Претседателството на Демократската унија за интеграција ноќеска донесе одлука за повлекување на министрите од Владата, односно како што се вели во партиското соопштение, „да ги повлече сите сегашни претставници во извршната власт на Република Македонија“. Според централното партиско раководство, претседателот на партијата, Али Ахмети, добил одврзани раце, односно, тој ги има сите извршни овластувања за носење на одлуки за следните чекори на партијата, која најави и преиспитување на своите политии во следниот период.
Иако од функциите се повлечени вицепремиерите Муса Џафери и Фатмир Бесими, како и министрите Аднан Јашари, Беким Незири, Абдулаќим Адеми, Љирим Шабани и Нурхан Изаири, заега оставки поднесоа само Адеми, Џафери додека министерот Висар Фида е од порано во оставка.
Иако нема официјално објаснување за одлуката, дел од медиумите шпекулираат дека причините се повеќеслојни, но повод, можеби е обелоденувањена прислушувани телефонските разговори на функционери од ДУИ, за кои партијата поднесе претставки и до Специјалното јавно обвинителство. Иако, дел од аналитичарите излегоа со став дека се работи за веќе видено сценарио и договор на коалиционите партнери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, зашто самата одлука за повлекување не е и истовремена оставка на министрите, во медиумите а и во пошироката јавност се уште е отворено прашањето: зошто ДУИ ја напушта Владата, само неколку дена пред распуштањето на парламентот, закаќано за седницата во понеделник на 4 април. На ова прашање најчесто се одговара со наводната инволвираност на меѓународниот фактор, но иако и ДУИ и втората албанска партија од Пржинскиот договор - ДПА, тврдеа дека сите чекори од важност за изборниот процес ќе ги координираат со претставниците на меѓународната заедница, засега за тоа нема официјални потврди.
Така, според законските одредби, во игра се неколку сценарија, дека се работи само за политички блеф на владеачката коалиција за бетонирање на денот на изборите – 5 јуни, преку тези за вовед во подготовка за експертска влада, или за итно распуштање на парламентот и распишување избори, до опцијата за формирање на ново парламентарно мнозинство, во кое теоретски не би морала да биде вклучена владеачката ВМРО-ДПМНЕ.