Жестока полемика меѓу заштитниците на правата животните и искасаните граѓани од кучиња скитници и неконтролирани домашни миленици.
„Животните не се закана во Скопје, ниту во нашата држава, и издвоените случки како оваа, не смеат да бидат третирани со сензационализам. За природата на животните не смее да говори исклучокот, кучето било и ќе биде човеков најверен пријател“, се вели во соопштението на невладината организација „Анима Мунди“, по инцидентот во кој десетина граѓани во скопската Општина Аеродром, беа нападнати и искасани од, според досегашните информации и тврдењата на организацијата, напуштено расно куче.
„Ако се утврди дека кучето кое ги напаѓало граѓаните има сопственик, по утврдувањето на идентитетот на сопственикот, против него ќе се поведе кривично дело за ‘предизвикување општа опасност’, според членот 288 од Кривичниот законик на Република Македонија“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Животните не се виновни што завршиле на улица, и нема да ги снема со убивање, туку само и исклучиво, со масовна стерилизација на бездомните и воспоставување на контрола врз причинителот број еден за нивното постоење - неодговорно чување, неконтролирано размножување, фрлањето на миленици на улица...“, пишува во соопштението на „Анима Мунди“.
По вестите во медиумите и експлозија спротивставени реакции на граѓаните на социјалните мрежи, на кои родителите на нападнатите деца, со фотографии од раскрвавените раце и нозе на каснатите деца, ги повикаа надлежните веднаш да најдат решение за проблемот и најавија тужби за Градот Скопје, викендов следуваа десетина примери во кои несовесни граѓани расфрлувале храна со отров по јавните површини, со која биле отруени незгрижени кучиња, но, било загрозено и здравјето и безбедноста на граѓаните и на нивните домашни миленици.
„По завчерашниот инцидент и каснување на повеќе граѓани од напуштено расно куче, кое со сигурност имало сопственик, во медиумите се пласираа непроверени информации за повторни напади од куче скитник, и со тоа се придонесе за создавање паника, страв и дезинформирање на севкупната јавност“, пишува „Анима Мунди“.
„Лажните податоци не носат добро никому, туку создаваат хистерија, а граѓаните и животните ги изложуваат на многу поголема опасност, опасност од отрови кои во моментов масовно се злоупотребуваат, и од кои и човечки жртви се само прашање на време“, се предупредува во соопштението, во кое се повикуваат институциите да преземат конкретни мерки за превенција, евиденција и казнување „на сите лица кои во храна поставуваат нервни отрови кои се фатални како за животните така и за луѓето и кои дејствуваат во потполна разорна моќ во само 10 минути“.
Според Агенцијата за храна и ветеринарство, ротвајлерот е уловен и однесен во карантин во стационар, каде следните денови ќе контролира можноста за постоење на беснило.
„Се работи за младо куче од расата ротвајлер, кое не е микрочипирано и врз основа на што не е можно да се утврди неговиот сопственик. Со цел подигнување на свеста на населението за важноста на микрочипирањето на домашните миленици како законска обврска, АХВ уште кон крајот на ноември достави барање до Владата на Република Македонија за набавка на 100.000 микрочипови за домашни миленици. Од иднатата година, бесплатно, преку ветеринарните друштва, овие микрочипови ќе бидат аплицирани на домашните миленици“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
И Министерството за здравство апелираше да не се фрла отров за кучиња, со апел за поолема свесност „зошто злоупотребата на овие материи директно го загрозува и здравјето на децата, кои лесно може да дојдат во допир со фрлените отрови на јавни површини“.
Но, викендов беше забележан зголемен бројот на отруени кучиња на скопските улици. Затоа, градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, апелираше граѓаните самите да не преземаат мерки против кучињата-скитници, а градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, потенцираше дека расфрлањето отров не е решение за справување на проблемот.
„Ќе иницирам средба со градоначалникот на Град Скопје и градоначалниците во општините во Скопје, за да се преземат најитни мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници, кои се реална опасност за граѓаните“, вели Богдановиќ.
Градоначалникот Богдановиќ и самиот учествуваше во акција за спречување на масовно труење на домашните миленици и кучињата што живеат на улица, заедно со неколкумина волонтери, со кои ги проверувале фреквентните локации во една населба и го отстранувале поставениот отров.
Според медиумите, на територија на Скопје има над 10.000 кучиња скитници, а капацитетите на стационарот „Вардариште“ се за околу 100 животни.
По неколкунеделните последователни случаи на отруени кучиња во македонската престолнина, во април годинава, неколку стотици активисти за правата на животните протестираа во центарот на Скопје, барајќи реакција од властите и почитување на законите за заштита на животните и за слободната продажба на отров.
Facebook Forum