Линкови за пристапност

Македонија со собраниска одлука расчисти со хипотеката од судирот во 2001-ва


Македонија со собраниска одлука расчисти со хипотеката од судирот во 2001-ва
Македонија со собраниска одлука расчисти со хипотеката од судирот во 2001-ва

Опозицијата против усвоеното автентично толкување на Законот за амнестија што ги опфаќа четирите случаи вратени од Хаг.

Амнестирани се сите кривични дела од воениот конфликт во 2001-вата година за кои Хашкиот суд не повел постапка. Ова произлегува од вчерашната седница на Собранието на која со 63 гласа „за“ беше усвоено автентично толкување на Членот 1 од Законот за амнестија.

Со оваа одлука, сите сторители на кривични дела во воениот конфликт во 2001-ва, за кои Хашкиот суд нема поведено постапка, ќе бидат амнестирани ако делото било извршено до 26-ти септември 2001-ва. Тука спаѓаат случаите „Мавровски работници“, „Липковска брана“, „Водство на ОНА“ и „Непроштено“ кои во 2008-ма Хаг ги врати во македонските судови.

„Четирите хашки случаи се политички, затоа ајде да ги затвориме и да се посветиме на она што е битно за сите граѓани – економијата“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благородна Дулиќ, бранејки го предлогот на Владата што вчера се најде пред пратениците.

На одлуката во Собранието претходеше жолчна расправа, главно меѓу пратениците на владејачката ДУИ и опозициониот СДСМ.

Со изгласувањето на автентичното толкување на Членот 1 од Законот за амнестија, опозицијата смета дека се повредува меѓународното хуманитарно право и се излага во пресрет на приватните интереси на новоформираната владина коалиција.

Координаторот на социјалдемократите во Собранието Игор Ивановски ја обвини владејачката коалиција дека прави уште едно злосторство против човештвото со ваквата одлука.

„Денес на уште побрутален начин продолжува пазарењето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Прво тоа беше за албанскиот јазик и знаме, па законот за уништување на медиумите. Заради тендери, фотељи, тргувате на мизерен и нечовечки начин, со правдата, вистината, чесноста, душите на луѓето. Влегувате во филмот да направите уште едно злосторство против човештвото“, рече Ивановски.

За ДУИ, пак, Собранието донесе важна одлука.

„Да немаме предрасуди кој е, а кој не е криминалец. Јасно со Женевските конвенции е утврдено што е злосторство против човештвото, што се масакри и геноциди. Ваков пристап на дебата не помога да ги затвориме проблемите што го обременуваат меѓуетничкиот акспект“, рече Ермира Мехемети-Деваја.

На дебатата во Собранието дојдоа и семејствата кои на се` уште неразјаснет начин загубија свои членови за време на судирот во 2001-вата.

„Сакаме од ВМРО-ДПМНЕ да ни објаснат зошто се договориле со ДУИ да ги амнестираат убијците на нашите роднини“, велат од семејствата.

Во јавната расправа по писмен пат се вклучи и единствениот осуден за воено злосторство во Македонија од судирот во 2001-ва, Јохан Тарчуловски. Во отвореното писмо тој му дава поддршка на премиерот Никола Груевски.

„Премиере Груевски, покажи доблест да се затвори ова последно поглавје од 2001-ва година. Разговарајте за тие Хашки случаи, проверете ги законите, и, ако има можност, решете го тоа прашање еднаш-засекогаш, запрете ги и оставете ги во историјата, завршете ги сите трауми од минатата деценија. Ако бираш помеѓу тоа да ја трошиш енергијата на создавање на нови дела, да градиш и да им помагаш на луѓето, и помеѓу тоа да го оптоварувате општеството и иднината со овие случаи, одбери го првото“, се вели во писмото на Тарчуловски.

XS
SM
MD
LG