Линкови за пристапност

Конференција на земјите членки на САД-Јадранската повелба во Охрид


На врвот на агендата - здружените напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способности на силите.

Здружените напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способности на силите се тема на 19-тата Конференција на началниците на генерал-штабовите на армиите од земјите членки на САД- Јадранската повелба која се одржува во Охрид.

„Темите се како да се продлабочи соработката со оглед на тоа што армиите кои се учеснички на Јадранската повелба се мали армии со условно да кажеме ограничени реурси. Сакаме на овој начин да се промовира НАТО концептот кој ние го застапуваме или таканаречена „паметна одбрана“ во која секоја држава ќе развива одредени капацитети и заеднички би биле организирани во мисии надвор од државата и од нашиот регион, истакна началникот на Генерал-штабот на Армијата на Република Македонија“, Методија Величковски.

Според него, прашањето на миграцијата, во официјалниот дел на агендата не е застапено, но како што рече, нема да биде исклучено доколку на маргините на билатералните средби падне дискусија за сето тоа, имајќи предвид дека таа е особено актуелна во регионот.
Началникот на ГШ на АРМ истакна дека македонската армија е постојано на припомош на граничната полиција и помага во побрз транзит на мигрантите низ нашата држава.

„Согласно одлуката на врховниот командант, АРМ распореди дел од своите единици, механизирано-пешадиски, инженериски, за АБХ логистика, се со цел да бидат на испомош на граничната полиција на Министерството за внатрешни работи за да се канализира протокот на мигрантите и да се овозможи побрз транзит низ Република Македонија“, нагласи Величковски.

Командантот на Сојузничката команда на НАТО во Неапол и претставник на САД, адмирал Марк Фергусон во обраќањето пред учесниците на Конференцијата меѓу другото истакна дека иницијативата уредува партнерски односи меѓу армиите на државите потписнички, интегиран пристап во справувањето со безбедосните закани и предизвици.

„Мораме да останеме фокусирани на остварувањето на целите на Повелбата и колективната безбедност, како и придобивките што произлегуваат од неа. Истовремено преку заедничките ресурси, како знаењата и искуствата, да изнајдеме практични, одржливи начини за остварувањето на целите што произлегуваат од партнерските односи во НАТО - членство за кандидатите, како и дополнително оспособување на армиите на државите што се веќе дел од Алијансата, процес во кој сме доволно напреднале за да дозволиме негов застој“, истакна Фергусон.

Тоа, според адмиралот не е лесна задача особено во ЈИЕ, но народите од регионот, преку своите ангажмани во услови на кризи како што беа минатогодишните поплави или учеството во заеднички мисии надвор, членките на А-5 иницијативата само во потврда на заедничката визија за обединета Европа, слободна и без конфликти.

„САД и обединетата команда ќе продолжат да ги поддржуваат заедничките заложби“, истакна Фергусон.

Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно.

XS
SM
MD
LG