„Сите членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ стојат зад одлуката на лидерот да не ги признае изборите“, изјави Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната изјава на Никола Груевски, според која, оваа партија не ги прифаќа резултатите од Локалните избори 2017, во кои доживеа еден од најтешките порази досега, и бара вонредни парламентарни избори. Според Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ до меѓународните претставници, до ОБСЕ и ОДИХР, доставила видео и фото материјали „за голем број од забележаните нерегуларности, и за изборни криминали. Целата полиција беше ставена на располагање на СДСМ и полициски припадници блиски до СДСМ физички им се закануваа на гласачите кои не се од СДСМ, им забрануваа да излегуваат од својот дом“.
Сепак, и покрај обвинувањата за нерегуларности, за насилство во организација на власта на СДСМ во изборниот процес, како и покрај најавите за поднесување на кривични пријави, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги врати освоените мандати во општинските совети и освоените градоначалнички места.
„Не постои причина зошто градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои победија во вакви услови да ги враќаат мандатите. На тој начин, само би им помогнале на Заев и на СДСМ во узурпацијата на нивната волја и во реализацијата на нивниот план за обезбедување на целосна власт и моќ за да може полесно да тргуваат со националните интереси. Најдобра проверка на сите овие факти, може да добиеме на предвремени избори кои би се организирале по Пржинскиот модел“, сметаат во опозиционата партија, која од 81 можно, освои градоначалничко место во само еден град (Кавадарци) и во четири рурални општини.
СДСМ освои 57 градоначалнички места, меѓу кои и во престолнината Скопје и, со коалициониот партнер ДУИ, во сите 10 скопски, градски општини.
Иако во долгиот говор по вториот круг, Груевски не ја ни спомна личната одговорност, за која стана збор по дебаклот по првиот круг на локалните избори, поради катастрфалниот пораз, претставниците на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа од лидерот Груевски, „да биде маж и да поднесе оставка“
„Жалиме за огромниот пад во поддршката кај ВМРО-ДПМНЕ кај граѓаните како резултат на лошото работење на раководството. Никако не прифаќаме одговорност на месните комитети, туку таа е исклучиво на Никола Груевски. Господине Груевски бидете маж и преземете ја одговорноста, бараме веднаш да поднесете оставка од претседател на ВМРО-ДПМНЕ... Ги повикуваме сите членови на ВМРО-ДПМНЕ да изберат помеѓу патот кон ЕУ или патот на минатото и пропаста. Повикуваме на смиреност, разум и помирување. Бараме веднаш да се отворат општинските и месните комитети за средби и дебата на концептот за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ“, порачаа иницијаторите за реформи.
Покрај промените во парламентарниот состав, поради бројните пратеници на СДСМ, кои сега ќе бидат градоначалници, па ќе ги заменат нивни сопартијци или претставници на коалиционите партнери, изборните резултати, според кои, во албанскиот блок, Демократската унија на Албанците (ДУИ) освои 10 општини, Алијансата за Албанците – 3, Демократската партија на Албанците и Беса по една, (три градоначалници доаѓаат од независните кандидати од листите предложени од групи избирачи и едно градоначалничко место освои Демократската партија на Турците), најверојатно, ќе предизвикаат поместувања и во Владата.
Иако како досегашен министер за здравство Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, со неговата партија беше дел од Владината коалиција, откако беше избран за нов градоначалник на Гостивар, тој остро ги критикуваше премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за влијанието на централната власт врз исходот налокалните избори. Алијансата за Албанците, сепак, се надева дека ресорот здравство и понатаму ќе ѝ припаѓа и дека острата конфронтација со главниот албански партнер во Владата – ДУИ, нема да биде пречка за тоа.
Од друга страна, на социјалните мрежи се појавија и реакции на дел од албанските интелектуалци, кои сметаат дека со лобирањето на претседателот Зоран Заев и на неговата партија СДСМ, пред вториот круг - за изјаснување на ентичките Македонци во градовите каде што се малцинство - за кандидатите на ДУИ, на албанскиот дел од електоратот, му е оневозможено да се избори за вистински промени, со оглед дека ДУИ со години беше партнер и на ВМРО-ДПМНЕ, која ја загуби власта на двете нивоа.
Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, кој не успеа да стане градоначалник на Струга, порача дека не ги признава изборните резултати и оцени дека лидерот на СДСМ Заев, „иако декларативно се залагал за живот, рамноправност и соживот, успеал уште повеќе да ја продлабочи делбата помеѓу етничките заедници во Струга“.
Покрај генерално позитивните оценки за изборите од ОБСЕ/ОДИХР, според чии набљудувачи немало насилство и нерегуларности, и кампањата меѓу првиот и вториот круг генерално се одвивала во мирна атмосфера, но имало наводи за притисок врз гласачите, заплашувања и купување на гласови од различни партии, локалните избори 2017 ќе останат забележани и по менувањето на позицијата на жените на раководните места во македонската политика.
Иако досега, во сите македонски влади имало само дваесетина жени на функција министер, и иако меѓу кандидатите за градоначалници на на овие избори имаше само 11 жени, сепак, меѓу 81 градоначалник, во следниот период ќе има и шест дами.
Во првиот круг од локалните избори, кој се одржа на 15 октомври, функцијата градоначалничка во општините Битола и Арачиново ја добија професорката Наташа Петровска и Меликие Халими од СДСМ. Халими е првата жена градоначалник на Општина Арачиново и прва Албанка, предложена од партија која нема етнички предзнак, која успеала да стане градоначалничка. По вториот круг, уште четири жени, станаа први дами во своите општини. Во Македонска Каменица победи дипломираниот психолог Соња Стаменкова, во Могила - Јасмина Гулевска, а во Старо Нагоричане - Жаклина Јовановска, сите од СДСМ, додека во Тетово повторно беше избрана досегашната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ.
Facebook Forum