Препораката за преговори е очекувана, многу е сработено, но допрва има уште многу да се работи. Заслугата е на парламентарното мнозинство, но и на граѓаните...Ова се само дел од реакциите по презентацијата на извештајот на ЕК и безусловната препорака да се почнат преговорите меѓу Унијата и Македонија.
Премиерот Зоран Заев попладнево одржа прес-конфренеција на која истакна дека фактот што препораката е чиста и безусловна, значи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ и тоа треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во членство во ЕУ. Најголемата заслуга за напредокот тој ја посочи кај граѓаните кои се бореле за демократија, напредок, слобода и правда и избрале нова власт, но и ја задолжиле да спроведе итни реформи.
„17-ти април е голем ден и датум. Ова е ден кој ќе биде запишан на светлата страна на поновата политичка историја на Република Македонија. Никој да не се сомнева. Најголемата заслуга за овој напредок, за ова успешно спроведување на реформските процеси и ова препознавање на вредноста на реформите ја имаат граѓаните на Република Македонија“, рече премиерот Заев.
Тој нагласи дека Владата ќе остане фокусирана на реформите и истакна дека е оптимист дека во следните неколку недели може да се затвори и спорот со Грција.
„Имаме напредок во овој процес, возможно е во следните неколку недели да се најде решение, ние сакаме тоа да се случи пред самитот на ЕУ . Но сепак најважно е да се реши овој проблем кој е децениски и веројатно последното отворено билатерално прашање на Македонија, притоа секако водејќи грижа за достоинството и идентитетот на двете страни“, изјави Заев.
Околу слабостите кои се нотирани во извештајот тој најави дека ќе се работи посветено и по насоките кои се дадџени од Брисел. Тој истакна дека свои придонес имаат и БЕСА, Алијансата на Албанците и ДПА, но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се врати во Собранието и учествува во работата.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети, ја поздрави безусловната препорака и оцени дека тоа се должи на реформското парламентарно мнозинство кое успеало да ги исполни итните очекувања на официјален Брисел и на меѓународните пријатели. Ахмети изрази задоволство од реализацијата и напредокот на реформите во државата и додаде дека ДУИ ќе продолжи со реформите, со напорите за целосно владеење на правото и со борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Храброста за решавање на отворените прашања се наградува, затоа храбро ќе продолжиме во периодот пред нас и кон решавање на спорот со името, како наша последна пречка кон ЕУ и НАТО“, рече Ахмети.
Пред медиумите се обрати и ЕУ амбасадорот Самуел Жбогар. Тој се осврна на извештајот и ја поздрави стратегијата за реформи во администрацијата, за каде рече дека ЕУ бара итни реформи. Жбогар соопшти и дека правосудниот систем има достигнато одредено ниво на напредок, а Македонија има развиено нова и кредибилна стратегија за реформа во правосудството и тие треба да се спроведат.
„Прашањето со името е дефинирано како нешто што треба итно да се реши односно да се работи на тоа. Во таа насока, преименувањата на аеродромот и автопатот беа спомнати како мерки за градење на доверба“, рече Жбогар одговарајќи на новинарско прашање како ЕУ планира да ни` испорача нешто како одговор за резултатите од реформите ако остане само спорот со името.
Засега без реакција остана само опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Facebook Forum