Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа донесе одлука за одржување вонреден партиски Конгрес што ќе се одржи на 23-ти декември, а на кој би се бирал нов лидер на местото на Никола Груевски. Тој веднаш по локалните избори, а и минатата недела за порталот „Курир“, најави оставка. Неговиот мандат истекува за година и половина.
„По првиот круг на изборите, кажав јасно дека претседателот на партијата носи најголема одговорност. Тие кои добро ме познаваат, и оние кои добро разбираат политички пораки, ме разбраа. Независно каков ќе е исходот од анализата на изборите, дури и ако е таков дека објективно мојата вина е мала или најмала, или дури ако се утврди дека немам објективна вина за поразот, јас ќе поднесам оставка пред органите на партијата. Партијата, согласно Статутот, ќе организира вонреден Конгрес, на кој освен извештајот за анализата на изборите, ќе се избере и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Овој чекор е дел од моите основни принципи и вредности. Покрај ова, се надевам дека тоа ќе помогне и во разрешувањето на целокупната политичка атмосфера“, изјави Груевски за „Курир“.
И медиумите веднаш почнаа со „лицитирање“ со имињата на наследниците на Груевски, кој речиси 15 години е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, од кои повеќе од десет години беше и премиер.
Денес беше објавено дека најмалку четири групи во партијата веќе лобираат за нивен кандидат за партиски челник, како меѓу членството, така и меѓу дипломатските претставници во Скопје
Не се ретки ни коментарите дека се работи за „местенка“, оти изборот на Конгресот ќе се сведе на фарса во која, според примерот, со оставката на Груевски од премиерската функција во 2016 и со неговиот наследник Емил Димитриев, ќе биде „избран“ нов лидер-послушник на Груевски.
Според медиумите, во трката за фотелјата на Груевски, најверојатно ќе учествуваат Христијан Мицковски, чиј избор за генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ беше дочекан со изненадување, поранешните министри за надворешни работи Никола Поповски и Антонијо Милошоски, за кои се вели дека се најприфатливи за меѓународната заедница.
Се споменуваат и членовите на Извршниот комитет Илија Димовски, и засега повлечениот од политиката Никола Тодоров.
Во одделни медиуми се спомнуваат и имињата на Влатко Ѓорчев, но, и на Александар Николовски, па дури и на поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски.
Анонимни извори од партијата, велат дека смената на раководството е неизбежна жртва, поради сè што се случуваше по обелоденувањето на „бомбите“ и бројните обвинувања за криминал од Специјалното јавното обвинителство.
Според нив, се работи и за „договор со меѓународниот фактор“, Македонија да добие силна опозиција во ликот на реформираната ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, се спомнуваат и името на еден од основачите на партијата Јове Кекекновски, кој има поддршка меѓу дел од постарото членство, и кој подолг период се залага за заминување на Груевски и на неговите поддржувачи од раководството, со цел спас на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на „Достоинство“, генералот Стојанче Ангелов, јавно го предложи и основачот на партијата и нејзин почесен претседател Љубчо Георгиевски, како најдобро решение за избор за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, оти е личност со висок авторитет.
Доколку се остварат најавите и Груевски навистина поднесе оставка, претстојниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе биде втор, на кој ќе има повеќе кандидати за претседател.
Ако нема промени во Статутот на партијата, за што се залага Иницијативата за реформи на ВМРО-ДПМНЕ, и на претстојниот Конгрес најверојатно ќе одлучуваат 560 делегати од последниот Конгрес, а кандидат за лидер ќе може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот.
Реформаторите кои подолг период се залагаат за неизоставни промени во Статутот, токму за да се избегне понатамошната приватизација на партијата и таа да се демократизира, покрај лидер кој ќе е прифатлив за меѓународниот фактор, се залагаат и за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе изнајде заеднички јазик со претставниците на етнички-албанската политичка елита.
Иако политичкиот опонент, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, во врска со најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување оставка, потенцираше дека „не сака да си дозволи да коментира работи на нашиот прв политички опонент“, и рече дека „силна опозиција ќе ја направи власта да биде поодговорна, потранспарентна, поотчетна и попосветена на граѓаните“, неколку стотици членови на ВМРО-ДПМНЕ, и понатаму, секојдневно протестираат пред Кривичниот Суд, Министерството за правда и Истражниот затвор, и блокираат крстосници во Скопје, барајќи ослободување на притворените лица за крвавите инциденти при упадот во Собранието на 27-ми април.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Општина Вевчани, поднесоа колективна оставка во Советот, а советниците во Општина Ресен ја бојкотираа седницата.
Во таква атмосфера, прашање е дали Груевски навистина ќе се повлече, поради тоа што постигнал таков договор со актуелната власт и меѓународниот фактор, и потоа, ќе ги чека следните парламентарни избори за евентуален камбек во партијата, која дотогаш ќе ја води негов човек од доверба, или ќе ја напушти и партијата и политиката, поради тоа што допрва ќе се соочи со сериозните обвиненија на СЈО.
Facebook Forum