Линкови за пристапност

Писмо на МПЦ разгоре дебата на целиот Балкан


Откако медиумите во Македонија ги пренесоа информациите на дел од бугарските медиуми дека Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија испратил писмо до Бугарската православна црква, со барање за воспоставување на „евхаристиско единство со возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“, не стивнуваат реакциите.

Според македонските медиуми, во писмото на Светиот синод на МПЦ-ОА, објавено на Бугарската национална телевизија, стои дека „Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја препознае и признае Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија како ‘Мајка-Црква’, која прва ја прифаќа и признава нејзината автокефалност, истата ја обзнанува и актуелизира, претставува и се застапува за неа, пред Вселенската патријаршија и пред другите помесни цркви“.

До писмото на МПЦ–ОА до БПЦ доаѓа по затоплување на политичките односи меѓу властите во Скопје и Софија, особено по средбите на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Официјалното барање на МПЦ ги содржи заклучоците од седницата на Синодот одржана на 9 ноември 2017 и барањето - со потпишување на согласност од поглаварите на двете цркви, МПЦ да ја признае БПЦ како Мајка-Црква, а БПЦ да ја признае автокефалноста на МПЦ, која ја оспоруваат сите помесни православни цркви, пред сè, Српската, но и Руската православна црква, со што би се воспоставило „евхаристинско единство и меѓу сите епископи на БПЦ“. Тоа, според ставот на МПЦ-ОА, би било основа за понатамошно воспоставување на „евхаристинско единство и со епископите од останатите помесни православни цркви“.

Иако, засега нема официјални реакции ниту од Синодот на МПЦ-ОА, ниту од Синодот на БПЦ и од бугарскиот патријарх Неофит, дел од носителите на политички функции во Бугарија му дадоа поддршка на предлогот.

Европратеникот Андреј Ковачев, од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, за бугарските медиуми, за писмото на МПЦ-ОА до БПЦ, изјави дека е исклучително позитивен чекор што треба да се прифати: „Ова е исклучително позитивно и би рекол дека писмото од Македонската архиепископија е револуционерно. Во овој исклучително поволен момент меѓу двете земји, тоа е многу добар сигнал. Се надевам дека нашиот Синод позитивно ќе одговори и ќе им подаде рака на нашите собраќа“.

Со став дека Бугарија треба да го следи сопствениот интерес, Ковачев ја коментира и можноста ваквиот чекор на БПЦ да влијае негативно врз политичките односи на Бугарија со држави во кои населението е во мнозинство од православно-христијанска вероисповед: „Сепак, станува збор за наши собраќа. Не гледам зошто некој треба да се чувствува засегнат од оваа ситуација. Писмото е одличен знак и уникатна можност во актуелниот поволен политички амбиент да ја прифатиме подадената рака од Македонија. Се разбира, го изразувам моето лично мислење, а решението, сепак, останува на Синодот на БПЦ“.

Иако Македонската православна црква прогласи автокефалност пред 50 години, во 1967 година, според канонските правила, на кои се повикуваат и останатите помесни православни цркви, таа е обврзана најнапред да го реши спорот со Српската православна црква. Но, долгогодишниот црковен спор меѓу Македонската и Српската црква, со децении е на мртва точка, иако имаше обиди да се влијае за негово решавање и од политичката сфера.

Медиумите цитираа изјава на митрополитот на МПЦ, Наум, според кого, автокефалноста на Македонската православна црква, не се признава од политички причини, но дека „Бугарската православна Црква ја има единствената шанса со самото признавање да стане мајка на Македонската православна црква“.

Според изјавата на митрополитот Наум за бугарските медиуми, „сега бугарската црква може да дојде во ситуација, таа еднострано да ја прогласи автокефалност, со што ќе го урне тој принцип на консензус. Ова барање нема да наиде на одобрение од Руската црква која сите овие години се водеше за воведување на тој консензус за да ја амортизира улогата на Вселенската патријаршија во православниот свет, и се праќа порака кон Белград дека СПЦ не може бесконечно да го пролонгира решавањето на македонското црковно прашање“.

Токмупоради неопходниот конзензус меѓу православните цркви, не се ретки коментари на аналитичарите кои ги следат односите во православниот свет, дека и барањето на МПЦ-ОА и евентуалниот позитивен одговор на БПЦ, би предизвикал ново продлабочување на недоразбирањата, особено на Бугарската со Српската и со Руската православна црква. Македонската информативна агенција го пренесе пишувањето на грчкиот црковен сајт Ромфеа.гр, според кој, барањето на МПЦ-ОА за евхаристиско единство со БПЦ ќе предизвика и реакции во грчкото општество и во Грчката православна црква.

Неодамна, поранешниот претседател на Бугарската академија на науките, Стефан Воденичаров, сепак, го повика бугарскиот патријарх Неофит „да го преземе местото на духовен татко и да разбере дека е правилно да го поддржи народот во Македонија“,

Деканот на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“ во Скопје, професорот д-р Ѓоко Ѓорѓевски во изјава за МИА, потенцира дека „на Балканот целото православие е ‘роднински’ поврзано, а речиси сите современи национални цркви, како ‘мајка’ ја имаат Цариградската патријаршија“. Според него, „сега, пак, конечно се наѕира можно праведно ‘соломонско решение’ за македонското црковно прашање. Во буквална смисла на зборот“.

Паралелно со дебатите во Македонија и Бугарија, Српската православна црква на својот официјален сајт, ја објави пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во корист на Православната Охридска архиепископија на архиепископот Јован (Вранишковски) кого СПЦ го признава, а за МПЦ-ОА е само поранешен, расчинет владика. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, на 16 ноември, пресуди во корист на ПОА по нејзината тужба против Македонија, „заради одбивање на власта во Скопје да ја регистрира како посебна верска заедница“, пишува сајтот на СПЦ.

Според Судот, „Македонија го прекршила членот 11 (Слобода на собирање и здружување), а во врска со член 9 (Слобода на мислење, совест и религија), од Европската конвенција за човекови права, поради одбивање на надлежните да ја регистрираат ПОА како посебна верска заедница“, и затоа, државата Македонија, е должна на тужителот, односно на ПОА на архиепископот Јован, да ѝ исплати отштета од 9.500 евра. Според соопштението, Православната Охридска архиепископија е автономна црква под јурисдикција на СПЦ, и единствена канонски признаена автономна православна црква на територијата на Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG