Ако пропаднат преговорите за името, и Грција може да се соочи со изолација од регионот, вели Џејмс Пердју, еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор.
„Премиерот Заев понуди и направи одредени отстапки, но, и Грција треба да размисли што ќе се случи ако не најде заедничко решение со Македонија. Дали навистина сака да предизвика непријателство и да ги зголеми тензиите на Западен Балкан? Верувам дека регионот целосно би се одалечил од Атина“, вели Пердју.
Тој смета дека тешко ќе се постигне договор без некаков вид официјална промена на името Македонија, дури ако тоа подразбира и уставна промена.
Дали е тоа фер, вели не. Но, е реалност.
„Ова е прашање за иднината, а не за минатото. Се надевам дека во критичен момент САД, ЕУ и големите европски метрополи, како Берлин, Париз и Рим, ќе ги охрабрат да најдат решение. Кога ќе се доближат до договор, ќе има надворешна вклученост за да ја поминат крајната линија“, вели тој.
Пердју повика фокусот на државата да биде името, а не Законот за употреба на јазиците кој, според него, не претставува закана доколку е во согласност со Охридскиот договор.
За него, поголем ризик за меѓуетнички тензии претставува мешањето на Албанија во внатрешните работи на Македонија.
„Албанија треба да остане надвор од домашната политика на државата, и да го остави тоа на албанските лидери кои живеат и работат во Македонија. Мислам дека ги доведува односите до едно чувствително ниво, што не ми се допаѓа“, убеден е тој.
Во меѓувреме Законот за јазици се` уште е заглавен во Собранието: ВМРО-ДПМНЕ смета дека е противуставен, за ДУИ тој е завршена работа.
Овој закон треба повторно да се најде на седница, најверојатно при крајот на наредната недела, со цел да се избегнат закажаните протести за заштита на името и на идентитетот.
Facebook Forum