Дванаесет години по одржувањето на последниот попис, и еден неуспешен обид за негово спроведување пред три години, не се знае колку точно население живее на територијата на Македонија; нема прецизна слика за националната, етничката социјалната и секоја друга различност. Во меѓувреме се одржаа и неколку изборни циклуси, редовни, вонредни и предвремени, често под сомнежот дали бројот на гласачите е реален.
Или требаше државата да влезе во апсење на илјадници луѓе што учествуваа во тоа, нормално прво со обезбедување на докази, па приведување, изнесување пред суд, или да ги остави да си ја завршат работата како што тргнале. Државната пописна комисија одлучи да свири крај, да го прекине натпреварот.Премиерот Никола Груевски за несупешниот обид за спроведување на пописот пред три години
„Не можете да спроведете, на пример, успешна политика за регионален развој ако немате попис на население. Исто така, не знаете какви образовни политики треба да развивате, какви образовни институции треба да отворите, колку основни училишта, колку средни училишта. Исто така, не знаете, ако не следите какви се миграциите; и од економски развој, исто така, развој на инфраструктура, развој на транспорт. Тешко дека ќе можете и избирачкиот список да го сметате за релевантен“, вели Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар, една од невладините организации што покренаа иницијатива поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско општество и Фондација Отворено општество Македонија, за подигнување на јавната свест за важноста на пописот, наречена „Пописот е демократија, а не само етничка бројка!"
Не можете да спроведете, на пример, успешна политика за регионален развој ако немате попис на население.Билјана Бејкова, НВО Инфоцентар
До лани, Македонија и Босна и Херцеговина беа единствените земји на Балканот без капацитет да спроведат попис на населението. Но, минатата година, Босна ја заврши оваа многу повеќе од статистичка операција. Според најавите од властите, тоа нема да се случи во Македонија ниту годинава.
Кога би имало попис, би имале подобра и посериозна слика на луѓето кои имаат право да гласаат. Постои недоверба во избирачкиот список. Ние не можеме да ја вратиме довербата во избирачкиот список, доколку нема попис.Никола Рилкоски, претседател на ДИК
„Не е планиран попис на населението за идната година и затоа нема планирани средства во Буџетот за 2014-та година кои би биле наменети за негово реализирање“, изјави лани во октомври тогашниот и сегашен министер за финансии Зоран Ставрески, образложувајќи ги предлог - буџетот за оваа година.
Пописот не е само статистичка операција, туку и база на сите планирања во една држава, и без него се доведува во прашање валидноста на податоците со коишто во моментов се располага, смета Дончо Герасимовски, поранешен директор на државниот Завод за статистика.
Свесни сме дека пописот е вовлечен во амбисот на валканиот политички и етнички амбиент во Македонија.Насер Пајазити, новинар
„Без попис нема идни планирања. Од пописот произлегуваат проекции на населението во понатамошниот период, за 25, за 30, за 50 години како ќе се движи. Ние насекаде може да сретнеме, во Светска банка, или во Евростат, какви се состојбите во одредена земја. Меѓутоа, тие се темелат и се прават на основа на спроведен попис и се прават проценки секоја година“, објаснува Герасимовски. Тој додава дека се нереални барањата да се спроведе попис до крајот на годинава, бидејќи освен политичка волја, што во моментов и не постои, потребна е и стручна подготовка, што не се стекнува за два, три или четири месеци.
Без попис нема идни планирања. Од пописот произлегуваат проекции на населението во понатамошниот период, за 25, за 30, за 50 години како ќе се движи.Дончо Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика
И за претседателот на ДИК, основен предуслов за реален избирачки список е токму пописот.
„Пописот нуди можност да се види колкаво население живее тука, а колку е иселено. Исто така, нуди можност да се види застапеноста на другите националности, па и родовата и имотната состојба на граѓаните. Иако сите овие параметри се променети од последниот попис, ние сè уште немаме можност тоа и официјално да го потврдиме. Кога би имало попис, би имале подобра и посериозна слика на луѓето кои имаат право да гласаат. Постои недоверба во избирачкиот список. Ние не можеме да ја вратиме довербата во избирачкиот список, доколку нема попис“, вели Никола Рилкоски.
Со обвинувања за обид за фалсификат, бојкот, одложување и оставки на претседателот и на заменикот на Државната пописна комисија, пописот во 2011 –година доживеа дебакл. Но, она што како впечаток остана по деветмесечниот мачен процес на планирање и неславен почеток, е неговата заплетканост во политичката мрежа.
„Свесни сме дека пописот е вовлечен во амбисот на валканиот политички и етнички амбиент во Македонија. Во таква клима, многу тешко е спроведување попис кој ќе обезбеди детални и сеопфатни податоци за структурата на населението и други карактеристики. За Албанците, овој процес сигурно дека е многу важен. Но, тоа што е најважно е институциите и релевантните фактори во земјата ја имаат одговорноста за подготовките и спроведувањето на оваа операција, која треба да рефлектира доверба кај граѓаните и тоа и кај Албанците. Албанците како дел од населението во Македонија сакаат да ја знаат реалната слика во нашата земја во однос на демографскиот, економскиот и социјалниот аспект. Албанците се многу заинтересирани за спроведување на пописот, но се гледа дека нема подготвеност на институциите кои се одговорни за овој процес“, мисли новинарот Насер Пајазити.
Премиерот Никола Груевски се изјасни околу пописот во месец март, на ТВ-гостување.
„Многу е тешко да се направи попис сега за да нема, да не употребам некој збор, еве да речеме неправилности, да не речам фалсификати или потешки зборови. Ние се соочивме со една ситуација каде тргна пописот и според она што го имам како информација од пописната комисија и личните информации, имаше масовни, во вистинска смисла на зборот, обиди за нерегуларности, најблаго кажано. Или требаше државата да влезе во апсење на илјадници луѓе што учествуваа во тоа, нормално прво со обезбедување на докази, па приведување, изнесување пред суд, или да ги остави да си ја завршат работата како што тргнале. Државната пописна комисија одлучи да свири крај, да го прекине натпреварот“, рече Груевски.
Тој најави дека ќе се смени концептот на пописот, со набавка на посебен софтвер, со што, како што рече, „точно ќе се евидентира присуството на секој граѓанин во секој момент, кој е во земјата, а кој не е“, и врз него да се направи попис за секој да може да се искаже по етничка и верска припадност. Премиерот тогаш најави дека по изборите ќе биде распишан меѓународен јавен повик за набавка на таков софтвер. Во меѓувреме, по поминати три години, и Обвинителството треба да открие кој во 2011-та подготвувал фалсификат и зошто, и каде се потрошени буџетските пари за неуспешниот попис.