Линкови за пристапност

Македонија до ЕУ: Ако наскоро нема датум за членство, ќе има сериозни ризици


Ден на ЕУ во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

На традиционалниот појадок со амбасадорите, вицепремиерот Бујар Османи порача дека шансата не смее да биде испуштена

На денот кога се слави формирањето на Европската унија, Македонија ги предупреди земјите -членки дека постојат сериозни ризици, ако земјата наскоро не добие датум за старт на пристапни преговори за членство - нешто што Македонија го чека од 2009-та.

На традиционалниот појадок со амбасадорите, вицепремиерот Бујар Османи порача дека оваа година граѓаните очекуваат да биде клучна и историска, и дека шансата не смее да биде испуштена.

„Губењето на надежта за ЕУ и НАТО ќе придонесе младите и натаму да продолжат да ја напуштаат земјата, намалувајќи ја работната сила и можностите за развој и раст. Загубата на надежта исто така ќе предизвика силен замор од ЕУ и евроскептицизам, и ќе ги зголеми анти-НАТО чувствата. Поделеноста на населението по етничка, религиозна и социјална основа, ќе се продлабочи, што ќе предизвика ранливост на демократските институции“, изјави вицепремиерот Османи.

Одговорот од амбасадорите - претседавачот со ЕУ, Бугарија и евроамабасадорот Самуел Жбогар, беше дека и Унијата очекува датум за преговори, но, и оти тоа ќе зависи од натамошниот напредок во реформската агенда

„Се надевам дека има шанси за време на бугарското претседателство Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ“, изјави Иван Петков, амбасадор на Бугарија во Македонија.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека емјата за една година успеала да постигне импресивен напредок во однос на реформите, како и да придонесе за динамиката на регионот, што е потврдено во извештајот на Европската комисија.

„Но, останува на земјите-членки да ја донесат одлуката за датум за пристапни преговори, и тоа зависи од тоа колку ќе продолжи имплементирањето на задачите. Прашањето не е дали чашата е полупразна или полуполна, туку дека е важно да продолжите да ја полните, како што правевте досега“, рече Жбогар.

Амбасадорите, директно не ја споменаа главната пречка на патот на Македонија кон Брисел - прашањето за името. За ова прашање, во врвот на Владата има сериозна доза на оптмизам дека, и покрај разликите, наскоро е можно решение.

„Мислам дека сега е најдобриот и неповторлив момент да се изнајде решение за долгогодишниот проблем за името. Очекувам најмалку на маргините на Самитот за Западен Балкан во Софија, да се видам со грчкиот премиер Ципрас, и да ги искоментираме досегашните постигнувања помеѓу двајцата министри, а можеби ќе бидеме и похрабри во нашата креатива не велам не, но, во секој случај вредно е да се обидеме до самиот крај. Јас давам шанса на процесот“, изјави премиерот Зоран Заев.

Таа средба е најавена за точно една седмица. На неа, викендов, и претходи преговарачка рунда Нимиц-Димитров-Коѕијас, од чиј исход ќе зависи дали во Софија Заев и Ципрас ќе може да ги направат финалните чекори кон доближување на позициите за можен договор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG