Линкови за пристапност

Македонија - балкански рекордер по бројот на министерства


„Самата идеја за ново министерство кое ќе се занимава со политичкиот систем е апсурдна“, смета професорката д-р Мирјана Најчевска, која во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик е децидна дека бројот на министерства во Македонија треба да се намалува, а не зголемува

Дали формирањето на ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците е потреба или бесмислена одлука!

„Заради функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведувањето на охридскиот Рамковен договор и принципите кои произлегуваат од овој Договор, како и за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, се појави потреба да се основа ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците“, пишува во образложението на измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа и на Законот за Владата, предложени од група пратеници - од владеачкото мнозинство и независни пратеници од ГРОМ и пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ

Потписници на иницијативата за формирање ново министерство се пратениците Јован Митрески од СДСМ, Артан Груби, Ејуп Алими, Џеват Адеми, и Реџаиљ Исмаили од ДУИ, како и независниот пратеник Панчо Минов (од ГРОМ) и Зеќир Рамчиловиќ од Независните пратеници од пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кои бараат измени и дополнувања на двата закона со кои се предвидува основање на новото министерство.

Професорката д-р Мирјана Најчевска, експерт, граѓански активист и колумнист, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, ја критикува одлуката на Владата:

„Според мене, ова и вакво министерство се формира со цел – во него да се сместат оние кадри кои се вработени и примаат плата, а си седат дома, затоа што немаат никакви работни задачи... Самата идеја за ново министерство кое ќе се занимава со политичкиот систем е апсурдна“.

Според д-р Најчевска, „ако веќе мора да се формира некое ново министерство, тогаш на Македонија и треба Министерство за еднаквост и недискриминација.

Иако СДСМ, додека беше опозиција, ветуваше намалување на бројот на министерства, зашто Македонија и тогаш беше „убедлив негативен рекордер“ според бројот на министри во однос на бројот на жители, сега се најавува дека веќе следната недела пратениците ќе расправаат за иницијативата за формирање на ново министерство, кое со бришењето од законот, ќе го „замени“ Генералниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

И вицепремиерот Бујар Османи денеска потврди дека постои иницијатива за трансформација на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците: „Законодавниот дел од Рамковниот договор е исполнет со донесување на Законот за употреба на јазиците и сега повеќе размислувањата и фокусот треба да бидат на имплементација на законските решенија, на духот на Договорот и новите договори што ги има потпишано државата, но и на односот меѓу заедниците“.

Со ваквото решение, Владата на Република Северна Македонија ќе има 16 министри во ресорните министерства (и уште 11 министри без ресор или вицепремиери без министерство), што е драстично повеќе од државите кои беа дел од југословенската федерација, а кои се слични по бројот на жители - Косово и Словенија, на пример. Македонската Влада ќе има повеќе министри и од кабинетите на сите соседни држави - Србија, Бугарија Албанија и Грција.

Во услови кога Владата е најголемиот работодавач во државата, веднаш следеа реакции на најавите за проширувањето на бројот на места во администрацијата што ќе значат дополнителни зафаќања од буџетот.

Професорката на Катедрата по административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Ана Павловска-Данева, денес објави статус во кој се вели: „На македонската државна управа и е потребно намалување на бројот на министерства и министри, а не создавање нови! Министерство за политички систем - предлог за шеснаесетто министерство во државава! Тажно!“

Дел од медиумите пак, потенцираа дека потребата од формирање на вакво Министерство била посочена како една од идеите на „Тиранската платформа“ од јануари 2017, потпишана од претставниците на ДУИ, Алијансата за Албанците, Беса, ДПА и премиерот на Албанија Еди Рама, во која се иницира „создавање Министерство за политички систем и за односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и за поттикнување на економскиот и на социјалниот развој во неразвиените подрачја; oстварување правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата и остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG