овој закон кој е штетен затоа што вработените актери плаќаат дупло придонеси во случај на хонорарен ангажман, надвор од културната установа во која се вработени“, изјави Сибировска на бината на којашто беше поставена „Вагата на криминалот“: од една страна криминалот со сиболичниот лик на премиерот Никола Груевски, а од друга страна - илјадниците претставки на граѓаните..

„Денес сме дојдени, со оваа вага која би требало да ја означи правдата во Македонија. Оваа вага на која стои криминалот од едната страна и граѓаните на другата страна. За кого треба да бидеме? За кого треба да бидат овие судии во Уставниот суд?“, потенцираше Јасмина Голубовска од Платформата за граѓанска политика „Ајде“.

XS
SM
MD
LG